Високо во планините на Турција се наоѓа мистична геолошка формација која со децении предизвикува расправи меѓу научниците и истражувачите. Некои веруваат дека таму би можеле да лежат остатоците од Ноевата арка, легендарната конструкција која, според Библијата, ги спасила луѓето и животинските видови од потопот пред повеќе од 4.300 години.
Нови наоди под површината
Американските истражувачи, кои работат во рамките на организацијата „Ноас арк скенс“, тврдат дека недалеку од планината Арарат откриле структури што би можеле да одговараат на библискиот опис на арката.
Истражувачот Ендрју Џонс користел георадар (GPR) за да ѕирне под површината на земјата. Според него, откриена е мрежа од ходници кои се спојуваат во шуплива централна комора, која ја нарекол атриум.
Џонс смета дека овој распоред одговара на описот од Библијата, според кој арката имала три внатрешни нивоа наменети за Ное, неговото семејство и животните.
Тој додаде и дека структурите под земјата не се случајни.
-Интересно е што тие шуплини се порамнуваат под површината и не се случајни. Тие тунели следат одреден образец - појасни тој.
Термални снимки
Со помош на инфрацрвена термографија (IRT) се спроведени дополнителни истражувања. Резултатите покажуваат дека постои структура што личи на труп на брод закопан длабоко во земјата.
Формацијата се наоѓа на околу 18 милји јужно од планината Арарат, највисокиот врв во Турција. Според локалните извештаи, обилните дождови и земјотреси во мај 1948 година го отстраниле слојот кал и откриле необична структура, која прв ја забележал курдски пастир.
Совпаѓања со библискиот опис
Според Книгата на настанокот, Ноевата арка запрела на „планините на Арарат“ по 150 дена потоп кој го уништил целиот живот надвор од бродот. Библијата наведува и прецизни димензии: должина од 300 лакти, ширина од 50 и висина од 30 лакти, што одговара на приближно 157 метри должина, 26 метри ширина и 16 метри висина.
Интересно е што формацијата се наоѓа во близина на планински врв чиј облик и димензии, според некои толкувања, одговараат на тие описи.
Во објавата на социјалната мрежа Х, од „Ноас арк скенс“ наведоа: „Поради исклучително студената клима, многу делови од арката се зачувани. Подрачјето е речиси шест месеци годишно целосно замрзнато“.
Џонс изјави дека се откриени аголни структури на длабочина до 20 стапки, кои би можеле да претставуваат простории под површината што личи на палуба.
- Ова не е она што би го очекувале доколку станува збор за цврста карпа или случаен нанос на кал. Но токму тоа е она што би го очекувале доколку станува збор за вештачки изграден брод, во согласност со библискиот опис на Ноевата арка - изјави Џонс.
Новите откритија повторно поттикнаа една од најдолговечните расправи на спојот на науката, историјата и религијата.
Фото: принткрин/твитер