Инспирирани од своите омилени цртани ликови, 51 дете заедно креираа сликовници и ги изложија
Петтоодделенци од две основни училишта во Охрид минатата недела ги здружија силите и заеднички создадоа математички сликовници. Се дружеа, работеа во групи, си помагаа и се почитуваа, велат наставничките што им ја овозможија оваа активност.
Во Основното училиште „Григор Прличев“ 51 дете се дружеа и работеа заедно, под менторство на наставничките Маре Ѓорѓиеска (од „Григор Прличев“) и Виолета Петковска (од „Кочо Рацин“).
Едни од идеите на проектот беа да се поттикнат желбата и интересот за креирање сликовници, да се унапредуваат вештините за користење и селекција на достапни ресурси на оригинален и забавен начин, учениците да размислуваат и да разговараат за идеи за наслов, име, илустрирање корици, текст, илустрации, да пишуваат математички задачи и да решаваат задачи, а притоа се развива иновативно, логичко мислење, велат наставничките.
Вредните дечиња заеднички креираа сликовници
На почетокот на работилницата на пано во форма на големо срце учениците оставија свој печат или автограм. Секоја група ги презентира математичките сликовници и ги споделува своите сознанија за теми што сами ги одбирала.
- Учениците работеа во девет групи. Измислуваа по три задачи или проблем-задачи поврзани со темата или суперхеројот. Тие задачи ги решаваа со мерење, споредување. Со лупа пронаоѓаа мапа и пресметуваа решение на должини со единици мерки – објаснува Петковска.
Заедничките сликовници беа изложени.