На 76-годишна возраст почина Ози Озборн, легендарниот фронтмен на „Блек сабат“ и еден од највпечатливите ликови во историјата на рок-музиката. Веста за неговата смрт ја соопшти неговото семејство, иако причината не беше објавена.
Озборн, роден како Џон Мајкл Озборн во 1948 година, во Бирмингем, порасна во сиромашно семејство и рано се соочи со трауматични искуства. Од тие корени никна револуционерниот звук на „Блек сабат“, чија мрачна и моќна музика го постави темелот на хеви-металот. Со песни како „Iron Man“ и „War Pigs“, групата дефинира цел жанр.
Покрај музичките успеси, Озборн беше познат и по своето бунтовно однесување: озлогласеното гризнување глава од лилјак на сцена за што подоцна отиде во болница за да прими превентивна вакцина против беснило, зависностите од алкохол и дроги, но и обидите за рехабилитација. По заминувањето од „Блек сабат“ во 1979 година, започна успешна соло кариера, издавајќи 11 студиски албуми, од кои последниот, „Ordinary Man“ беше објавен во 2020 година.
Во 2002 година Озборн и неговото семејство станаа ТВ-сензација преку реалното шоу „Озборнс“, кое покажа поинаква, потопла страна на рокерот.
Неговото последно појавување беше на 5 јули 2025 година, на спектакуларниот концерт во Бирмингем, каде што повторно се здружи со оригиналниот постава на „Блек сабат“. Иако настапи седејќи поради сериозни здравствени проблеми, публиката беше воодушевена од неговото појавување.
Извор:
The Guardian
Фото: Screenshot/YouTube