X
 22.04.2024 Издвојуваме

Во 4 кујни во средното училиште „Лазар Танев“ учениците спремаат кетеринг и за над 1.000 гости: „Формиравме компанија и работиме по светски стандарди“

Средното училиште „Лазар Танев“ нуди кетеринг за сите заинтересирани правни и физички лица кој го изработуваат учениците. „Лазар Танев“ заработува од кетерингот, а средствата доаѓаат на официјалната жиро-сметка на училиштето и се користат за наставата, за активности на учениците и училиштето, споделува Христовски

Средното училиште „Лазар Танев“ во Скопје е најголемо средно стручно училиште во нашата земја кое образова, воспитува и продуцира кадар за потребите на угостителско-туристичкиот сектор на Македонија. Се образоваат ученици за келнер, готвач, слаткар и пекар со тригодишно образование и хотелско-туристички техничар со четиригодишно образование. Во училиштето има и поголем број ученици што се вонредно запишани, од сите образовни профили поврзани со угостителско-туристичката дејност, како и со специјалистичко образование: готвач-специјалист, слаткар-специјалист и келнер-специјалист.

Интересно е што учениците освен што имаат постојана пракса, училишна кујна, екоградина, изработуваат и нудат кетеринг-услуги, ручеци, закуски кои секој може да ги нарача и веќе се сериозна конкуренција на пазарот.



Околу 400 редовни ученици

Дејан Христовски, кој е дел од наставниот кадар во СУГС „Лазар Танев“, ни сподели дека интересот за запишување во училиштето е различен во текот на годините.

- До пред петнаесет години бројот на учениците беше извонредно голем и училиштето броеше околу 1.300 ученици. Потоа почнува намалување на бројот до околу 310 ученици. Пред две години училиштето почна да работи на целогодишна програма на упис, која даде резултат и сега имаме тенденција изразена во зголемен интерес за упис па бројот на ученици, околу 400 редовни ученици. Кога станува збор за препорака до родителите, мора да кажам дека училиштето работи на високо ниво, по светски стандарди, со кадар кој предава на високо образовно-воспитно ниво, дека учениците ќе се запишат во училиште во кое е формирана асоцијација на средни угостителско-туристички училишта во која членуваат училишта од 15 држави досега. Училиште во кое практичната настава се извршува во рамките на државата и во странство, училиште кое има меморандуми со сите државни универзитети и со дел од приватните универзитети, училиште кое работи годишно со над 300 ученици од деветто одделение, училиште во кое веќе учат ученици првенци на натпреварите и во областа на предметите од природните и општествените науки, во областа на угостителско-туристичките предмети, училиште кое доби меѓународна награда за најуспешен меѓународен развој, во кое директната комуникација со деловната, дипломатската заедница е секојдневие, училиште во кое доаѓаат врвните угостители од цел свет - споделува Христовски.



Кетерингот во училиштето се работи во реална компанија

Во училиштето функционираат четири професионални кујни со комплетна опрема за готварство, слаткарство, пекарство, месарство, потоа две сали за послужување, два кабинети за агенциско и хотелско работење и дваесет и шест училници.

- Тука се извршува училишната пракса каде што учениците практично изведуваат вежби, учат техники од областа на готварството, слаткарството, пекарството, месарството, агенциското и хотелското работење и послужувањето. Во училиштето имаме занимања од тригодишното образование, и тоа: готвачи, слаткари, келнери, пекари, месари и четиригодишно образование и тоа: угостителски техничари, хотелско-туристички техничар, техничар за анимации и настани и хотелско-ресторански техничар. Учениците учествуваат и во реалниот сектор со извршување практична настава согласно наставната програма, и тоа во угостителско-туристички објекти во градот, во државата и во странство. Училиштето предвидува редовна пракса во текот на наставната година, феријална пракса во текот на летото. Посебно морам да ги нагласам теоретските предмети во кои се посветува големо внимание на секој ученик. Училиштето работи на проекти, на пример, проектот за меѓуетничка интеграција и образование, проекти според Еразмус програмите, посебни образовни програми за лица со попреченост според програмите за инклузија и друго - ни споделува Дејан.



Училиштето нуди и кетеринг и нивните услуги сѐ повеќе се бараат на пазарот.

- Кетерингот во училиштето се работи во реална компанија формирана во училиштето, на која особено се гордееме. Во реалната компанија можеме да се пофалиме со пекарските производи, но и со кетеринг-услугите кои ги поминаа реалните проверки на домашниот и на меѓународниот пазар. На овој начин нашите ученици се вклучени во реалното работење и под надзор на професорите и на стручните соработници изработуваат сѐ што е потребно во реалната компанија. Морам да кажам дека соработката со реалниот сектор, односно со угостителските објекти и туристичките компании секојдневно се зголемува, што е доказ за квалитетот на учениците и извонредно високото ниво. Број на гости во принцип не е ограничен. Училиштето располага со четири кујни кои можат да подготват сѐ што ќе побараат корисниците на услугите и производите. Училиштето располага со две сали кои можат да послужат во исто време по 80 до 90 лица и помали простории со капацитет до 30 лица. Kај нас се практикуваат настани од помал обем до 200 лица. Најчесто тоа се семинари, конференции, панел-дискусии, изложбени бифеа, натпревари и слично. Многу пати училиштето работело на настани кои броеле повеќе од илјада гости. Се паметат коктел-забавите и свечените настани во МНТ од 1.300 до 1.500 гости и во исто време на друга локација помали настани по 500 до 600 гости - дополнува Дејан.



Повеќе средства од кетеринг-услугите води кон посовремена настава

„Лазар Танев“ нуди угостителски и туристички услуги, организаторски услуги и сѐ друго поврзано со покривање на настани според нарачка на побарувачите.

- Училиштето заработува по основ на кетерингот, а средствата доаѓаат на официјалната жиро-сметка на училиштето. Средствата се користат за наставата и за активности на учениците и училиштето. Бенефитот од тие средства се изразува преку зголемување и подобрување на можноста за современа настава и унапредување на знаењата на учениците. Инаку, во наставно-образовниот процес не е предвиден финансиски надомест за учениците, така што средствата се користат повторно за учениците во правец на модернизирање на наставата, приближување на современите стандарди, остварување комуникација со остатокот од светската угостителска заедница - ни објаснува тој.



Мисијата на Дејан и целиот наставен кадар во „Лазар Танев“ е учениците да учествуваат на домашниот пазар, да се развиваат во домашни услови и да помогнат да се развие домашното угостителско-туристичко стопанство, да бидат успешни во текот на нивниот живот, да бидат во состојба и да имаат желба за доживотно усовршување...

- Советите и наставата се професионални, во рамките на наставно-воспитно образовниот процес, според препораките на одговорните институции од кои училиштето има сериозна позитивна поддршка во смисла на професионално извршување на целиот процес. Нашите часови се одвиваат според сите домашни програми и планови, според препораките на релевантните институции, но и според новите светски движења во образованието, наставата, воспитанието и практичната настава. Успешноста на училиштето се НАШИТЕ УЧЕНИЦИ, кои се доказ за најдобриот одговор на ова прашање - вели Дејан.



Учителската мисија на „Лазар Танев“ е учениците да стекнат знаење, умеење и вештини кои ќе им овозможат да се појават на домашниот пазар, да имаат можност да работат секаде каде што ќе замислат, да се формираат во луѓе кои ќе имаат високо ниво на образование, воспитание, општа и угостителско-туристичка култура, да ги почитуваат луѓето, професионално да се однесуваат.

- Редовното доаѓање и враќање на нашите ученици кои завршиле средно образование во нашето заедничко училиште со желба да учествуваат во работата на училиштето, доколку е потребно да помогнат, нивното вработување во објектите и барањето на практиканти од нашето училиште се докази дека сме ја постигнале мисијата. Квалитетни луѓе кои почитуваат и кои се почитувани - додава тој.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме