Владата на денешната седница го усвои предлог-буџетот на Македонија за 2023 година, предложен од Министерството за финансии. Буџетот на расходната страна е предвидено да изнесува 324,8 милијарди денари, приходите е предвидено дека ќе бидат 282,05 милијарди денари, а дефицитот е проценет на 42,75 милијарди денари, соопштија од Владата.
Исто така, на предлог на Министерството за економија, Владата донесе Одлука за определување највисоки цени на одделни производи во трговијата на мало, конкретно на огревно дрво од даб; огревно дрво од бука и пелети за огрев.
Така, највисоките цени на огревното дрво од даб и бука се утврдени во висина до 4.500 денари за метар просторен, односно до 6.429 денари за метар кубен.
Владата притоа донесе Одлука за престанување на важноста на одлуката за посебни услови во трговијата на мало, со која беше замрзната маржата на огревно дрво од даб и од бука и пелети за огрев за сите трговци во висина најмногу до 10%.
Највисоката цена на пелетите за огрев се утврдува во висина до 27 денари за еден килограм. Во цената на стоките е вклучен ДДВ и транспорт.
Највисоките цени на стоките од оваа одлука ќе се применуваат до 31 декември 2022 година.