X
 29.08.2017 Образование

Колку ќе ве чини првачето?

Доаѓа и тој ден, вашето малечко веќе има шест години и тргнува на училиште. Нашето образование е бесплатно, учениците со години добиваат бесплатни учебници. Со таа мисла на ум си велите: „Одлично, имам предвидено буџет за ранец, училиштен прибор, нови чевли/патики, па и нова облека за првиот ден“. Пресметан е и трошокот за традиционалната мала „закуска“ на потесното семејство, кое вечерта пред 1 септември (годинава 4 септември) доаѓа на гости за да го испрати првачето и да му посака среќа.


Фото: Pixabay


Но, тоа не е сѐ. Уште на првиот ден добивате список што треба дополнително да купите. Приближно олку ќе ве чини првачето:

- Ранец, од 500 до 2.500 денари, сѐ зависи од омилениот филмски херој на вашето дете.

- Комплет прибор за пишување, со дрвени боички, фломастери, основни форми на линијари (прав и триаголен), моливи, гума и острилка, од 300 до 500 денари.

- Тетратки во мал формат, со широки линии, квадратчиња и без линии, од 50 до 100 денари.

- Блок за цртање, колаж, пластелин, ножички, повеќе видови лепила (селотејп, лепило за хартија, течно лепило), глина, водени бои, четки за боење, од 500 до 700 денари.

- Папка (најлонска и картонска) во која секој ученик ќе си ги складира изработените задачи, од 20 до 200 денари.

- Осигурување на ученикот, околу 100 денари (важи за целата година) и околу 350 денари за обезбедувањето во училиштето (се плаќа и во прво и во второ полугодие). За овие детали ќе бидете известени на првиот родителски состанок.

- Едно пакување хартија за копирање, од 200 до 250 денари (се купува еднократно). Во најголем дел од училиштата секој ученик неколку пати во годината носи течен сапун, бришачи за раце и голем комплет тоалетна хартија. Ова чини од 200 до 350 денари. Бирото за развој на образованието на почеток на секоја учебна година апелира до родителите да не ги купуваат овие нешта. Но, директорите најчесто се децидни дека немаат пари да ги обезбедат овие основни потреби, па родителите ги набавуваат препаратите за основна хигиена.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование