„Прекрасна е елката моја, со лампиони во црвена боја...“ со овие стихови нѐ радува Биби во нејзината новогодишна песничка „Трепкај, трепкај, елкичке“, која од синоќа можете да ја најдете на нејзиниот
јутјуб-канал „Биби/Bibi“. Многу дечиња веќе ја научија песната. Дел од нив ја слушнаа во саботата на роденденската забава во „Капитол мол“, каде што Биби првпат ја испеа.
Автор на текстот на песната е Билјана Црвенковска, а на музиката и аранжманот - Ангел Ќосев. Песната се снимаше во студиото „Подрумот“ во Скопје. Режисер на видеото е Гоце Цветановски, арт-директор е Тхе Мичо.
Ќосев е еден од најангажираните композитори кај нас. Работи со многу популарни музички групи периодов – „Монистра“, „Љубојна“, „Дупер“, „Фанк Шуи“ и други.
Композиторот не крие дека му било предизвик да создаде песна за Биби.
- Секогаш е убаво кога се создава песна за деца. Навидум се чини дека е лесно, но уметноста се состои во тоа да биде интересно, но и примамливо. Имам создадено многу песни за детски фестивали. До неодамна работев и со деца во основно училиште и знам како реагираат. Како и сите што влегоа во проектот Биби, и јас влегов со многу љубов и ентузијазам - вели Ќосев и додава дека снимањето било најинтересниот и најзабавниот дел од процесот.
- Слаѓана е многу талентирана актерка и одлично пее. Лесно го трансформира гласот, а воопшто не е едноставно возрасен да долови детски глас – објаснува Ќосев.