Има ли рецепт за среќа? Професорот Пендароски подготви дневно мени и клуч за среќо-тест

Има ли рецепт за среќа? Професорот Пендароски подготви дневно мени и клуч за среќо-тест

Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Колку денови има месецов, ќе дојде ли конечно тој 1-ви?, Што ако ја задоцнам ратата за кредит од 5 до 50 дена, А да застанеше вагава на иста бројка, конечно! Ај од утре на диета, Пак ќе заглавам на работа, да се јавам комшивката да го причува детето, Договорот ми е на определено!, Нема мој термин, ќе молам за приоритетен...

Колкав е купот на загрижувачки мисли што ни минуваат низ глава во текот на само еден ден? Има ли врв и дно? Па кога ќе се помешаат и јадосувачките... И каква е таа ментална хигиена во македонски услови?
Ова, се чини, се сосема логични мисли и прашања на луѓе што со децении живеат во транзиција, која кај и да е може и ќе заврши, од избори до избори, економија која ете „сега ќе процвета“, а образование и здравство што „ќе станат достојни за граѓаните“...

Дефиниции има, знаеме дека е чувство, ама има ли рецепт за среќа во такви услови?
Па ако за чувствата се „задолжени“ психолозите, ги прашавме токму нив.

Мирослав Пендароски, универзитетски професор, не кажа, туку во својот специфичен стил напиша рецепт и мени за среќа, а додаде и клуч за среќо-тест.



Прочитајте што предлага.

Среќа 1 – калапче од убавини завиткано во хартија која брзо се троши!
Среќа 2 – кула од карти многу грижливо редени со потенцијал брзо да се претворат во минато!
Среќа 3 – додека си ја помислил... некој друг ти ја лапнал!
Среќа 4 – многу зезната апстрактна именка со уште поапстрактен приод особено за луѓе што навикнале да одат праволиниски, притоа газејќи го она малку од истата (среќата) на патот наречен – потрага по среќата!

Знам, знам, ви се прислоши кога прочитавте колку посакуваните нешта се всушност невидливи за „ќоравото“ око на „севидливиот“ материјалист. И знаете што?! Баш ми е гајле дали се сложувате со мене или не, сè додека помислата колку се мачите додека го размислувате нештото кое се чувствува ме прави среќен. Е па ако сте само уште еден од сите трагачи по среќа, седнете удобно на фотелјата која, ако не ве усреќува, барем ве прави задоволни и читајте:

1. Усреќувачки мисли:

- Помисли на розов слон во када полна со сапуница кој гледа серија во која мравките зборуваат за значењето на тежината и ќе се насмееш...

- Секогаш кога некој ти е непријатен или не го сакаш, замисли го во шарени гаќи на фреквентна раскрсница и ќе се урамнотежиш...

- Кога те боли левата нога, помисли на некој што ја нема и десната и сети се дека ти ги имаш двете, само што едната те боли... и ќе ти олесни...

- Помисли дека лани во исто време не беше посреќен, ама ниту помалку среќен и дека како ти беше, зависеше само од тоа што и како мислиш... и ќе ти дојде поубава замисла...

2. Усреќувачки препораки:

- Препорачај си сам на себе дека утре нема ништо да си препорачуваш и ќе сфатиш дека си среќен што не мораш ама баш ништо препорачливо да си препорачуваш, додека сите други што се несреќни те подучуваат, секогаш препорачливо да си препорачуваш најнепрепорачливи нешта... И ќе станеш непрепорачливо, ама ендемично опуштен...

- Кога ќе станеш на лева нога, наместо да ја масираш, помисли дека најверојатно само си спиел на неа минатата ноќ и насмевнувајќи се ќе сфатиш дека си разбрал оти среќата лежи во малите и глупавите нешта... и ќе станеш скромен...

- Ако мислиш за себе дека си грд, нетрпелив и никаков, ти препорачувам да видиш како некој што навистина е приближно таков се доживува инаков... и ќе ти разубави...

- Отвори го вечерва твојот дневник со препораки, избриши ги сите недоквакани правила за усреќување, нацртај големо огледало, погледни се внатре и замисли дека си сето она што отсекогаш си го сакал за себе си... И ќе се почувствуваш вреден за своето внимание и евентуално за вниманието на некој што заслужил да му дозволиш да ти го покаже...



3. Усреќувачки рецепти:

а) Појадок:

- Лесен шејк од тешки емоции кои добро ќе ги сомелеш за да ти се мавнат од трпезата на животот, прелиени со тон и пол посакувани глупости кои, поради минатите тешко-калорични појадоци, си ги имаш забранувано... И ќе станеш виток...
- Чаша јогурт обезмастен од презаситена туѓа негативна енергија што си ја кркал синоќа додека си се надевал дека ќе си легнеш расположен... И ќе се ослободиш...

б) Ручек:

- Силно запржен лански грав, потпечен до смрдеа, зачинет со феферонки од баба ти и сервиран без врска, за да им пратиш неколку гасовити поздрави на сите твои душегрижници додека ти спремаат вечера од зло и пакост... И ќе уживаш во „мило за драгото“
- Дебело црвено вино во голема чаша... И ќе се почувствуваш вистинито...

в) Вечера:

- Две свежи варени јајца снесени во дворот на соседот чии кокошки се среќни, бидејќи се глупави... и ќе оглупиш среќно...
- Попара од ракатка, разноразни јаткасти плодови од дрвото на среќата и земјата на задоволството наречена љубовна поезија во телесен облик... И ќе станеш сабајле наспан и екстатичен...

Клуч за среќо-тестот: Погледни ги сите болдирани зборови и ќе сфатиш дека среќата е: насмевка, леснотија, рамнотежа, убава замисла, опуштеност, скромност, убавина, витост, вредност, слобода, праведно возвраќање некому, вистинитост, наспаност, екстаза, а богами понекогаш и доза оправдана глупавост! Сето ова и сето она и сето тоа што го знаеме или не, ама е тука некаде... Ајде сега, одам јас и... среќно!