X
 14.08.2024 Образование

Објавен повикот за добивање субвенциониран студентски оброк за 2024/2025 година

Министерството за образование и наука го објави повикот за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2024/2025 година.

Како што е наведено во повикот, право на субвенциониран оброк имаат студентите кои:

-се државјани на Македонија;
-се редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети;
-не се во редовен работен однос;
-не се регистрирани како индивидуални земјоделци и
-немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата за тековната година.

Кандидатите треба да се пријават електронски на e-uslugi.mon.gov.mk. При пријавувањето, кандидатите треба да ги пополнат обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и потпишани да ги прикачат кон електронската апликација на e-uslugi.mon.gov.mk, преку која се пријавуваат за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк.

Секој кандидат може да ја провери поднесената пријава, во електронската апликација во менито „Мои апликации“.

Рокот за пријавување за тековните студенти и студентите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2024/2025 година е од 15.08.2024 година до 05.09.2024 година.

Исто така, секој први до петти во месецот за секој месец од академската 2024/2025 година ќе тече рокот за пријавување на студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк по Јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк или чие право престанало поради неисполнување на некој од критериумите, тогаш кога повторно ќе ги исполнуваат критериумите наведени во овој повик.

Во повикот се потенцира дека корисниците имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота. Доколку корисникот на субвенциониран студентски оброк во периодот од понеделник до сабота не го искористи правото на субвенциониран студентски оброк, износот од субвенционираниот студентски оброк му е достапен на користење на сметката до крајот на тековната седмица, заклучно со сабота. Правото за субвенциониран студентски оброк корисникот не може да го остварува во периодот од 1 јули до 1 октомври во годината во која се стекнал со правото на субвенционирање студентски оброк, како и за време на државни празници и неработни денови.

Издвојуваме

Образование