X
 18.12.2019 Култура

25 години од „Пред дождот“ ќе се одбележат во Кинотеката и во МАНУ

Кинотеката на Македонија и Македонската академија на науките и уметностите со поддршка на „Вардар филм“ денеска ја одбележуваат 25-годишнината од премиерата на „Пред дождот“ – најуспешниот игран филм во македонската кинематографија на режисерот Милчо Манчевски.

Напладне во свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите на гостите ќе им се обратат академик Таки Фити, претседателот на МАНУ, и Владимир Ангелов, директор на Кинотеката, а видеообраќање ќе има и проф. д-р Виктор Фридман, надворешен член на МАНУ.
Свои излагања за „Пред дождот“ ќе презентираат и дописниот член на МАНУ, проф. д-р Марјан Марковиќ, на тема „Македонскиот стандарден и дијалектен јазик во филмскиот опус на Милчо Манчевски“ и проф. д-р Славица Србиновска на тема „Естетиката на гледната точка во нарацијата на Милчо Манчевски“.

Во 20 часот во Кинотеката ќе биде прикажана 35-мм копија од „Пред дождот“, која Манчевски неодамна ја депонира во филмскиот архив на Кинотеката, како и промоција на мапа со репродукции од плакати на „Пред дождот“ од светската дистрибуција на филмот.



Се очекува и актерот Раде Шербеџија, кој го толкуваше главниот лик на Александар Кирков, да биде меѓу гостите на прославата.
„Пред дождот“ беше премиерно прикажан на 6 септември 1994 година на Филмскиот фестивал во Венеција, каде што и ја освои наградата „Златен лав“ за најдобар филм. Филмот освои и номинација за „Оскар“ во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.
Сценариото е на Манчевски, кинематографер е Мануел Теран, монтажер Николас Гастер, а улогите, покрај Шербеџија, ги толкуваат: Грегоар Колан, Лабина Митевска, Кетрин Картлиџ, Јосиф Јосифовски, Кирил Ристоски.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура