Најпознатата македонска компанија за конципирање и изработка на мобилни апликации,
Venikom Mobile, изминатиов период е често споменувана во медиумите благодарение на
својот нов продукт Lynx.press со кој медиумските издавачи можат брзо и едноставно да
добијат мобилни апликации за Android и iOS. Еден од главните луѓе во тимот е и Дарко
Стоилов кој работи како Главен веб девелопер во Venikom Mobile, со кого денеска имаме
задоволство да поразговараме во интервјуто во продолжение.
Дарко Стоилов: "Создадовме македонски продукт кој очекуваме
да го промени дигиталното издаваштво во светот"
Факултети.мк: Релативно млад доби можност да работиш на проекти за некои од најголемите светски
брендови и да бидеш на чело на веб девелопмент одделот во Venikom Mobile. Кажи ни
нешто повеќе околу минатите проекти во кои си имал можност да придонесуваш?
Дарко: Уште при завршувањето на првата година од моите студии почнав со пракса во Venikom
Mobile, а по неколку месеци почнав и со работа, секако на скратено работно време поради тоа
што паралелно ги слушав и студиите од мојот факултет. По кратко време заедно со постарите
колеги во Venikom започнавме изработка на систем за генерирање дигитални изданија на
магазини, весници и порфолија кој во тоа време беше доста револуционерен продукт на
светско ниво и полека но сигурно ја добиваше довербата кај издавачите. Подоцна имам
работено различни типови на апликации за повеќе брендови од кои дел се`уште се наши
клиенти, а посебно ми се драги мобилните апликациите за светски познатите медиумски
брендови како што се Vogue , GQ , Glamour , Chanel и BushMills.
Факултети.мк: Дали може да ни откриеш малку повеќе за Lynx.Press, проектот на кој работиш во
моментов ?
Дарко: Lynx.press е easy-to-use плагин наменет првично за медиумите кои ја користат WordPress
платформата, со кој издавачите можат многу брзо и едноставно да добијат топ квалитетни
мобилни апликации за Android и iOS, по екстра поволни услови и без никаква иницијална
инвестиција.
Предводени од искуствата кои ги имаме стекнато при развивање на апликации за некои од
најпознатите медиумски брендови во светот, истовремено со тоа знаејќи ги и потребите на
издавачите како и навиките на корисниците, со Lynx.press создадовме македонски продукт кој очекуваме
да го промени дигиталното издаваштво во светот и да биде силен boost за медиумите во
смартфон-ерата.
Факултети.мк:Која технологија за програмирање ја користиш и зошто?
Дарко: Генерално, ние во Веником секогаш за секој нов проект се обидуваме да ги следиме
последните трендови за развој на софтвер, како за веб така и за мобилните апликации. Водени
од ова правило и Lynx.press системот е поставен во PHP framework Laravel кој последните
години ја освојува PHP заедницата.
Факултети.мк: Работиш во доста динамична индустрија која се менува од ден на ден. Каде најчесто учиш
нови технологии?
Дарко: Работите во ИТ индустријата се менуваат толку брзо и доколку не се прилагодиме на
динамиката да ги учиме новите технологии и принципи што побрзо, да бидеме иновативни и
креативни можеме со тек на време да ги најдеме во музеј :) .Најголем извор за новите работи
секако е интернетот, со редовно следење на Community групите на технологиите кои ги
работам.Колку што дозволува времето и обрските се трудам и континуирано да посетувам ИТ
настани во Македонија и во поширокиот регион.
Факултети.мк: Какви се твоите спомени од формалното образование. Што ќе им порачаш на идните
студенти кои сакаат да ги следат твоите чекори и да станат успешни веб девелопери?
Дарко: Образованието е неопходен чекор за секој кој што сака да заплива во било кој сегмент од ИТ
индустријата. Најважно од се е да се знае точно што се сака и целосно да се насочат кон тоа.
Формалното образование може да биде само отскочна даска, а за се друго е потребно многу
труд, постојано учење и многу работа.На идните студенти ќе им порачам да го вложуваат
своето време и енергија во образованието и учењето нови работи секој ден, бидејки тоа е како
бумеранг и ќе дојде време кога тоа ќе им се врати и исплати.