Додипломски студии за стручни забни техничари и за стручни стоматолошки сестри
Констатираната состојба на повеќе децениска дефицитарност од диференцирани високостручни профили во стоматолошката дејност во Р. Македонија, создаваше неусогласеност во стручно-научното спознание помеѓу докторот стоматолог и другите соработници. Овој соработнички кадар со средна стручна подготовка не беше во состојба да го следи современите текови на стоматолошката пратика и да овозможи квалитет во стоматолошката заштита на населението. Од тука следуваше заклучокот дека само квалитетно формиран додипломски соработнички кадар со успех ќе може да ги користи и да се служи со достигнувањата во стоматологија што несомнено ќе овозможи активно и кооперативно вклучување во секојдневната тимска стоматолошка практика. За срека, овој вакуум е надминат со воведување на уште две студиски програми на Стоматолошкиот факултет кои овозможуваат новиот кадар да одговори на потребите на една високо професионализирана стоматолошка заштита. Со завршувањето на студиите, стручните забни техничари и стручните стоматолошки сестри ќе се оформат во здравствени работници кои со својата стручност, компетентност, знаење и способност ќе овозможат да се унапреди оралното здравје, да се обезбеди примена на новите дијагностички и тераписки процедури секој од својот домен на работа.
Услов за упис: завршено средно 4-годишно образование