Нова равенка може да открие скриени астероиди кои би можеле да ја погодат Земјата
Кога Земјата би била разнесена од астероид, би било убаво да има предупредување однапред – или за да направиме нешто во врска со тоа или едноставно да најдеме мир во нашата претстојна пропаст. Една нова равенка ни дава подобра шанса во предвидувањата.
Работата на физичарот Оскар дел Барко Новило од Универзитетот во Мурсија, Шпанија, се занимава со гравитациското свиткување на светлината (ГБЛ) - нешто со што физичарите се борат со децении. Како резултат на ова свиткување, предметите не се секогаш таму каде што изгледаат дека се во вселената.
- Основното значење на нашата нова равенка е нејзината висока точност за пресметката на аголот на ГБЛ - истакнал Дел Барко Новило.
Знаењето како се свиткува светлината околу Сонцето и другите масивни објекти на Сончевиот Систем, значи дека можеме попрецизно да ги следиме помалите објекти во вселената, вклучувајќи ги и џуџестите планети, комети и астероиди кои се движат директно кон нашата планета.
- Нашата студија, која се заснова на геометриски оптички модел, дава равенка за најточна пресметка досега на аголот на ГБЛ од статички масивен објект - како што е Сонцето или планетите во Сончевиот Систем. Ова може да има импликации врз прецизното позиционирање на далечните ѕвезди, како и точната локација на малите објекти од Сончевиот Систем како астероидите, за подобра процена на нивните точни орбити - вели Дел Барко Новило.
Научните великани како Њутн, Солднер, Дарвин и Ајнштајн идентификувале и се обиделе да го пресметаат ГБЛ, но оваа нова равенка додава поголема точност од претходно. Делумно, ова се прави со инкорпорирање на конечни, наместо бесконечни растојанија во броевите.
Дел Барко Новило ја потврдил својата нова равенка преку посложени нумерички симулации, како и споредби со претходните пресметки и поврзаната формула за временско одложување „Шапиро“. Во секој случај се покажало дека е точна.
- Различни гранки на астрономијата и астрофизиката, како што се небесната механика или ѕвездената динамика, може да имаат корист од овој нов резултат - објаснува Дел Барко Новило.
Покрај попрецизното следење на орбитите на астероидите низ вселената, равенката може да се покаже корисна на повеќе начини. Може да ни даде подобар увид во Проксима Кентаур, на пример, следната најблиска ѕвезда до Земјата, по Сонцето.
Исто така, може да помогне во мисијата „Евклид“ што моментално ја презема Европската вселенска агенција: во потрагата по темната материја, таа ја исцртува позицијата на милијарди галаксии во космосот, оддалечени до 10 милијарди светлосни години.
- Тоа би можело да биде од голема важност во пронаоѓањето прецизна локација на малите небесни објекти во нашиот Сончев Систем и, следствено на тоа, подобро определување на нивните орбити околу Сонцето. Новото истражување треба да биде важно за астрономите и астрофизичарите кои работат на ултрапрецизни мерења на астрометрија, особено во студиите за гравитациони леќи - заклучил Дел Барко Новило.
Извор: sciencealert.com
Фото: Freepik