X
 23.02.2017 Образование

„Другарче“, „Развигор“, „Наш свет“ чекаат зелено светло

Шест месеца од почетокот на тековната учебна година, децата во основните училишта ги немаат своите омилени детски списанија „Другарче“, „Развигор“, „Наш свет“. Се чека одобрување од Бирото за развој на образованието за издавање и за дистрибуција во училиштата.



Од издавачот „Детска радост“ велат дека навремено доставиле барање од Министерството за образование и наука за употреба на овие списанија, како и „Росица“ за прво одделение.

- Приложивме и примероци во кои беа имплементирани забелешките од минатата учебна година. Барањето за одобрување го поднесовме уште во текот на летниот период (18 јули 2016). Потоа, по барање на Бирото добиено на 1 ноември или четири месеца подоцна, приложивме и по три различни предлог-примероци, но еве, на три месеци пред крајот на учебната година, списанијата со повеќе од 70-годишна традиција, во училиштата ги нема. Сѐ уште го чекаме одобрението и се надеваме дека ќе го добиеме – вели Тања Димовска-Атанасова, ПР во „Просветно дело“.

Бирото во своето барање до нас бараше да приложиме три предлог-примероци од списанијата со опис на концептот на секое од нив одделно, објаснува Димовска. Ние ги испративме примероците на 26 јануари и чекаме одговор.

-Ние постапивме согласно барањето и чекаме одговор. Би потенцирала дека во редакцијата „Детска радост“ секојдневно пристигнуваат пораки, писма и телефонски јавувања од ученици, родители, наставници, како и од македонските писатели за деца со единствено прашање: кога списанијата повторно ќе се најдат во училиштата – споделува Димовска-Атанасова.

Од Министерството за образование и наука објаснуваат дека ресорното министерство дава согласност за дистрибуција на одредени списанија и дополнителни материјали, кои не се предвидени во наставните програми, согласно претходно мислење од Бирото за развој на образованието, кое се формулира врз основа на доставени документи, меѓу кои и концепција на материјалот, односно списанието.

-Во конкретниот случај, издавачот не ја доставил концепцијата при првичното известување од страна на Бирото за развој на образованието. Истата е доставена пред извесно време и е во процедура, односно во фаза на разгледување – велат од Министерството.

Ова не е прва година списанијата да се во застој. И учебната 2015/2016 година се случуваше истата ситуација. Тогаш од Бирото за развој на образованието посочуваа дека пожелно е издавачите да ги продаваат своите списанија и изданија во книжарниците.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование