Целта ми е до крајот на сезоната да си го подобрам пласманот на секоја трка и да освојам доволно поени за наредните зимски Олимписки игри во Кортина 2026, вели Сања Спасовска, една од нашите сноубордерки кои бележат одлични резултати на домашната, но и на меѓународната сцена
Сања Спасовска е една од нашите сноубордерки што бележат одлични резултати на домашната, но и на меѓународната сцена.
- Откако знам за себе, зимите ги поминував на планина и на снег заедно со моето семејство, најпрво правејќи лудории на санка, па скијање, а потоа на сноуборд. Кога првпат стапнав на сноубордот, знаев дека тоа е она што сакам да го правам цел живот и да се посветам максимално на овој спорт, ни сподели Сања Спасовска.
Последно Спасовска настапи на патеките на Шкуол, Швајцарија, натпреварување во рамките на Светскиот куп. Освои 24. место со време од 1:52.02 минута и 70 ФИС поени.
- Неодамна се вратив од Швајцарија. Секогаш полна со импресии од Алпите, прекрасните терени и целокупното опкружување. Трката беше беспрекорно организирана, времето нѐ послужи, беше прекрасен сончев ден, совршен за остварување супер резултати. Првпат во топ-25 на Светски куп. Неверојатно искуство како и секогаш кога го посетуваме Шкул - вели таа.
Година со најголеми успеси
Почетоците на сноуборд ѝ се кога станала дел од ХМКД – сноуборд-клуб со најмногу успеси во нашата земја.
- Моментално сум државен првак во слалом и велеслалом дисциплина, имам освоено неколку први места на ФИС трки и државни првенства на Балканот. Во последниве неколку сезони успевам да остварам квота за Светски куп и со тоа да учествувам на трки од повисок ранг. Освен тие, имам учествувано на ФИС трки низ Европа и Балканот и на последното Светско првенство во Словенија. Многу е интересно да се биде дел од овие трки заедно со светските и олимписки шампиони, од кои има многу да се научи и секое ново искуство е непроценливо. Секојпат кога одам на некоја од овие трки чувствувам трема и нервоза затоа што со секое наредно учество сакам да направам подобар резултат и пласман - изјавува Сања.
Пред крајот на минатата година се најде во топ-30 на Светскиот куп во сноубординг, првпат во македонската сноуборд историја.
- Неверојатно достигнување, неверојатно искуство. Целата енергија и работа ја посветив на таа цел, најпрво да влезам во топ-30, па потоа да продолжам да се спуштам надолу на ранг-листата, па здравје да славиме и топ-10 пласман или подиум. Но дефинитивно изминатиов месец и последните трки може да се сметаат како еден „хајлајт“ во кариерата. А покрај трките и резултатите, по официјалниот крај на тркачката сезона се префрламе на фрирајд и истражување и возење на планини каде што нема патеки, тие тури исто така ми се омилен начин да се опуштам и сосема да уживам во планините и слободното возење - вели сноубордерката.
Зголемен интерес кај младите за овој спорт
Годинава подоцна почна ски-сезоната кај нас, но таа веќе има план како да го надомести пропуштеното до крајот на „ски-сезона 2023“.
- Оваа година е малку поразлична од претходните, со многу малку снег и високи температури на нашите планини, што поприлично ни го забави темпото на тренинзи и подготовки, па мораме да бараме чаре повторно високо на глечерите каде што има услови за тренинг. Оваа сезона продолжуваме со досегашното темпо, наредната трка е во Банско, Бугарија, па потоа уште неколку на Балканот и државното првенство на домашен терен. Целта ми е до крајот на сезоната да го подобрувам пласманот на секоја трка и да освојам доволно поени за наредните зимски Олимписки игри во Кортина 2026 - вели Сања.
Според нејзиниот директен увид во сноубордингот, во последниве години се забележува зголемен интерес кај младите за овој спорт.
- Почнуваат да се интересираат посериозно да се занимаваат со сноубординг и тоа многу ме радува. Иако, за жал, можам да кажам дека има повеќе препреки на патот до успехот затоа што немаме баш совршени услови и доволна поддршка, но секој ден се трудиме да го промениме тој факт и да покажеме дека можеме да постигнеме значителен успех. Македонија има прекрасен планински терен, буквално целата земја е исполнета со планини и на која било од нив може да се спуштаме, иако само на неколку има ски-центри. Најчесто сум на Маврово и Шапка, во зависност од моменталните услови, но често одам и на Брезовица. Без разлика каде сум, максимално уживам во убавините на нашата земја - дополнува Спасовска.
Кога станува збор за омилена точка надвор од границите на нашата земја, вели дека е тешко да се издвои едно место од богатата палета на убави предели.
- Можам да кажам глечерот Хинтертукс во Австрија е посебен за мене затоа што најчесто таму ги започнуваме подготовките на снег. Додека сѐ уште е топло долу во градовите, горе е зима - изјавува таа.
Следно за пречкрување од листата со желби вели дека ѝ е возење паудер (powder) во Јапонија и на Алјаска.
Фото: приватна архива