X
 09.11.2015 Образование

Студентите и учениците живеат на тесто, кечап и на мајонез

Триесет и четири отсто од средношколците и студентите во Македонија, со оброкот задолжително јадат кечап и мајонез, а додека се на училиште/факултет најмногу консумираат бурек или бели пецива. Ова го покажаа резултатите од анкетата што ја спроведе „Факултети.мк” во изминативе денови, а во која учествуваа точно 997 испитаници.

Анкетата беше спроведена со цел да се види какви се навиките во исхраната на студентите и средношколците.

Не јадат овошје и зеленчук

Само 12,5 отсто од младите одговориле дека за време на големите одмори или на паузите меѓу предавања јадат овошје или зеленчук, а 20,5 отсто (203 итпитаници) рекле дека во тој период јадат хамбургер тост, пица или хот дог. Најголем број од нив (665 лица односно 67 отсто) рекле дека јадат некое пециво или бурек. Со оброкот, газиран пијалок понекогаш пијат 301 испитаник, односно 30.5 отсто од анкетираните. На прашањето, дали консумираат и кечап, мајонез или сенф со храната, „Да” одговориле 34,2 отсто, со „Не” се изјасниле 28 отсто, а „Понекогаш” кликнале 37.8 отсто од анкетираните. На прашањето дали дома појадуваат, со „Не” одговориле дури 26 отсто (264) од анкетираните со „Да” – 19.9 отсто (197 лица).

Трошат помалку од 100 денари на еден оброк

Македонските студенти и средношколци трошат помалку од 100 денари на еден оброк додека се на факултет или на училиште. На прашањето, по колку пари трошат за оваа намена, 78.6 отсто одговориле дека трошат помалку од 100 денари, 20 отсто рекле дека трошат од 100 до 200 денари, а повеќе од 200 денари трошат 1,4 од испитаниците. Младите рекле дека најмногу јадат печена храна (52.7 отсто), пржена храна јадат 32.5 отсто од нив, а варена храна се изјасниле дека консумираат 14.7 отсто од учесниците во анкетата.

Свежа салата и овошје речиси и да нема во мензите?

Во анкетата имаше и прашања за храната што се нуди во мензите. Така, на прашањето дали сте задоволни од квалитетот на понудената храна во мензите, во најголем број 55.8 отсто (549 лица) одговориле „Може и подобро”, 35.6 oтсто (350 лица) кликнале „Не, воопшто”, a 8,6 отсто (85 лица) рекле дека се задоволни од квалитетот на храната. Дали во менито има салата од свеж зеленчук, половина од анкетираните рекле дека нема (50.6 отсто), 36.1 отсто рекле дека има, но дека изборот е мал, а 13.3 отсто одговориле потврдно на ова прашање. Овошје во менито рекле дека има само 5,8 од испитаните, со „Не“ одговориле најголем број – 71,3 отсто, а „Да, но изборот е мал“, кликнале 22.9 отсто од учесниците во анкетата.

Во Европа сме на второ место по деца со прекумерна тежина

Докторите и научниците постојано предупредуваат на растот на бројот на деца и млади со прекумерна тежина. Минатата година и тренинг-центарот „Клуч“ објави истражување во кое учествувале ученици од трета и четврта година од две скопски гимназии, а резултатите покажаа дека на училиште средношкоците јадат чоколади, салами, кечап и мајонез. Дебелината предизвикува дијабетес, висок крвен притисок, срцеви болести, па и психички пореметувања.

Според некои од последните истражувања на светко ниво, односно на Светската здравствена организација, младите во државава се на второ место (после Малта) во Европа во прекумерна тежина.



Aвтор: Антонија Поповска-Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование