Почетна
Студенти
Поимник за студенти
Студентски лексикон
Студентски лексикон
Универзитет
Универзитетот е највисока автономна високообразовна, научна, односно уметничка установа која го обезбедува единството во вршењето и развојот на високото образование, науката, уметноста и стручноста и непосредно и преку своите единици од различни студиски подрачја, пренесува сознанија од повеќе научни, односно уметнички подрачја и дисциплини. Во состав на универзитет може да има и придружни членки. Условите за пристапување и правата и обврските на придружните членки се уредуваат со статутот на универзитетот.
Факултет
Факултет е високообразовна установа која врши високообразовна, научно-истражувачка и применувачка високостручна дејност во студиско и научно-истражувачко подрачје, според студиска програма на една или повеќе сродни и меѓусебно поврзани наставно-научни, односно уметнички или стручни области од прв, втор и трет циклус на студии.
Уметничка академија
Уметничка академија како факултет е високообразовна установа која врши високообразовна и уметничка дејност и научно-истражувачка работа во една или повеке сродни, односно меѓусебно поврзани наставни и уметнички области и се грижи за нивниот развој. Ако уметничка академија го носи називот "факултет" се применуваат одредбите од овој закон што се однесуваат на факултет. Уметничка академија како висока стручна школа врши стручни студии од подрачјето на една или повеќе сродни, односно меѓусебно поврзани стручни уметнички области и се грижи за нивниот развој.
Висока стручна школа
Висока стручна школа е високообразовна установа која врши високообразовна или уметничка дејност како додипломски стручни студии, специјалистички стручни студии и применувачка дејност од подрачјето на една или повеќе сродни, односно меѓусебно поврзани струки (стручни области). Високата стручна школа може, под условите утврдени со закон, да врши и научно-истражувачка, односно уметничка работа, ако тоа е утврдено во статутот на универзитетот како единица на универзитет, односно со нејзиниот основачки акт, ако е основана како самостојна високообразовна установа.
Научен институт
Научен институт во состав на универзитет како негова единица може да врши високообразовна дејност за студии од втор и трет циклус во рамките на научната област за кој е основан, ако е акредитиран за вршење на овој вид студии и има решение за почеток со работа, на начин и според услови утврдени со статутот на универзитетот. Научен институт кој не е во состав на универзитет може да врши високообразовна дејност за студии од втор и трет циклус во рамките на научната област за која е основан, ако ги исполнува условите за вршење на високообразовна дејност, ако е акредитиран за вршење на овој вид студии и ако има решение за почеток со работа.
Високообразовна установа на верска заедница
Факултети или академии кои се основани од верските заедници можат да ги имаат правата и обврските на високообразовна установа определена со овој закон, ако ги исполнуваат условите од овој закон за основање на високообразовна установа и за вршење на високообразовна дејност (во натамошниот текст: високообразовна установа на верска заедница). Високообразовна установа на верска заедница може да биде во состав на универзитет како придружна членка. Положбата на високообразовна установа на верска заедница во составот на универзитет се определува и уредува со договор склучен во писмена форма меѓу универзитетот и основачот на високообразовната установа на верска заедница. Условите за пристапување на високообразовна установа на верска заедница кон универзитетот, како и нивните права и обврски, се уредуваат со статутот на универзитетот.
Странска високообразовна установа
Странска високообразовна установа, на која и е признато правото да врши високообразовна дејност, односно е акредитирана за вршење на високообразовна дејност во земјата во која и е седиштето, врз основа на одобрение од Владата на Република Македонија, по претходно мислење од Одборот за акредитација, може на некој од светските јазици да врши високообразовна дејност на територијата на Република Македонија.
Ректор
Ректорот е раководен орган. Ректорот го претставува и застапува универзитетот во земјата и странство. Ректорот се избира од редовните професори и од научните советници за време од четири години, со право уште на еден избор. Ректорот се избира на начин и под условите утврдени со статутот на универзитетот. Ректорот ја врши својата должност професионално и своите права од работен однос ги остварува според договор склучен со сенатот. Со договорот се уредува и обемот на неговиот ангажман на наставник кај единицата од која е избран, кој не може да биде повеќе од 30% од работното време.
Универзитетски совет
Универзитетскиот совет има најмногу 11 члена. Од вкупниот број членови на универзитетскиот совет шест члена именува сенатот на универзитетот, од лицата кои не се членови на сенатот, од кои најмалку еден е студент; три члена именува основачот; еден член именува организацијата на работодавачите во Република Македонија и еден член именува единицата на локалната самоуправа. Во работата на универзитетскиот совет учествува и ректорот без право на глас.
Декан
Деканотот, односно директорот на високата стручна школа го претставува факултетот, односно високата стручна школа во земјата и странство во согласност со статутот на универзитетот, односно на самостојната високообразовна установа. Вршењето на должноста декан и продекан, односно директор на висока стручна школа е неспојливо со вршење на друга државна функција или функција во политичка партија.
Прв циклус на универзитетски студии
Првиот циклус на универзитетските студии, по правило трае од три до четири години и со неговото завршување стекнуваат од 180 до 240 ЕКТС кредити. Овие студии ги оспособуваат студентите за влез во вториот циклус на универзитетски студии и им се дава можност за вработување на одредени стручни работни места. Во меѓународниот промет и дипломата на англиски јазик, академскиот назив по завршување на првиот циклус на студии е Bachelor.
Втор циклус на универзитетски студии
Академските универзитетски студии од вториот циклус траат една до две години и со нивното завршување стекнуваат од 60 до 120 ЕКТС кредити. Овие студии можат да траат и подолго доколку тоа е во согласност со меѓународно прифатените стандарди за даден профил. Вкупниот број на кредити кои се стекнуваат на првиот и вториот циклус на универзитетските студии изнесува 300 ЕКТС кредити. Во меѓународниот промет и дипломата на англиски јазик, научниот назив по завршување на вториот циклус на студии е мастер.
Трет циклус на универзитетски студии - докторски студии
Докторските студии траат, по правило, три години и носат 180 ЕКТС кредити. Со јавната одбрана на докторскиот труд стекнува научен назив доктор на науки (др.сц) односно доктор по уметности (др.арт). Докторските студии можат да се запишат по завршувањето на вториот циклус на академски студии.
Стручни студии
Стручните студии се спроведуваат на универзитети и високи стручни школи. Стручните студии траат три години и со нивно завршување се стекнуваат 180 ЕКТС кредити. По исклучок, стручните студии можат да траат четири години доколку тоа е во согласност со меѓународно прифатените стандарди и со тие студии стекнуваат 240 ЕКТС кредити.
Демонстратори
На факултетите, односно високите стручни школи од редот на студентите кои завршиле трета година на студии со вкупен просечен успех од најмалку 8,00 (осум), или од студентите на студии од втор и трет циклус можат да се избираат демонстратори. Демонстраторите учествуваат во наставно-образовниот процес во обем определен со студиската програма. Високообразовната установа и демонстраторот склучуваат договор со кој ги уредуваат меѓусебните права и обврски.
Испит
Испитот најчесто се полага усмено, писмено или практично. За исполнувањето на обврски за полгање на испитот (по делови или во целина) студенот може да оствари најмногу 100 поени или да добе позитивна оценка која се изразува до 10 (десет), при што оценката 5 (пет) означува недоволен успех.
Автономија на универзитет
Опфаќа академска слобода, самостојно одлучување и управување и неповредливост на универзитетскиот простор
Агенција за евалуација
Тело кое врши надворешна оцена на квалитетот на високообразовната установа и остварувањето на нејзината дејност
Високо образование
Образование кое се однесува на студиски програми кои се остваруваат на универзитети и самостојните високообразовни установи
Високообразовна квалификација
Е стручен, односно научен назив за завршена студиска програма од прв, втор, или трет циклус на високо образование, стекната на високообразовна установа во Република Македонија или во друга земја, која е акредитирана и има одобрение за вршење на високообразовна дејност
Документ за делумно завршена студиска програма
Документ за делумно завршена студиска програма е сертификат или друг документ за стекнати студиски кредити, завршени години, семестри, испити, модули, делови од студиска програма, односно за завршени обврски по студиска програма за стекнување на високо образование, кој го издава високообразовната установа според прописите на соодветната држава
Диплома
Диплома е јавен документ издаден од високообразовна установа со кој се докажува стекнато високо образование од прв, втор или трет циклус, потребно за продолжување на образованието или за започнување со вршење на соодветна професија
Додаток на диплома (Диплома Супплемент)
Додаток на диплома (Диплома Супплемент) е составен дел на дипломата која содржи податоци за имателот на дипломата, информации кои поблиску ја определуваат квалификацијата, нивото на квалификацијата (стручниот, односно научниот назив) системот и содржината на студиите и постигнатите резултати, како и податоци за академските и професионалните можности кои ги дава квалификацијата за натамошни студии и професионален статус, дополнителни информации според природата на студиската програма и нивниот извор, датум и потпис и информации за националниот високообразовниот систем
Доживотно учење (Lifelong Learning)
Доживотно учење (Lifelong Learning) е облик на континуирано учење во текот на целиот живот заради усовршување, дополнување, продлабочување и осовременување на знаењето
Евалуација
Евалуација е процена на квалитетот на високото образование која опфаќа бројни експлицитни процедури за проценување на квалитетот во институциите за високо образование, на академскиот кадар и на нивните студиски програми според прифатените постапки и стандарди и водичот (насоките) за евалуација усвоени од европските институции за евалуација во високото образование и други организации и асоцијации кои имаат улога да ги воспоставуваат и применуваат европските стандарди и упатства за евалуација на европскиот простор за високо образование.
Единица на универзитет
Единица на универзитет е факултет, уметничка академија и висока стручна школа како високообразовна установа во состав на универзитет, со права и обврски определени со овој закон и статутот на универзитетот. Единици на универзитет се и научни институти со права и обврски определени со Законот за научно-истражувачка дејност, овој закон и статутот на универзитетот
Кофинансирање на студиите
Кофинансирање на студиите значи износ на парични средства за покривање на трошоците за студирање кој, студентот, чие образование не се финансира од Буџетот на Република Македонија, има обврска да го плати на државна високообразовна установа.
Кредит трансфер систем
Кредит трансфер систем е заедничка процедура што се воспоставува според Европскиот кредит трансфер систем (ECTS-European Credit Transfer System), која овозможува: опис на обврските (оптовареноста) на студентот или на обемот на обврските за завршување на студии; валоризација на завршениот обем на студии и одмерување и споредба на достигањата од учењето и нивен пренос од една на друга високообразовна установа, во кој кредитот го изразува квантитетот на работата што ја бара студиската програма во однос на вкупниот квантитет на работата што се бара за да се заврши академска година на студии
Кредит
Кредит е мерна единица за вреднување на работата која студентот во просек ја врши, односно оптоварувањето на студентот во кое се сметаат предавањата, семинарите, вежбите и други облици на организирана студиска работа. Кредитот му се доделува на студентот и се регистрира во неговото досие кога ќе ја исполни студиската обврска;
Неформално учење
Неформално учење се курсеви, пролетни и зимски универзитети, програми за оспособување и други облици на учење, кои не се дел од студиските програми за стекнување на високо образование и за кои не се издава диплома.
Организациона единица
Организациона единица во состав на универзитет е внатрешна организациона форма на универзитетот организирана според статутот на универзитет или со одлука, односно општ акт донесен врз основа на статутот на универзитетот за чии обврски неограничено одговара универзитетот кој ја организирал
Партиципација
Партиципација е износ на парични средства што го определува Владата на Република Македонија, кој се наплатува од студентите запишани на државна високообразовна установа, чие образование се финансира од Буџетот на Република Македонија.
Придружна членка на универзитет
Придружна членка на универзитет е установа чија основна дејност е функционално поврзана со високообразовната дејност
Применувачка дејност
Применувачка дејност е примена на научните резултати, стручното знаење и вршење на други високостручни професионални работи на наставниците, научните работници и соработниците од научната и стручна област за која е акредитирана високообразовна установа.
Рамка на квалификации
Рамка на квалификации се целите и појдовните основи за формирање на студиските програми и очекувањата од студентот, неговото разбирање, односно можноста за разбирање за време на учењето на секој циклус на високо образование (Learning Outcomes), прифатената национална структура на високообразовните квалификации (Framework for Qalilfications), вклучувајќи го и признавањето на неформалното и формалното учење стекнато преку учење за време на целиот живот (Lifelong Learning).
Самостојна високообразовна установа
Самостојна високообразовна установа е високообразовна установа која не е во состав на универзитет, основана како уметничка академија или како висока стручна школа, високообразовна установа на верска заедница или друга високообразовна установа основана со закон за вршење на посебен вид на високо образование ( воена академија и други).
Студиска програма
Студиска програма е збир на релативно поврзани наставни предмети или други наставни единици (модули и други наставни содржини) од едно студиско подрачје со кои студентот се здобива со квалификација која му дава можност да врши некоја професионална дејност или да ги продолжи студиите.
Студиско подрачје
Студиско подрачје е едно од 22 подрачја, дефинирани во ИСЦЕДОВА класификација на студиски подрачја на УНЕСКО.
Циклуси на високо образование
Циклуси на високо образование се трите последователни нивоа на високо образование идентификувани со Болоњскиот процес (првиот, вториот и третиот циклус) во кои се распоредени сите квалификации на високото образование кои се стекнуваат на единствениот европски простор на високо образование
Приватно-јавна непрофитна високообразовна установа
Приватно-јавна непрофитна високообразовна установа е високообразовна установа основана од непрофитна фондација со јавни средства од странски и домашни извори која создава и генерира мериторни јавни добра и остварува јавен интерес. Средствата стекнати во оваа установа се користат само и исклучиво за вршење на високообразовна дејност, бидејќи оваа установа не создава и не распоредува профит.
Корисни информации
Студентски лексикон