X
 14.07.2019 Технологија

Држави што во еден момент го исклучиле интернетот

Безбедносни мерки или борба против слободата на говорот? Ова се само некои од земјите што во еден момент на своите граѓани буквално им го блокирале пристапот до глобалната мрежа.

Русија донесе закон според кој ќе развие сопствена паралелна верзија на интернет, а тоа ќе овозможи комуникациско одвојување од остатокот од светот, без забележлив пад на интернет-структурата. Мерката беше создадена како безбедносна мерка што ќе ја штити Русија во случај на хакерски напади, меѓутоа, многумина сметаат дека ова е само уште една алатка за цензура во рацете на владејачката гарнитура.

Една работа треба да се земе предвид, а тоа е дека во современата ера на пристап на глобалната мрежа може лесно да се манипулира. Всушност, во одреден момент овие држави успеале, намерно или случајно, целосно да го исклучат интернетот.

Етиопија - 98 отсто од земјата без интернет по неуспешниот државен удар

Етиопската влада минатата година слободата на говорот ја нарече основно човеково право, но по неуспешниот државен удар против премиерот Абиј Ахмед и регионалните државни власти, во средината на јуни оваа година интернетот бил изгаснат. Причинителот до ден-денес не е познат.

Ингушетија - двонеделна блокада поради гранични спорови


Руската влада во октомври 2018 година како резултат на серија демонстрации против новиот договор околу границите меѓу Ингушетија и Чеченија го исклучи пристапот до интернет околу две недели, односно додека протестите не престанат. Пристапот до глобалната мрежа бил исклучен од трите најголеми руски даватели на услуги, а целта била наводно да се блокираат обидите за протести, што се организирале на „Вацап“.

Maвританија - целосна блокада

Мавританија овие дена се наоѓа среде интернет-блокада што почнала на 25 јуни. Земјата чекала резултати од државните избори, но кандидатот на владејачката партија, Мохамед Оулд Гхазоуани, прогласил победа пред да бидат изброени гласовите, додека полицијата наводно уапсила членови на опозицијата.

Судан


Минатата година суданската влада изврши неколкудневно забавување на интернетот. Иако давателите на услуги продолжиле да работат, капацитетот на најголемите државни „премини“ за интернет-сообраќај бил намален, додека било забележано исчезнување на „работ“ на мрежата, што значи дека интернетот бил недостапен за повеќето граѓани. Причината? Медиумите претпоставуваат дека блокадата на интернетот е тесно поврзана со продемократските демонстрации што завршиле со крв. Минатата година поранешниот претседател Омар ал-Башар исто така го исклучил пристапот до интернет цели 68 дена.

Република Чад - претседателот го исклучил интернетот цела година

Граѓаните на Чад останале без интернет една година. Некои компании преживуваат благодарение на VPN со чија помош ја маскираат нивната активност. Активистите за човекови права веруваат дека претседателот Идрис Деби го исклучил интернетот за да го намали насилството меѓу завојуваните племиња во северниот дел на земјата и со самото тоа ја консолидирал својата моќ.

Казахстан - кога опозицијата зборува, интернетот се исклучува


Од март 2018 година властите на Казахстан почнале да го забавуваат интернет-сообраќајот на државата еднаш дневно, односно секојпат кога на „Фејсбук“ држел говор Мухтар Аблјазов, лидерот на опозициската партија Демократски избор.

Штом Мухтар почне со преносот, корисниците повеќе не можат да поставуваат слики или видеа на „Фејсбук“, „Јутјуб“, „Твитер“, „Инстаграм“, „Вконтакте“ и останатите социјални мрежи.

Конго - интернетот бил исклучен еден ден по претседателските избори

Претседателот Џозеф Кабила отстапил од должност по 17 години на функцијата откако владата одржала избори во 2018 година, по кои бил сменет. Еден ден по гласањето бил исклучен интернетот во најголемите градови на Конго - Киншаса, Гома и Лубумбаши. Опозицијата тврди дека интернетот бил исклучен за медиумите да не пренесуваат за нивната победа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија