X
 18.04.2019 Образование

„Алкалоид“ ја проширува програмата за практикантство и во средните школи

По успешната имплементација на програмите за практиканство со четири факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, „Алкалоид АД Скопје“ одлучи соработката од овој вид да ја прошири и со средните училишта. Во првиот циклус од програмата „Серијал на практична обука“, компанијата потпиша меморандуми за соработка со две средни училишта на територијата на град Скопје - медицинското училиште „Д-р Панче Караѓозов“ и хемиското училиште „Марија Кири-Склодовска“.

Целта на новиот циклус на практиканство со средните училишта е да се поттикне развојот на младите стручни кадри преку нивен активен ангажман во автентични процеси. За својот практичен ангажман средношколците ќе добијат симболичен паричен надомест од компанијата, а првата група од околу 15 практиканти се очекува да почне со практичната обука кон средината на јуни годинава.

- Во насока на нашите заложби за корпоративна општествена одговорност, а поттикнати од успешните примери на практикантство со академските инстанции, каде што добивме сериозни индикатори за тоа како активниот ангажман на младите, талентирани и амбициозни студенти може да се искористи во полн капацитет, а притоа да се има обостран бенефит, одлучивме да ги отвориме вратите и за практична соработка со средните стручни училишта поврзани со нашите бранши. Се надевам дека новите генерации на милениумци ќе ја искористат шансата за надградување на нивните знаења и стекнување нови практични вештини во рамки на реални процеси - изјави Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид АД Скопје“.


Средните медицинско и хемиско училиште од Скопје ќе соработуваат со „Алкалоид“

За целите на спроведување на проектот, кој е верифициран од страна на Стопанската комора на Македонија, а поддржан и од Град Скопје, денес во седиштето на „Алкалоид“ беа потпишани меморандумите за соработка со образовните институции.

- Оваа програма за изведување практична настава отвора нова можност за учениците да стекнат практични вештини, знаења и искуства во оваа компанија. Верувам дека учениците ќе ја искористат оваа можност и стекнувајќи практично искуство, ќе ја зголемат својата атрактивност на пазарот на трудот по завршувањето на образованието - изјави Блерим Небиу, директор на СУГС „Марија Кири-Склодовска“.

Според в.д. директорката на Средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“, Маја Салиу, потпишувањето на Меморандумот за соработка со „Алкалоид АД Скопје“ е резултат на заедничката визија за поттикнување на вработливоста на младите.
- Стратешка ориентација на нашето училиште е да се продуцираат стручни кадри кои ќе одговорат на потребите на пазарот на трудот преку стекнување вештини низ практична работа во реални услови. Сето ова е во насока на воспоставување систем на дуално образование во рамките на заложбите за одржлив економски раст и развој - истакна Салиу.

Блерим Небиу и Живко Мукаетов

Поаѓајќи од фактот дека квалитетното и соодветно образование е темел на општествениот и економски развој на секој град и држава, а во насока на унапредување на стандардите на образовните услуги во средните училишта и подигање на компетенциите на учениците, раководителката на секторот за образование на Град Скопје, Даниела Адамова, изјави:
- Наша цел е преку поддршката на позитивните практики од европските модели на дуално образование да креираме сопствени модели на соработка со бизнис-заедницата, кои ќе ги рефлектираат нашите специфични потреби за ефикасен и продуктивен образовен систем.



Првиот циклус од програмите за практиканство „Алкалоид АД Скопје“ и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го почнаа во април 2018 година. Преку него 11 од вкупно 17 ангажирани практиканти останаа да работат за компанијата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование