Некогаш познат како јунак од акционите филмови, Клинт Иствуд во текот на неговата кариера покажа широк спектар на талент, знаење и способност и создаде некои од најзначајните филмски остварувања на нашето време, вклучувајќи и незаборавни хероини.
Овој актер, режисер, сценарист и продуцент се прослави со улогите во вестерн-филмовите, но потоа се насочи кон создавањето филмови во кои хероините се силни, самостојни и пред сè храбри и одлучни жени.
Иако во многу интервјуа има изјавено дека никогаш не му била намерата да профилира како феминистички режисер, туку едноставно создал повеќе улоги за жени што нема да бидат во заднина, факт е дека имал огромно влијание врз холивудската продукција и целата американска кинематографија кога станува збор за портретирањето на жените.
Неговите хероини произлегуваат од патријархални средини, а секоја од нив е толку посебна што, по гледањето на филмот, засекогаш останува со нас.
Од неговата богата кариера најмногу би се издвоиле три хероини што ги создал и засекогаш ги впишал во најдобрите постигнувања на кинематографијата од нашето време, а покрај некои од нив ја глумел главната машка улога. Тоа се Франческа Џонсон, Меги Фицџералд и Кристин Колинс.
1. Франческа Џонсон, „Мостовите на округот Медисон“
Љубовта на Франческа Џонсон (Мерил Стрип) и Роберт Кинкејд (Клин Иствуд) е една од оние на кои со задоволство се потсетуваме затоа што е најсилната некогаш забележана на филмското платно.
Филмот „Мостовите на округот Медисон“, базиран на истоимениот роман на Роберт Џејмс Валер, нè потсетува на тоа дека љубовта и страста не се нешто што им се случува само на младите. Маестралната улога на двајцата холивудски великани ни прикажува една сосема случајна средба за која се чини дека е судбински предодредена.
Приказната се случува во рурална Америка во текот на 60-тите години, а ја следи Франческа, пожртвувана мајка и домаќинка која во младоста дошла во Америка во потрага по американскиот сон. Сонот никогаш не го пронашла, но затоа средбата со фотографот Роберт се чини како нешто што кај неа предизвикува повторно будење и откривање на себеси. Меѓу нив почнува да се создава нераскинлива врска.
Во тие неколку дена Франческа првпат се става себеси на прво место, далеку од улогата на сопруга и мајка. Во тие неколку дена со Роберт е само жена, само Франческа. Една реченица што ја изговара во филмот совршено прикажува што сè тие неколку дена ѝ поминувало низ глава: - Се однесував како некоја друга жена, но истовремено бев своја многу повеќе од кога било.
Во тоа се гледа дека средбата со Роберт не ја доживувала како неверство, туку се дала со целото свое срце и го паметела до крајот на животот. На крајот ја донела можеби најтешката одлука - да живее како и дотогаш, во улога на мајка, сопруга и домаќинка. Со тоа си го скрши срцето, но и покажа голема храброст и посветеност кон своето семејство.
2. Меги Фицџералд, „Девојка од милион долари“
Сосема различна од Франческа, но повторно многу храбра и неповторлива е Меги (Хилари Свонк) од филмот „Девојка од милион долари“.
Животот не бил праведен кон Меги. Уште како дете сфатила дека не може да се потпре на нејзиното семејство, си дала ветување дека сама ќе си обезбеди егзистенција и дека повеќе нема да зависи од никого.
Својата фрустрација ја пребродува вежбајќи бокс, иако мажите ја исмеваат. Еден ден во нејзиниот живот влегува Френк Дан (Клинт Иствуд), тренер за бокс кој засекогаш го изгубил контактот со својата ќерка. Сосема случајно ѝ станува тренер, а нивниот однос се развива во многу повеќе од тоа - тие стануваат семејство.
Меги е хероина која не само што поседува очигледна физичка сила и одлучност туку и голема храброст во желбата да го промени својот живот, остварувајќи победи и финансиска сигурност што претходно не ја имала.
3. Кристин Колинс, „Подметнување“
Филм во кој Иствуд немал улога, но брилијантно го режирал.
Анџелина Џоли ја толкува улогата на Кристин Колинс, жена од 20-тите години која сфаќа дека нејзиниот 9-годишен син исчезнува. Тогаш почнува кошмарот на оваа самохрана мајка.
По неколкумесечна потрага, полицијата пронаоѓа момче што одговара на описот на нејзиниот син. Иако тие се слични, Кристин знае дека тоа не е нејзиниот син и тргнува во борба по вистината. Откако ќе добие потврда и од наставникот и од стоматологот на нејзиниот син дека пронајденото момче не е нејзино, таа им се обраќа на медиумите. Поради тоа, властите ја сместуваат во психијатриска болница, каде што ја чека мачење.
Филмот е базиран според вистински настан што го потресе калифорнискиот правен систем.
Кристин е доказ дека мајчината љубов нема граници. Во неа
Иствуд создаде пример за жена која нема да го прифати она што ѝ го кажуваат, која нема да дозволи да ја газат и која со последниот атом сила ќе се бори за своето дете и за вистината.