X
 30.05.2018 Образование

Професор д-р Александра Бужаровска, продекан на ТМФ: Нашите студенти се успешни дома, но и надвор

Покрај наставно-образовната дејност, научноистражувачката работа е исклучително значаен сегмент во нашето дејствување

Сите студенти што се стекнуваат со звањето дипломиран инженер-технолог или металург, своите знаења и вештини можат да ги применат во водењето сложени технолошки процеси, нивно унапредување, обезбедување контрола и квалитет на производите, при тоа применувајќи ги принципите на почисто производство и соодветна грижа за заштита на животната средина – вели продеканката за наука и меѓународна соработка на Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје. Со професор Бужаровска разговаравме за научноистражувачката работа на ТМФ, како и за сите можности и предизвици што ги очекуваат студентите кои студираат тука.

Технолошко-металуршкиот факултет има седум студиски програми. Како матурантите да ја изберат вистинската насока?

- За да им се помогне на матурантите да го направат вистинскиот избор на својата идна професија, односно да се определат за една од седумте студиски програми што ги споменавте, факултетот организира повеќе активности насочени кон обезбедување на што е можно повеќе информации во однос на тоа што претставуваат и покриваат овие програми, како се организирани, која е нивната цел и какви можности им нудат на идните дипломирани инженери. Една од активностите што факултетот континуирано ги спроведува беа и организираните посети што ги реализиравме речиси кај сите средни училишта во земјата, при што на матурантите им беа презентирани студиските програми и можностите за вработување како едeн од значајните критериуми во носењето одлука при изборот на идната професија.

Презентација низ средните училиште во Македонија 

Сите неопходни информации за идните студенти беа достапни и на годинешната традиционална манифестација „Отворен ден, запознајте го УКИМ“, на која, како и во претходните години, ТМФ активно се промовираше учествувајќи со соодветни презентации на своите активности и проекти, брошури, како и овозможување непосредни комуникации со наставниците и студентите од ТМФ.


Отворен ден на УКИМ

Сите заинтересирани што немаа можност да ги посетат овие интересни настани, потребните информации поврзани со нашите студиски програми и студирањето на Технолошко-металуршкиот факултет можат да ги добијат непосредно преку организирање директни средби и контакти со наставниот кадар на факултетот, кој е спремен во секое време да им излезе во пресрет на идните студенти и да им помогне во разрешување на сите нивни дилеми. Истовремено сите неопходни информации и податоци се поставени и на веб-страницата на нашата институција, www.tmf.ukim.edu.mk или на нашата Фејсбук страница: Faculty of Technology and Metallurgy. Во контекст на изборот и определбата за која било од студиските програми (дизајн и менаџмент на технолошките процеси, инженерство на материјали и нанотехнологии, дизајн и инженеринг на облека, полимерни материјали, прехранбена технологија и биотехнологија, неорганско инженерство и заштита на животната средина и металургија, дизајн и менаџмент) би сакала да истакнам една нивна заедничка специфика, а тоа е дека сите студенти што се стекнуваат со звањето дипломиран инженер-технолог или металург, своите знаења и вештини можат да ги применат во водењето сложени технолошки процеси, нивно унапредување, обезбедување контрола и квалитет на производите, притоа применувајќи ги принципите на почисто производство и соодветна грижа за заштита на животната средина.

Дејноста за која ТМФ продуцира кадри е поле во кое навистина може многу да се истражува. Колку и како студентите се вклучени во научноистражувачката работа?

- Покрај наставно-образовната дејност, научноистражувачката работа е исклучително значаен сегмент во нашето дејствување. Широкиот и разновиден спектар на технологиите што се изучуваат на факултетот наоѓа огромна применливост во секојдневното живеење. Тргнувајќи оттаму, полето на истражување е навистина огромно и нуди исклучителни можности, но и покрај големиот капацитет, истражувачката дејност е во корелација со развиеноста и можностите на домашната економија, односно стопанството. Во рамките на одредени научноистражувачки проекти секако дека се вклучуваат и студенти, особено од повисоките студиски години, кои веќе се оспособени за учество во научноистражувачка работа и работа на проекти. Голем дел од нив ангажирањето на одреден проект го реализираат и при изработката на своите дипломски трудови, а со цел покрај подготвувањето на завршниот труд да се поттикне и да се стимулира нивната креативност, комуникациските вештини и способноста за тимска работа. Во согласност со можностите и опремата со која располага факултетот, се обидуваме во текот на студирањето колку што е можно поголем број студенти да се вклучат и приближат кон овој интересен сегмент од работењето на нашата институција, секогаш водени од мотото дека клучот за постигнување на успехот е откривање на потенцијалот на младите луѓе и особено посветување на време и соодветно внимание во неговиот развој.


Проф. д-р Александра Бужаровска

Факултетот исто така е вклучен во многу меѓународни проекти. Има ли место за студентите и во овој дел?

- Се разбира дека има. Студентите што покажуваат соодветен интерес, желба за научноистражувачка работа, тимска работа, комуникација и изразување на својот креативен потенцијал, секако дека учествуваат и се дел од нашите меѓународни проекти, односно учествуваат во процесот на нивна реализација, најчесто вклучувајќи се во одредени сегменти на проектите. Заради нивно активно и навремено ангажирање во текот на студирањето, тие се континуирано информирани за тековните проекти на факултетот. Дел од добиените резултати што се постигнати во рамките на овие проекти, студентите имаат можност да ги презентираат на меѓународни студентски конгреси. Особено се радувам што на последниот XII Студентски конгрес на сојузот на хемичари и технолози на Македонија, одржан минатата година, имаше повеќе од 15 усни презентации на наши студенти кои успешно ги презентираа своите резултати. Тука ќе ги напоменам студентските конгреси кои традиционално се одржуваат и во нашето соседство, каде што нашите студенти континуирано земаат активно и успешно учество.

Постои можност и за меѓународна студентска пракса и студентска мобилност? Кажете ни нешто повеќе околу овие можности?

- Да, секако дека постои можност за реализација на меѓународни студентски пракси, но и студентска мобилност во рамките на Еразмус+ програмата промовирана од Европската комисија, а која кај нас се организира и спроведува преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со цел меѓу повеќето децентрализирани акции да понуди и поголема мобилност на студентите во полето на високото образование, и воедно да им овозможи дел од студиите или нивната практична работа да ја поминат во некоја од земјите-учеснички на оваа програма. Во овој контекст би сакала да истакнам дека Технолошко-металуршкиот факултет во рамките на Еразмус+ програмата има потпишано повеќе од 9 Еразмус-договори со универзитети од Италија, Шпанија, Словенија, Германија, Унгарија и Турција. Овие Еразмус-договори им овозможуваат на нашите студенти да поминат еден семестар во овие институции, но истовремено ни овозможуваат и ние да бидеме институција-домаќин на странски студенти. Компатибилноста на нашите студиски програми со оние на универзитетите со кои имаме потпишано Еразмус+ договори ни овозможува веќе од зимскиот семестар 2018/2019 година да ги имаме првите студенти од Шпанија и Турција на нашиот факултет, на студиските програми: Инженерство на материјали и нанотехнологии, Полимерни материјали, како и Металургија, дизајн и менаџмент. Но, можноста за размена не се однесува само на студентската мобилност, туку и на мобилност на наставен кадар.



Во овој контекст би сакала да истакнам дека кај нас ваков тип размена во моментов реализира доцент д-р Маша Кнез Хрнчиќ од Факултетот за хемија и хемиско инженерство при Универзитетот во Марибор, Словенија, која е на тримесечен престој на Институтот за органски технологии при ТМФ. Што се однесува до меѓународните студентските пракси, голем број студенти оваа можност ја користат во рамките на студентски организации (ИАЕСТЕ, БЕСТ итд). Како што споменав, и студентските организации даваат убави и солидни можности за добивање платени технички пракси од различни области, меѓу кои и од областа на инженерството. Имајќи ја предвид развиеноста на комуникациите во светот на досега највисоко можно ниво преку огромниот развој и напредок на компјутерската технологија сметам дека можностите за изведување на меѓународни пракси на младите луѓе се неограничени.

* На пракса Ви доаѓаат и странски студенти. Како се задоволни од оваа соработка, што ТМФ им нуди на студентите од странство?

- Технолошко-металуршкиот факултет има потпишано меморандуми за соработка со повеќе студентски организации преку кои се остваруваат многубројни студентски пракси. Во рамките на овие соработки факултетот прифаќа меѓународни студенти од универзитети во светот, кои кај нас би реализирале студентска пракса. Од 15 мај оваа година преку овие меѓународни пракси престојува практикантка од Факултетот за хемиско инженерство од Аликанте, Шпанија, која е вклучена во дел од нашата научноистражувачка работа.


Се викам Ирене Сантакруз Серда и доаѓам од Аликанте, Шпанија. Студирам на Факултетот за хемиско инженерство на Универзитетот од Аликанте. Првпат сум во вашата земја и уживам во престојот во Македонија и на Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје. Тука сум како студент на размена преку ИАЕСТЕ и ќе останам еден месец. Благодарение на ИАЕСТЕ и на ТМФ, ја имам оваа можност да патувам, да се запознаам со нова култура и луѓе и да искусам пракса во странство.

Дали ги следите студентите откако ќе дипломираат, каде завршуваат најдобрите кадри, дали за кратко време со Вашата диплома се снаоѓаат за работно место?

- Една од стратегиите на Технолошко-металуршкиот факултет е секако грижата и следењето на професионалниот развој на нашите дипломирани студенти. Вработувањето и градењето успешна кариера на сите наши студенти за мене како професор претставува успех за институцијата на која ѝ припаѓам, но и успех на целиот наставен кадар кој е инволвиран во сите етапи на нивната едукација. За нас како факултет е особено важно каде нашите дипломирани студенти ја започнале својата професионална кариера или, пак, каде го продолжиле своето образование (втор или трет циклус на студии). Она што би сакала да го потенцирам е фактот дека како факултет често пати претставуваме некаков линк помеѓу нашите дипломирани студенти и индустријата земајќи ги предвид нашите долгогодишни воспоставени релации и соработки со стопанството.
Веќе споменав дека технологиите што се изучуваат на факултетот се исклучително интересни, со огромна примена во секојдневното живеење, што значи можностите кои ги нудат се неисцрпни со екстремно широк дијапазон на апликативност. Младите луѓе што се посветени на својата професија секако дека можат да дојдат до пристојно работно место иако во нашата земја има потреба и простор за поголеми вложувања и привлекување соодветни инвестициони проекти во овие области за да им се овозможи на младите луѓе побрзо да дојдат до посакуваните работни места во својата татковина.
Со огромно задоволство можам да истакнам дека нашите дипломирани студенти доаѓаат до солидни позиции и надвор од нашата држава, а значаен број од нив успеваат да го продолжат своето образование на високо рангираните универзитети во западноевропските земји. Ова секако јасно говори за нашите добро конципирани студиски програми, квалитет и препознатливост во европски рамки. Мојата желба и порака до сите дипломирани и идни студенти на нашиот факултет е да направат напори своите професионални унапредувања и вештини да ги применат тука, во својата земја и да дадат свој белег и придонес во нејзиниот развој. Нашите млади се нашиот најголем потенцијал и јас во таа насока на сите наши студенти им посакувам лично унапредување, престиж и врвно знаење.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование