Еве колку може да ви го продолжи животот едночасовното пешачење секој ден
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Неодамнешно истражување го нагласува длабокото влијание на секојдневното вежбање врз животниот век на една личност. Истражувачите од Универзитетот „Грифит“ во Австралија ги анализирале податоците од фитнес-тракерите во САД и откриле дека дополнителен час пешачење дневно може да го зголеми животниот век за шест часа кај 25 отсто од најмалку активните луѓе.
Доколку сите би биле активни колку и најактивните 25 отсто од населението, луѓето постари од 40 години во просек би можеле да живеат дополнителни 5,3 години. За најмалку активните 25 отсто од поединците, дополнителен час пешачење ќе додаде 376,3 минути (околу 6,3 часа) на очекуваниот животен век.
Во анализата биле користени податоци од Националното истражување за здравје и исхрана, следејќи ја метриката на активноста на уредите за носење. По приспособувањето на нецелосните податоци од 824 учесници, истражувачите ги споредиле резултатите со моделот на животната табела и претходните истражувања за вежбање и смртност.
- Ова не е нешто што не би можеле да го правите, ова веќе го прават 25 отсто од Американците - вели Ленерт Верман, професор по јавно здравје на Универзитетот „Грифит“ и додаде дека достигнувањето на врвот на четвртина од најактивната популација е еквивалентно на речиси три часа дневно пешачње.
Дури и скромното зголемување на физичката активност носи значителни здравствени придобивки, ги намалува ризиците од смртност и ја подобрува благосостојбата. Верман го истакна потенцијалното општествено влијание од ова. Кога би можеле да ги зголемиме инвестициите во промовирање на физичката активност и создавање животни средини кои ја промовираат, не само што би можеле да ја зголемиме долговечноста, туку и ќе го намалиме притисокот врз нашите здравствени системи и животната средина, смета тој.
Фото: Freepik