X
 18.03.2019 Живот

Тео Богоевски: „Луѓе, ме направивте 100% посамостоен“

Тој е голем борец, неговото име е Тео Богoевски и денес ја живее својата 27. пролет. Цели 11 години е неподвижен. Од неодамна тој повторно може самостојно да функционира и да се „движи“ со помош на новата електромоторна количка која, благодарение на хуманоста на овој народ, е набавена преку дистрибутерот на SUNRISE MEDICAL за Македонија, фирмата за ортопедски помагала „Бауерфеинд“.

„Благодарение на сите прекрасни луѓе, еве го и тој ден. По нецели 2 години седнав на неа. Не можам со зборови да ви го опишам чувството, сè уште сум во шок. Значи, си приспособувам позиција на нозе, грб, висина, си легнувам, поткачувам, не се труцкам веќе кога возам, можам да сменам положба да не се здрвувам по цел ден, се качувам по тротоари, се спуштам стабилно, додека се возам во комбе е стабилна, менувам канали на ТВ, вклучувам клима со џојстикот, луѓе, ме направивте 100% посамостоен. Фала ви за секоја порака, убава мисла, за секоја донација, за секоја љубов со која направивте да уживам во собирањето средства... Со цела рака ве гушкам сите“, напиша Тео на својот фејсбук-профил споделувајќи ја радоста.

Само еден миг од денот може да ни го промени животот....

До својата 16. година Тео бил подвижен, но кобниот скок во Охридското Езеро му ги одзеде нозете и го направи целосно зависен од инвалидска количка и од друго лице. Беа потребни речиси 2 години за да се соберат средствата и да се набави најсоодветната количка за Тео според степенот на неговиот инвалидитет, потребите и можностите.

Хуманоста повторно помогна уште еден млад живот да ги живее деновите поподносливо покрај големиот хендикеп, а производителот на количката „Sunrise medical“ од Германија, преку своите дистрибутери од Македонија, компанијата „Бауерфеинд“, му ја испорача.

Браво за Тео и голема благодарност до сите знајни и незнајни луѓе што помогнаа во собирањето на средствата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот