X
 18.06.2015 Образование

Сакам да станам успешен бизнис лидер и да работам во Македонија

Константин Чорогунов е ученик на НОВА кој ќе студира на престижниот универзитет Erasmus во Холандија. Иако со високо образование ќе се стекне надвор од Македонија, овој млад амбициозен човек својата иднина ја гледа токму во неговата матична земја. Вели дека сака да има директно влијание врз порастот на бројот на високообразовани граѓани, кој, како што вели, е неопходен за продолжување на македонскиот економски раст.

На кој универзитет се запиша и што ќе студираш?
Почнувајќи од септември, ќе студирам на престижниот универзитетот Erasmus во Холандија, поточно на Rotterdam School of Management. Ова е една од најголемите интернационални бизнис школи во Европа, која е рангирана на 28-то место за економија и бизнис во 2014 година, според Шангајската листа. Јас ќе бидам дел од IBA (International Business Administration) програмата, која трае три години и широко ги опфаќа сите делови на водењето бизнис.

Зошто се одлучи баш за овие студии? Што те привлече?
Тоа што ме привлече кон овој универзитет е квалитетот на образованито и можноста да се учи во една исклучително мултикултурна средина, сето тоа овозможувајќи ми успешно да ги направам првите чекори кон една интернационална кариера. Моите очекувања се дека ќе биде потребно да се вложи многу труд и време, но дека сето тоа на крајот би било наградено. Ова е предизвик на кој што му се радувам и верувам дека ќе успеам да се претставам себеси, но и Македонија во најдоброто можно светло. Сепак, ова е една од најценетите институции за изучување економија во светот. Би сакал да напоменам дека бев примен и на универзитетот Tilburg во Холандија, кој е исто еден од најдобрите 50 факултети за економија и бизнис во светот, како и универзитетите на Manchester, Lancaster и Queen Mary во London.

Што конкретно е твој предмет на интерес?
IBA програмата ги содржи сите предмети кои би можеле да ми помогнат да станам вистински бизнис-лидер. Теоретскиот дел на изучување на микро и макроекономија, кој е комбиниран со курсеви по сметководство, стратешки менаџмент и бизнис комуникација, се токму тоа што претставува мој предмет на интерест. Во иднина, се надевам дека би основал свој бизнис во областа на транспортот и логистиката, а со оглед на тоа што Ротердам е дом на второто најголемо комерцијално пристаниште во светот, лесно би можел да се интегрирам во тој свет. Градот е со векови епицентар на интернационална трговија, со што верувам дека би имал шанса одблиску да видам како функционираат сите тие бизниси. Економијата отсекогаш ме привлекувала, и претставувала поле кое со задоволство сум го изучувал. Знаењето стекнато при изучување на економијата може да се примени во скоро сите области, што значи дека дозволува дополнително да се одреди професијата. Исто така, големите компании низ целиот свет активно ги следат студентите на ваквите престижни факултети, така што по завршувањето на студиите, вратите ни се широко отворени.

Дали себеси се гледаш во иднина во Македонија?
Нормално, својата иднина ја гледам во мојата матична земја. Би сакал да имам директно влијание врз порастот на бројот на високообразовани граѓани, кој е неопходен за продолжување на македонскиот економски раст. Но, не ја исклучувам можноста да стекнам одредени искуства таму, бидејќи постојат големиот број на компании кои постојано бараат нови стажанти, односно млади луѓе спремни да го почнат изучувањето на бизнисот. Сметајќи се себеси за личност полна со ентузијазам и креативност, се гледам како успешен човек, кој е доволно подготвен да се соочи со сите предизвици во светот.

По што ќе ја паметиш НОВА?
Огромна благодарност до Меѓународното училиште НОВА, со чија помош го постигнав ова достигнување. Нивниот максимално професионален кадар ми даде голема поддршка како во едукативна смисла така и во градењето на мојата личност. Имајќи професори кои се полни со ентузијазам и кои навистина го сакаат она што го работат, ми овозможи полесно и побрзо совладување на материјалот и го направи средното школо едно навистина позитивно искуство. Исто така, со оглед на тоа што НОВА е мултикултурно опкружување, ќе ми овозможи да се вклопам полесно во една таква средина како што е Еразмус.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование