Какаото и зелениот чај можат да ве заштитат од негативните ефекти на мрсната храна
Ново истражување покажало дека какаото може да го заштити васкуларниот систем на телото од стрес, дури и по јадење храна богата со маснотии.
Изборот на храна во периоди на стрес може да влијае врз кардиоваскуларното здравје. На пример, неодамнешно истражување од Универзитетот во Бирмингем покажало дека храната со висока содржина на масти може негативно да влијае врз васкуларната функција и испораката на кислород до мозокот, а во меѓувреме соединенијата на флаванол што ги има во изобилство во какаото и во зелениот чај можат да ја заштитат васкуларната функција.
Сега, во една нова студија, истиот истражувачки тим открил дека пиењето какао со висока содржина на флаваноли, во комбинација со масен оброк, може да се спротивстави на дел од влијанието на масната храна и да го заштити васкуларниот систем од стрес.
- Знаеме дека кога луѓето се под стрес, јадат храна богата со маснотии. Претходно покажавме дека мрсната храна може да го наруши васкуларното закрепнување на телото од стрес. Во оваа студија сакавме да видиме дали додавањето храна богата со флаваноли ќе ги ублажи негативните ефекти од влијанието на стресот - објаснува д-р Катарина Рендеиро, асистент по нутриционистички науки на Универзитетот во Бирмингем и водечки автор на студијата.
- Флаванолите ги има во различни овошја, зеленчук, чај и јаткасти плодови, вклучувајќи бобинки и непреработено какао. Познато е дека флаванолите имаат здравствени придобивки, особено за регулирање на крвниот притисок и заштита на кардиоваскуларно здравје. Зедовме група млади здрави возрасни луѓе и им дадовме два кроасани со 10 г солен путер, 1,5 кришки чедар и 250 мл полномасно млеко како појадок и какао со високо ниво на флаванол, или пијалак од какао со ниско ниво на флаванол. По период на одмор, ги замоливме учесниците да пополнат тест по ментална математика. За време на 8-минутниот период на одмор и 8-минутниот ментален математички тест, го меревме протокот на крв на подлактницата, кардиоваскуларната активност и оксигенацијата на ткивото на префронталниот кортекс (PFC), а исто така, ја меревме васкуларната функција со помош на дилатација, посредувана од прогнозирачка мерка за иден ризик од кардиоваскуларни болести. Оваа стресна задача предизвика значително зголемување на отчукувањата на срцето и крвниот притисок, слично на стрес со кој може да се сретнете во секојдневниот живот - истакнала Розалинд Бајнхам, првиот автор на трудот.
Тимот потврдил дека консумирањето масна храна со пијалак со ниско ниво на флаваноли ја намалило васкуларната функција и траело до 90 минути по завршувањето на стресниот настан. Наодите, исто така, покажале дека пијалакот од какао со висока содржина на флаваноли бил ефикасен во спречувањето на падот на васкуларната функција по стресот и потрошувачката на маснотии.
- Современиот живот е стресен и влијанието на стресот врз нашето здравје е добро документирано, така што сите промени што можеме да ги направиме за да се заштитиме од некои од симптомите на стрес се позитивни - заклучува Џет Велдхујзен ван Зантен, професор по биолошка психологија на Универзитетот во Бирмингем.
Извор: sciencedaily.com
Фото: Freepik