X
 09.11.2018 Образование

Лингвистите до новинарите: Потребна е самокорекција

Треба да се гледа убавината на употребата на нормата. Таа не е нешто што нè ограничува, туку прави посоодветно да се изразуваме и затоа пораката до новинарите е самокорекција. Дури и ние што се занимаваме со наука си правиме сопствена корекција, рече Снежана Веновска-Антевска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“

Во медиумите денес нема таква грижа за употребата на јазикот во јавната комуникација како од времето на јазичното катче во „Нова Македонија“ каде што Благоја Корубин ги бележел грешките и предлагал успешни решенија или додека во МРТ постоел Советот за употреба на македонскиот јазик. Такво тело мора да постои, може и да е издвоено од МРТ. Денес тоа се сведува на ентузијасти кои се заинтересирани да го негуваат јазичниот стил - рече проф. д-р Људмил Спасов на трибината „Македонскиот јазик во медиумскиот простор“ со која Институтот „Крсте Мисирков“ денеска ги заврши oтворените денови, кои почнаа во понеделникот.

Стефан Зиглин и Томе Саздов, двајца исклучителни лектори во тоа некогашно тело, рече Спасов, организираа средби, издаваа билтени, забележуваа како тече јавната комуникација, особено на Македонската радио-телевизија, и потоа сето тоа го дискутираа со новинарите и постигнаа извонреден успех.
 - За жал, тоа прекина со нивното заминување од куќата поради некои штедења. Постоеше и проект на професорката Лилјана Минова-Ѓуркова – „Јазикот во јавната комуникација“, со кој беше опфатен и јазикот на медиумите. Сето тоа би требало да продолжи. Во 2008 година имаше проект на Советот за радиодифузија за јазикот во медиумите и забележавме дека се повторуваат грешките од билтените на Зиглин и Саздов. Не се повторуваат поради новите генерации, туку поради клишето.


За жал, една од пречките е што постојат клиширани модели кои постарите новинари им ги пренесуваат на помладите. Независно како ќе ги воспитате и научите студентите по новинарство и најдобрите студенти кога ќе дојдат со некои свои решенија, постариот уредник му го зема текстот и му го става во клише и кога тој текст ќе се емитува – ги пренесува, т.е. ги презема грешките од најстариот – и во стилот, и во јазикот, и во правописот. Но, треба да разбереме дека јазикот се менува како што се менува и начинот на живеење, на облекување, на мислење, рече Спасов.

Посочи и дека порано многу се внимавало на изборот на спикерите и на новинарите во средствата за јавна комуникација, кои и не биле многу и во таа смисла можеле да се контролираат. Гледањето во печатните грешки, правописот и пренесувањето странски имиња во телопите кои се прикажуваат за време на ТВ-вестите е сосема доволно за да го одземе вниманието од она што се соопштува на вестите, додаде тој.


Како пример ја посочи Хрватската радио-телевизија каде што, според него, и до ден-денес навистина се води сметка и не се штеди на употребата на јазикот во јавната комуникација. Најважно е тоа што на ХРТ се внимава и на јазичните стилови затоа што јазикот не може да се употребува исто во различни ситуации, додаде Спасов.

Проф. д-р Снежана Веновска-Антевска, координатор на трибината, рече дека медиумскиот простор се осовременува и формите преку кои се врши вербалната и невербалната комуникација се различни од порано. Затоа и ја организирале трибината за да слушнат различни мислења, а тие како стручни лица да се насочат понатаму во разгледувањето на прашањето за јазичната норма.

 - Новинарите се повикани да направат корекција на сопствениот јазичен израз бидејќи од нив тоа се очекува. Треба да се гледа убавината на употребата на нормата. Таа не е нешто што нè ограничува, туку прави посоодветно да се изразуваме и затоа пораката до новинарите е самокорекција. Дури и ние што се занимаваме со наука си правиме сопствена корекција - рече Веновска-Антевска.
Институтот за македонски јазик дава насоки од научен аспект, но не може тоа да го наложи и не зависи само од лингвистите дали тие ќе се применуваат. Во однос на почитувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, рече дека немало некои посебни санкции.
- Сè е оставено така да се одвива и на секоја средба во врска со законот ние нешто кажуваме, тие што треба да го спроведат – ветуваат, но најважно е тие што го употребуваат да се совесни кон сопствениот јазик - додаде Веновска-Антевска.
На трибината присуствуваа средношколци од „Георги Димитров“, кои претставија проект за неформалната интернет-комуникација со употреба на знаци која е зачестена кај младите, при што се комбинираат броеви со букви, на пр., ма4е за маче, 5ок за петок, св. 3фун за св. Трифун, 100јан за Стојан, скратување на зборовите, како МСМ – мислам, НЗ – не знам, МН – многу, употреба на математички симболи, па и визуализација кога делумно се употребуваат слики/анимации…

извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование