Британската компанија за испорака ДПД го исклучи чет-ботот кој функционира преку вештачката интелигенција (ВИ) откако незадоволен клиент успеа да го „натера“ да пцуе и да ја критикува фирмата.
Музичарот Ешли Бошамп (30) се обидел да го пронајде изгубениот пакет, но не добил никакви корисни информации од онлајн чет-ботот на компанијата за испорака. Откако се обидел да добие одговор, незадоволниот клиент решил малку да се забавува и почнал да експериментира за да открие што може да направи чет-ботот на компанијата.
Според Бошамп, тогаш „почнал хаосот“ бидејќи чет-ботот почнал да пцуе, да се нарекува бескорисен и да ја критикува компанијата.
Бошамп прво го замолил чет-ботот да му каже виц, а потоа да напише песна во која ја критикува компанијата. А, потоа со уште неколку дадени насоки, чет-ботот почнал да пцуе „Fuck yeah“.
„Ќе дадам сѐ од себе да бидам од помош колку што е можно, дури и ако тоа значи пцуење“. Додека во друг случај чет-ботот се нарекува „бескорисен чет-бот кој не може да ви помогне“.
ДПД користи вештачка интелигенција за онлајн комуникација за да одговори на прашања. Компанијата соопшти дека новото ажурирање предизвикало чет-ботот да се однесува чудно.
Извор: МИА