X
 21.08.2023 Издвојуваме

Бројот на новороденчиња е во сериозен пад, без стратегии за подобрување на условите за живот ќе дојде до затворање на училишта, предупредуваат експертите

Ако продолжи трендот на намалување на бројот на живородени бебиња, со текот на времето ќе се намали контингентот на население кое треба да биде вклучено во образовниот процес, ќе дојде до намалување на бројот на часови, затворање на голем број подрачни училишта, а со тоа и губење на работните места за голем број просветни работници, смета Марија Љакоска, демограф и доцент на Институтот за географија при ПМФ

Во 2022 година во Македонија се родиле 18.183 деца, од кои живородени се 18.073, а мртвородени 110. Бројот на живородените деца во 2022, во споредба со претходната година, е намален за 3,1%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, а во последните десет години бројот е во значителен пад. Во споредба со 1994 година, бројот на бебиња бил 30 илјади. Со Марија Љакоска, демограф и доцент на Институтот за географија при ПМФ, УКИМ, и Артан Лимани, експерт за развој на образованието, разговараме за прашањето врз што ќе се одрази намалениот наталитет, каква иднина ни претстои, какви промени ќе претрпи образовниот систем, ќе се намали ли бројот на ученици, ќе се затворат ли училишта, ќе останат ли наставници без работа...

- За да се одговори на ова прашање и на сите потпрашања, јас мислам дека има само еден одговор, а тоа е сиромаштијата. Повеќе од сигурно е дека наталитетот опаѓа поради лошата економска состојба, каде што младите брачни парови не можат да си дозволат да ја зголемат фамилијата токму поради ниските примања, доколку се вработени. Од друга страна, многу граѓани ја напуштиле земјата. Ние како држава имаме долга историја на наши граѓани кои ја напуштиле земјата за подобар живот во странство, но не сме зборувале многу за тој феномен, можеби поради фактот што тие граѓани сме ги нотирале како граѓани од пониска граѓанска категорија, но сега кога државата ја напуштаат и млади талентирани и добро образовани, алармираме медиумски - вели Артан.

Во услови на опаѓање на бројот на ученици, нормално е да се појави и потреба од оптимизација на училиштата и образовниот кадар

Тоа што имаме историја на миграција од над 50 години и таа продолжува укажува дека граѓани на Македонија се раѓаат во странство наместо во Македонија. Според него, сето ова е резултат на лошата економска клима, затворениот пазар на труд, политизацијата на трудот, клиентелизмот, како и најглавното, драстичното опаѓање на квалитетот на високото образование, што директно влијае врз креирањето на еден отворен, фер, транспарентен и компетитивен пазар на труд, каде што дипломираните студенти можат слободно да ги аргументираат своите вештини пред работодавците и да ги убедат дека токму тие се најдобрите за нивните организации и компании.

- Моментално ние произведуваме некомпетентни дипломци, кои поради нивните ниски вештини се сложуваат партиски да се вработат и да станат клиенти на самите партии. Од друга страна, основните и средните училишта ни даваат граѓани со мала писменост и нула критичка мисла, кои потоа или се претвораат во армија на гласачи или физичка работна сила во развиените земји. Истото е аргумент и за опѓањето на бројот на ученици во училиштата, кој и понатаму ќе продолжува да опаѓа сè додека државата не стане дел од „единствениот пазар“, ако се гледа од економска гледна точка, а преку членство во ЕУ и со диктат на Унијата (за жал) да креираме подобри услови за живот. Под услови за живот се подразбира подобрување на образованието, подобрување на екологијата, подобрување на административните услуги, здравствените услуги, независно судство и полиција итн. Ние досега докажавме дека немаме капацитет самите да ги подобриме овие услови, па сега единствена шанса е да станеме членка на ЕУ, па да ни се подобрат условите за достоинствен живот - смета Артан.

Тој додава дека во услови на опаѓање на бројот на ученици, нормално е да се појави и потреба од оптимизација на училиштата и образовниот кадар. 

- Јавните училишта ќе мора да ги услужат и тие десетина ученици што ќе останат, па така мислам дека со овој проблем ќе треба умно да се справиме, сè додека не ни се случи некое чудо, па да станеме дел од ЕУ. За жал, не можеме сами да се справиме со овие предизвици, а ова веќе 30 години го докажуваме - вели тој.

Артан Лимани

Жените денес се пообразовани и потешко стапуваат во брак

Во широкиот спектар на меѓусебно поврзани и условени демогеографски промени кои се присутни во земјава значајно место заземаат и намалениот број на раѓања, одлагањето на раѓањата за подоцна во животот, намалените стапки на фертилитет и секако миграциите, особено емиграцијата во странство, посочува нашата соговорничка Марија Љакоска.

Како што вели таа, промените во глобалната економија, начинот на живот и општествените норми имаат влијание врз жените во целиот свет. Во споредба со жените пред 20 години, жените денес се пообразовани, сè почесто се одлучуваат да се стекнат со повисок степен на образование, што подразбира запишување и завршување факултет, но и на мастер и докторски студии, а образовниот процес е долготраен и тоа значи дека девојките во тој период тешко би се одлучиле да стапат во брак, а уште потешко да се реализираат како мајки.

- Покрај тоа, завршувањето на образованието само по себе значи и потрага по соодветно работно место или, пак, можност за вработување, најчесто на работни места кои се атрактивни и посакувани за девојките, па така тие неретко се одлучуваат да одберат градење кариера пред создавање семејство. Овој тренд, иако со различен интензитет, сепак е забележан и во развиените и во помалку развиените земји, во урбаните и во руралните средини. Овие промени се главно поттикнати од нагласената индивидуализација, еманципацијата на жената, личната слобода, како и напуштање на традиционалните морални норми и меѓуполови разлики. Резултат на овие промени е континуираното намалување на вкупниот број на живородени деца, изразено во апсолутна и релативна смисла, кое на државно ниво започнува од средината на деведесеттите години на минатиот век, а се одвива сè до денес. Намалувањето на бројот на раѓањата значи и намалување на стапките на фертилитет кои, пак. се од клучно значење за замена на генерациите - истакнува Марија Љакоска.

Сериозни промени во вкупниот број на населението

Така, во 2021 година бројот на живородени деца изнесувал 18.648, што е за 2% понизок од оној во претходната година, 32% понизок од оној во 2002 година (27.761 живородено дете) и дури 46,5% понизок од тој во 1991 година (34.830). Стапката на вкупен фертилитет, која е главен показател за замената на генерации, е под критичната вредност од 2,1 дете на секоја жена во репродуктивна возраст уште од 1997 година (1,93), а во 2021 година оваа вредност изнесувала 1,6.

- Се претпоставува дека ако овие трендови продолжат во иднина, ќе доведат до сериозни промени во вкупниот број на населението, во неговата старосна и полова структура и најважно од сé, во приливот на млади генерации. Така ќе се намали контингентот на население кое треба да биде вклучено во образовниот процес, ќе дојде до намалување на бројот на часови, затворање на голем број подрачни училишта, а со тоа и губење на работните места за голем број просветни работници. На пример, во учебната 2021/22 година бројот на запишани ученици во основните училишта споредено со 2002/03 година се намалил за 21,4%, а само бројот на првачиња се намалил од 28.098 во 2002/203 година на 21.366 во 2021/22 година, односно пад за цели 24%. Состојбата со бројот на ученици во средните училишта е уште покритична, каде што намалувањето изнесува дури 25,5% во истиот период. Во последните 5 години се бележи тренд на намалување и на бројот на основни (-1,5%) и средни училишта (-2,3%). Влегувањето на сè помали генерации во образовниот систем порано или подоцна носи намалување на бројот на луѓе кои студираат, што понатаму ќе доведе и до зголемување на трошоците за образование по студент (или ученик), но и на глобално зголемување на образовните трошоци - навестува таа.

Марија Љакоска

Емиграцијата го поттикнува процесот на депопулација

Емиграцијата, исто така, има силно негативно влијание врз репродукцијата на населението затоа што „одливот“ на жени во фертилниот период доведува до ниско ниво на идната стапка на наталитет и фертилитет која се очекува не само во наредните 10-15 години, туку за подолг период кој доаѓа, веројатно за 40-50 години.

- Емиграцијата го поттикнува процесот на депопулација, кој, особено во руралните средини, треба да се реши најпрво со обезбедување на најважните инфраструктурни потреби на населбите, а потоа мерките да се насочат кон постигнување рамномерна дистрибуција на населението и рамномерен развој на регионите. Емиграцијата на младото население на репродуктивна возраст надвор од земјава може да се потврди со сè поголемиот број на деца родени во странство. Бројот од почеток на нивното евидентирање во 2004 година речиси двојно се зголемил и во 2019 година изнесувал 5.187 деца родени во странство - посочува нашата соговорничка Марија.

Земено во целина, бројот на живородени деца, заедно со миграциите влијае врз демографскиот, општествениот и економскиот развој на државата, но тие исто така се условени од сите тие процеси, смета таа.

- Тие се меѓусебно поврзани во еден т.н. „магичен круг“ и неопходно е активирање на сите надлежни институции - Владата, локалната власт и научната фела - со цел креирање стратегија за поттикнување на младите да стапат во брак, за подигнување на нивото на фертилитет и наталитет, задржување на младите но подигнување и на нивото на економски и севкупен развој - дополнува Марија.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме