Согласно Програмата за поддршка на домашниот туризам за работници со ниски приходи во 2024 година, од денеска започнува доделувањето на ваучерите-потврди за одмор за работници со ниски приходи, објави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Министерството за економија и труд ја објави листата со лицата кои аплицирале и се добитници на ваучери согласно јавниот повик објавен на почетокот на годината.
- Решенијата за граѓаните што аплицирале и ги исполниле условите согласно јавниот повик се потпишани, согласно принципот прв дојден-прв услужен. Ваучери за одмор за работници со ниски приходи во домашните туристички капацитети во вредност од 18.000 денари ќе добијат 1.777 лица - соопшти министерот Дурмиши.
Министерството за економија и труд ќе издава ваучери-потврди за работници со ниски приходи до исцрпување на средствата предвидени со Програмата за поддршка на домашниот туризам за работници со ниски приходи во 2024 година.
Главната цел на оваа мерка е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да можат да ги посетат домашните туристички центри и истовремено да им се помогне на домашните туристички капацитети да го зголемат обемот на работа надвор од туристичката сезона.
По ребалансот на буџетот, за оваа мерка се предвидени вкупно 32 милиони денари за 1.777 ваучери-потврди за лица со ниски приходи кои ќе можат да ги користат во некој од туристичките центри во нашата земја.
Овие ваучери може да се користат од 15 септември до 1 декември во некој од угостителските објекти за сместување кои се пријавиле во Министерство за економија и труд.
Списокот на хотели можете да го погледнете
ТУКА.