Седумдесет театарски ролји на македонските професионални сцени, четириесет телевизиски и филмски улоги ја одбележуваат неговата кариера пред која сите му симнуваат капа
По долго боледување, на 76-годишна возраст, почина актерот Салаетин Билал, легендата на Турскиот театар. Ќе биде погребан денеска во 13:30 часот, на гробиштата во Бутел. Седумдесет театарски ролји на македонските професионални сцени, четириесет телевизиски и филмски улоги ја одбележуваат неговата кариера пред која сите му симнуваат капа.
Иако во 2007 година се пензионира од својата матична куќа, Билал не престана да игра во театарски претстави. Од 1964 година беше дел од тогашниот Театар на народностите. Паралелно играше и во претстави на Албанскиот театар, во некогашниот Театар „Пралипе“, во независни проекти, во Македонскиот народен театар, во Драмскиот театар.
Билал добил многубројни признанија: наградата на списанието „Екран“ за најдобар актер во 1976 година − за ликот на Ахмед Нурудин во „Дервишот и смртта“, „13 Ноември“ за Хаџи Трајко во „Коштана“ (1977), „11 Октомври“ за А. Б. во „Дамокловиот меч“ (1983), две награди „Војдан Чернодрински“ за Ахмед Нурудин (1976) и за Аздах во „Кавкаски круг со креда“ (1990), награда за епизода „Димче Трајковски“ за Нуман во претставата „Стари фотографии“ (Прилеп, 1993), награда за животно дело на фестивалот „Војдан Чернодрински“ (2014). За улогата на Старецот во претставата „Аквариум“ ја доби наградата „Златна маска“ на весникот „Вечер“ за најдобро актерско остварување на Охридско лето 2006.
Посветен на театарот како личен предизвик, тој се обидува и како режисер, потпишува режии на четири претстави, преведува драмски текстови и бил директор во еден период.
Салаетин Билал има и богата филмографија: Најдолгиот пат (1976), Пукајќи се троши олово и Време води (1980), Полноќно сонце (1982), Македонска сага (1993), Зад непријателската линија и Ангели на отпад (1995), Џипси меџик (1997), Одмазда и прашина (2001), Чекор пред времето (2003), Андер и Илузија (2004), Стапица (2006), Сенки (2007), Мајки (2010), Трето полувреме (2012), Балканот не е мртов (2013), Херој (2013) и До балчак (2014).
Голем број ролји во телевизиски серии и драми: Волшебното самарче (1975), Итар Пејо (1977), Илинден (1982), Белото Циганче (1984), Солунски патрдии (1986), Тврдокорни (1988-1992), Македонски народни приказни (1994) и многу други.