X
 23.04.2026 Технологија

„Чет-ГПТ“ сега размислува при изработката на слики и генерира точен текст на нив

„Опен АИ“ ја лансира алатката „Чет-ГПТ имиџис 2.0“ која го воведува „размислувањето“ во генерирањето слики, овозможувајќи прецизно испишување на текст, веб-пребарување во реално време и визуелен континуитет.

„Опен-АИ“ официјално го претстави „Чет-ГПТ имиџис 2.0“, значајна надградба на својата алатка за генерирање слики. За разлика од претходните верзии, кои функционираа како посебни алатки во рамките на интерфејсот, новиот модел е интегриран како темелен систем способен истовремено да обработува текстуални и визуелни информации. Таа промена му овозможува подлабоко разбирање на упатствата и физичките законитости на светот, како што се осветлувањето и текстурите на материјалите, при изработката на илустрациите.



Клучна иновација е воведувањето на таканаречените „способности за размислување“. Кога корисникот ќе ги избере напредните модели („Тинкинг“ или „Про“), новиот систем спроведува планирање, резонирање за структурата на сцената, па дури и пребарува на интернет во реално време. Тоа осигурува дека генерираната содржина ќе биде усогласена со актуелните информации, брендови или специфичните визуелни референции што се појавиле по декември 2025 година, кога е завршен тренингот на самиот модел.

Еден од најголемите технолошки напредоци во верзијата 2.0 е речиси совршеното испишување на текстот во рамките на сликите. Проблемот со нечитливите или бесмислени букви, кој долго време ги следеше ВИ-генераторите, овде би требало да биде целосно решен со оптимизираниот систем за декодирање.

Тој овозможува прецизно испишување на текстот на десетина јазици, вклучувајќи ги латиничните писма и комплексните системи како кинескиот, јапонскиот и корејскиот. Моделот сега може да креира и инфографици, плакати, менија, стрипови и интерфејси на дигитални апликации со јасно читлив и смислен текст. Освен текстуалната прецизност, има можност за генерирање до осум усогласени слики од само едно прашање, одржувајќи ја доследноста на ликовите и објектите низ целата серија. Тоа е особено корисно за изработка на „сториборди“, маркетинг-кампањи или стрипови.

Во поглед на безбедноста, „Опен-АИ“ имплементира повеќеслоен заштитен систем кој вклучува активно следење на влезните и излезните податоци. Новите алгоритми ги блокираат обидите за создавање уверливи дипфејк-содржини, сексуално експлицитни материјали или чувствителни прикази на реални лица и локации. Сите генерирани визуелни содржини содржат дигитални водени жигови во согласност со индустриските стандарди, со што се осигурува транспарентност на нивното потекло.

„Чет-ГПТ имиџис 2.0“ е достапен од 21 април за сите корисници, вклучувајќи ја и бесплатната верзија, додека напредните функции за размислување и планирање се резервирани за претплатниците на „Плус“, „Про“ и „Бизнис“ пакетите.



Извор: bug
Фото: принтскрин/Х

Издвојуваме

Технологија