X
 11.07.2021 Култура

Најдобрите филмови чија приказна се одвива во лето

Во текот на топлите летни денови освежете се гледајќи некои од следниве забавни филмови чија приказна се одвива во ова годишно време. 

„Брилијантин“ (Grease)

Целата приказна во овој мјузикл од 1978 година се одвива во текот на летото. Во филмот има романса, рокенрол, добра облека, плажа, танцување и прекрасна музика.


„Валкан танц“ (Dirty dancing)


Таа е наивна и слатка, а тој опасен и непредвидлив. Се чини дека тоа мора да го има секој филмски хит. Во овој филм важен фактор е танцувањето, особено на крајот, во најпознатата сцена.


„Зашеметени и збунети“ (Dazed and confused)

Ова е забавен и носталгичен филм за група средношколци на летен распуст. Тие се наоѓаат во фаза од животот кога треба да одлучат што понатаму. Многу од актерите се прославија со нивните улоги во овој филм, како Бен Афлек и Метју Меконахи.


„Палм Спрингс“ (Palm Springs)

Приказната се одвива на една венчавка на која се случуваат бизарни работи. Но овие неочекувани околности ќе ги спојат двата главни лика. За време на целиот филм има сонце и базени, што сите ситуации ги прават позабавни.


„Осмо одделение“ (Eight grade)

Вистина е дека не е лесно да се биде млад, особено кога завршувате осмо одделение. Главната хероина се наоѓа токму во таа ситуација, а летните денови ќе ѝ донесат нови искуства и познанства, но најголемиот предизвик за неа е да се спознае себеси.


„Пред изгрејсонце“ (Before sunrise)

Наивното запознавање во возот полека ќе се претвори во нешто исклучително важно за двата лика во филмот. Додека шетаат низ улиците на Виена, летото ќе направи да разберат дека помеѓу нив има тајна врска.


„Викај ме со твоето име“ (Call me by your name)

Има ли нешто поубаво од вљубувањето на летен одмор во Италија? Приказната во овој филм е токму за ова.


„Остани крај мене“ (Stand by me)

Ова е приказна за пријателството, растењето и загубите. Во текот на летото 1959 година, група од четири момчиња поминуваат низ незаборавни авантури.


„Сестринството на патувачките панталони“ (The sisterhood of the traveling pants)

Кога четири најдобри другарки сфаќаат дека летниот распуст нема да го поминат заедно, наоѓаат начин да останат поврзани. Тие разменуваат еден ист пар фармерки што сите може да ги облечат, а имаат магична моќ.


„Знам што правеше минатото лето“ (I know what you did last summer)

Ова е култен хорор-класик кој го споменува летото дури и во насловот. Впрочем, целата крвава приказна се случува во текот на две лета во кои се мешаат одмаздата, љубовта, стравот и сето она што е карактеристично за хорор-филмовите од 90-тите години.


Извор: DDL
Фото: Screenshot/Youtube
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура