X
 12.03.2022 Наша тема

„Трансверзалец“ маркира нови патеки и ни ја доближува планината

Планинарскиот предизвик „12 Врвови“ има планинарски акции за искачување на врвовите во сите предели, региони и делови на Македонија. Во 5 сезони, од 60 искачени врва беа пробиени и обележани 45 нови планинарски патеки, вели Марио Шаревски, иницијатор и еден од организаторите на предизвикот „12 Врвови“

Македонија е земја чии три четвртини од просторот се исполнети со планини, кои пак во себе кријат бескрајно голем број природни реткости и убавини. Шареноликиот мозаик на убавини од природен и културно-историски аспект го поттикна планинарското друштво „Трансверзалец“ да го иницира планинарски предизвик „12 Врвови“, акција која се состои од еднодневни походи со цел искачување на 12 новомаркирани патеки и наново пробиени врвови на територијата на Македонија.

- Оваа есен, на почетокот на октомври со искачување на врвот Кабаш на планината Кораб, ја започнавме 6. сезона на планинарскиот предизвик „12 Врвови“. Од почетокот на акцијата во 2016 година успешно завршивме 5 сезони со искачени 60 врва на планините во Македонија. Воедно, оваа тековна сезона искачивме уште шест врва од новата сезона, која како и досега ќе опфати помалку познати и ретко посетувани врвови на планините низ Македонија во сите предели и области. Во рамките на овие искачувања ќе се посетат природни и културни знаменитости како езера, водопади, пештери, археолошки наоѓалишта и историски места - ни сподели Марио Шаревски, иницијатор и еден од организаторите на предизвикот „12 Врвови“.

Истражување на природните убавини на Македонија

Планинарскиот предизвик „12 Врвови“ има целогодишен распоред на планинарски акции за искачување на врвовите во сите предели, региони и делови на Македонија, пред сѐ, помалку познати и ретко посетувани за кои тие пробиваат и обележуваат патеки. Тие се тематски распоредени според своето значење во однос на природните одлики и реткости, културно-историското значење и знаменитости како езера, водопади, пештери, карпести облици, археолошки наоѓалишта и места познати од историјата, преданијата и народното творештво на Македонија.



Ваквиот потег е од голема важност за планинарството во Македонија. Со маркирањето нови патеки, им се доближуваат македонските планини, природни богатства, убавини... на љубителите на планината. Се збогатува фондот на планинарски тури и акции.

- Идејата и целта на предизвикот е да ги истражиме и да уживаме во природните убавини на Македонија, да ги доловиме и да ги прикажеме на што поголем број луѓе - планинари, вљубеници во природата, а воедно и да оствариме придонес кон планинарството, туризмот, науката и пошироката јавност преку пробивањето и обележувањето нови планинарски патеки. Истовремено, тоа е претставување и промоција на врвовите и планините, печатење книшки и брошури со податоци и информации кои ќе послужат за нивно понатамошно организирано и поединечно посетување и вреднување и воедно да воспоставиме и да негуваме зајакнати врски, соработка и дружба со другите планинарски друштва, планинари, мештани и намерници насекаде низ Македонија - вели Шаревски.

Пробиени се 60 нови патеки


Во изминатите 5 сезони од 60 искачени врва беа пробиени и обележани 45 нови планинарски патеки, што значи дека 75% или 3/4 од врвовите сме ги обележале, пробиле и снимиле (на ГПС-уредите) нови патеки, вели Шаревски.

- Врвовите во рамките на една сезона ги избираме врз основа на наши долгогодишни интересирања за некои од нив, потоа читајќи некои книги и записи од постаро време или научни трудови, или пак во разговори со мештани или локални планинарски друштва од Македонија и наши пријатели. Вообичаено кон крајот на сезоната веќе имаме список и готови написи и материјали за новата сезона, па потоа пристапуваме кон одење на терен за истражување на можностите, осмислување на турата од каде што ќе оди собирање на контакти од ресторани, рибници, манастири и објекти во кои може да се оствари седенка и дружење по турите. Договараме и што ќе се посети и секако обележување на патеките, кое опфаќа поставување планинарски маркации - ознаки со црвена и бела боја, сечење на грмушки, предели обраснати со честак, шипје, поставување дрвени патоказни табли, а овој септември за врвот Кабаш поставивме и 2 челични жици-сајли за безбедно придржување на две многу стрмни делници во кулоарот на јужната страна под врвот во должина од 30 и 20 метри. Потоа, вообичаено на е-порака детално се опишува секоја тура со GPX-фајл снимен во прилог од патеката. Порано тоа го правевме и на социјалните мрежи, но тековните услови со пандемијата нѐ наведоа малку да го промениме начинот на организација, комуникација и превоз, но и покрај тоа, нашите тури повторно се одржуваат со редовна посетеност од над 50-60 планинари во одлични услови, дружба и доживувања - дополнува Марио.



Новомаркираните патеки се собрани во збирка

По повод 5-годишнината од планинарскиот предизвик „12 Врвови“, тие решија сите оние брошури со податоци што им ги делат на учесниците на секоја сезона, заедно со сето она што го поминале, истражиле, осознале и направиле, да го стават и испечатат во една книга-збирка која ќе остане и ќе придонесе за понатамошно посетување и вреднување и да се поддржи развој и поддршка за планинарството.

- Деновиве конечно ќе излезе од печат книгата „Планински врвови во Македонија“, која претставува збирка од 60 планински врва во Македонија, искачени во рамките на петте сезони на планинарскиот предизвик „12 Врвови“ (2016 – 2021) каде што за секој врв ќе може да прочитате општи податоци, извештај од спроведените акции и важни податоци за патеки со должина и тежина, пристап и услови во местото и околината поткрепени со слики и географски карти со планинарските патеки од турите. Дополнително во оваа книга ќе прочитате детален опис на движењето на патеката и делниците (по денови) на Западна македонска трансверзала (ЗМТ) - Првата македонска планинарска трансверзала, врвот Кабаш на Кораб и патеката Вргањ на Попова Шапка. Секако, оваа книга ќе биде дел од наградите за успешно искачување и исполнување на планинарскиот предизвик „12 Врвови“, ќе им биде доделена и на планинарски друштва, клубови и домови за промотивна планинарска и туристичка понуда и промоција, а ќе биде соопштен и начинот за набавка за сите заинтересирани - споделува Шаревски.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема