X
 07.12.2015 Образование

Со парите од продадената ракија си ги платив сметките



Со парите од продадената ракија си ги платив сметките

Скап е животот за еден просечен македонски студент во главниот град. Тоа е причина многумина студенти кои се на студии во Скопје, да си наоѓаат различни начини за да дојдат до заработка.

Така, стандардно во влезовите во студентските домови, по ходниците, пред лифтовите, на вратите на главните влезови на факултетите, секогаш можете да забележите залепени ливчиња на кои пишува „Продавам вино", „Продавам ракија", „Продавам производи на Авон", „Изработувам семинарски и есеи"...

Ракија се дава и како подарок, за да се „подмачка" некој договор

Цимерката со која што живеам е четврта година е и се` уште продава ракија. Таа не е виновна за тоа, едноставно девојчето гледа да си заработи некоја пара. Тоа што генерално немаме некаков стандард е причина да продава кој што произведува и кој што има, за да преживее, вели студентка на Природно-математичкиот факултет.

Други студенти пак, со кои разговаравме, продавањето домашна ракија оди за килограм 150 денари, а килограм и половина чини 200 денари.

- Се заработува добро од неколку продадени килограми, особено доколку ги продава машко или некој добар извор кој е константен. На пример, за плаќање може да се случи и по некоја сметка да се плати, да се купат чизми ит.н. Значи оние поголеми и поскапи работи се покриваат со тие пари. Е сега, често се случува и да се подари ракија за да се „подмачка" некој договор или да се остави добра импресија, да те засака сопственикот на станот - вели една студентка.

Нејзин колега на штипскиот универзитет вели дека ливчиња со огласи на студенти има по пред влезови на станбени згради, како и на места на кои има поголема фрекфенција на луѓе.

Студентските лидери како безгласни букви

Многупати досега поранешни и сегашни студентски лидери лично ветуваа во програмите за работа дека ќе го подобрат студентскиот стандард. Но, за жал, тие како само декларативно да се борат за тоа, а во пракса и на дело им нема видливи дела. Така, еден поранешен претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" ветуваше, но не успеа да издејствува за студентите пониски цени на храната и на пијалаците во факултетските бифеа. Актуелниот лидер Кирил Спироски, пак, пред да победи на изборите рече дека ќе воведе македонска студентска картичка со која секој студент ќе има попуст буквално, од бутик до супермаркет. Но, никогаш не се случи македонски студент да пазари некаде со некаква картичка која му нуди каков било попуст.

Закон за студентски стандард

Од пред неколку години во Македонија постои Закон за студентски стандард. Во него државата предвиде олеснувања во однос на приемот и престојот во студентските домови за неколку категории студенти. Така, Министерството за образование и наука целосно им ја плаќа цената за сместување и исхрана на студентите кои се сместени во државен студентски дом, а се деца без родители и родителска грижа, деца со посебни потреби, деца на невработени родители, деца на самохрани родители, деца на корисници на социјална парична помош и постојана парична помош и деца на корисници на надоместок по основ на престанок на работниот однос од деловни причини.
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование