X
 24.04.2018 Наука

Ова е првата 3Д-снимка од клетки што се движат низ жив организам

Следниот пат кога ќе имате лош ден и ќе се чувствувате мрзливо или неинспирирани за вашето постоење, имаме решение. Погледнете ја оваа снимка и запомнете дека во нас има клетки што се убиваат од работа за да нè одржат во живот.

Иако веќе со децении знаеме како се движат клетките низ организмите, ова е првата тродимензионална снимка со висока резолуција на која може да се види како се одвива самиот процес. И да, неверојатно е.

Снимката покажува како клетка од имунолошкиот систем мигрира преку внатрешното уво на мала риба зебрица.



Сините точки што можете да видите како имунолошкиот систем ги голта се честички на декстран, кој е застапен во многу супстанции - од вино и лекови за срце до денталниот плак.

Снимката е возбудлива бидејќи е прва од ваков тип, направена со користење нов тип микроскоп. Движењето на клетките ни е веќе познато и и претходно сме го виделе под микроскоп, но кога ќе се обидеме да го снимиме тоа, резултатите не се толку добри. Најјасните слики секогаш доаѓаат од групи клетки зачувани на парче стакло, што значи дека никогаш не ја добиваме целата приказна. Дури и кога ќе се обидеме да гледаме само една клетка, клетките се погодени од јака светлина и нашите микроскопи се пребавни за да ја следат целата акција во 3Д.

- Ова придонесува за стравот дека не ги гледаме клетките во нивната природна, нестресна форма. Често се вели дека се верува во она што се гледа, но кога станува збор за клеточната биологија, мислам дека посоодветното прашање е: Кога можеме да веруваме во она што го гледаме - вели физичарот Ерик Бециг, лидер на тимот.

Научниците успеале да добијат нешто што го сакале со години - јасни, светли и живи слики од нашите клетки во акција под микроскопот. Со употребената техника може да се видат и структури во клетките како, на пример, органели во окото на рибата.



Ова ќе доведе до откритија кои сè уште не можеме ни да ги замислиме. Но, главното ограничување е што во моментов ова е многу скапо и не е баш погодно за работа. На пример, микроскопот користи табла која е долга до три метри. Но, кога го имаме доказот за концептот, тимот предвидува дека е прашање на време пред оваа технологија да направи револуција во нашето разбирање на биологијата и човековите клетки.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука