Фото: Reuters
Белата куќа ги одреди новите критериуми за издавање на виза на граѓаните на шест претежно муслимански земји и за сите бегалци, а еден од условите е да имаат блиско семејство или бизнис врски во Америка.
Правилата важат за граѓаните од Иран, Либија, Сирија, Сомалија, Судан и Јемен, а стапија во сила вчера. Новите мерки се воведени откако Врховниот суд во Америка одобри делумно спроведување на забраната за патување во Америка за државјаните од споменатите земји, која претходно беше воведена од претседателот Доналд Трамп.
Извршната наредба на Трамп претходно беше блокирана од пониските судови.
Според новите правила, во наредните 90 дена, лицата кои во Америка немаат близок роднина - родител, сопружник, дете, зет или снаа, брат или сестра - нема да можат да влезат во Америка.
Дефиницијата за близок роднина исклучува баба, дедо, вујко, вујна, тетка, чичко, братучед и внук. Исклучок претставуваат луѓето кои имаат цврсти бизнис или образовни врски со Америка.
Во правилникот е нагласено дека односот мора да биде формален, документиран и формиран на вообичаен начин, а не поради заобиколување на оваа извршна наредба. Луѓето кои веќе добиле американски визи не се опфатени, а влегувањето во
Америка ќе биде дозволено и на лица со двојно државјанство и со пасош од некои од земјите кои не се опфатени со оваа акција.