Министерството за образование и наука информира дека исплата на средства за субвенциониран студентски оброк ќе има до крајот на тековниот месец. Сите студенти што ќе го остварат правото, ретроактивно на своите трансакциски сметки ќе добијат парични средства за два и пол месеци, односно за половина од септември и за октомври и ноември.
- Во моментов, комисија во рамките на Министерството за образование и наука задолжена за проверка дали студентите/апликантите ги исполнуваат условите согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, врши компарација на податоците наведени во апликациите и податоците што ги добивме од другите надлежни институции – УЈП, АВРМ, ФПИОМ, МВР и сите универзитети - соопштија од МОН.
Секој студент/апликант ќе добие решение преку системот преку кој се аплицираше, а веднаш потоа ќе се реализира и исплатата. Информираме дека на повикот кој траеше од 25 ноември до 3 декември пристигнаа над 31 илјада апликации.