Вања Јосифовски е нов технички директор во „Ербиенби“. Тој досега ја имаше истата позиција во „Пинтерест“, а бил на високи позиции и во „Јаху“, „Гугл“ и ИБМ. Во оваа компанија ќе биде директор во одделот „Ербиенби хоумс“, кој се занимава со развој на техничката визија и насоката на можностите на платформата низ целиот тој оддел.
Јосифовски беше дел од „Пинтерест“ од 2015 година. Најпрво како претставник на инженерските тимови што работеа на развој на вештачка интелигенција. Тој е и првиот технички директор во „Пинтерест“.
- „Ербиенби“ е прекрасна компанија и чувствувам дека може да го смени светот на убав начин. Тоа е исто така многу амбициозна компанија. Можностите се едноставно бескрајни за тоа што „Ербиенби“ може да направи во однос на патувањето, но и повеќе од тоа - вели Јосифовски.
Јосифовски е роден во Скопје, учел во средното „Раде Јовчевски-Корчагин“ и во САД. Завршил на Институтот „Јозеф Стефан“ во Љубљана, магистрирал на Универзитетот на Флорида, а докторирал на Универзитетот „Линкопинг“ во Шведска.