X
 29.09.2020 Живот

„Алкалоид“ со донација за студентските и училишните домови во Скопје

И покрај сите предизвици што ги постави почетокот на новата учебна година, 1 октомври го означува стартот на едно ново поглавје во македонското образование. Покрај училиштата, со работа ќе започнат и студентските и училишните домови, кои како установи од јавен интерес обезбедуваат сместување за околу 12.000 студенти на територијата на градот Скопје. Поради капацитативната специфика во услови на пандемија, овие установи ќе имаат посебни протоколи за нивното функционирање, што ќе подразбира високо ниво на хигиена и честа дезинфекција. За таа цел, „Алкалоид АД Скопје“ донираше производи од својата палета антисептички и дезинфекциски средства.

- Донацијата на средства за дезинфекција од компанијата ‘Алкалоид’ не само што ќе го заштити здравјето на учениците, студентите и вработените туку и ќе го олесни спроведувањето на протоколите. Се надевам дека истите ќе се сфатат сериозно и ќе се почитуваат бидејќи тоа е единствениот начин да ја надминеме оваа состојба и да ги заштитиме нашите најблиски - изјави г. Дарио Николовски, директор на „Државен студентски дом“ Скопје.

Околу предизвиците на отворањето на студентските и училишните домови во вонредни околности, министерката за образование и наука Мила Царовска нагласи:

- Навистина ми е драго што во вакви вонредни околности, односно во време кога се соочуваме со пандемија успеавме да најдеме начин да ги отвориме студентските и училишните домови и да обезбедиме сместување на студентите и учениците, кои ќе ги следат предавањата и праксата со физичко присуство. Огромна благодарност до компанијата ‘Алкалоид’ која покажа вистинска општествена одговорност и донираше средства за дезинфекција и за одржување на хигиената во домовите. Во оваа пригода би сакала да ги повикам студентите и персоналот во домовите да ги почитуваат протоколите за заштита, бидејќи само така можеме да го спречиме ширењето на Ковид-19. Да се заштитиме самите себе, но и нашите најблиски. Со почитувањето на мерките сите заедно придонесуваме за зачувување на јавното здравје.

1 октомври наместо 1 септември. Далечинско учење наместо конвенционална настава. Учебна година во која сите чинители во образовниот процес имаат една заедничка цел: спроведување на процесот на едукација и зачувување на здравјето на учениците и на студентите преку почитување на предвидените здравствени мерки и протоколи.
„Оваа необична учебна година по многу нешта ќе се разликува од сите досегашни почетоци, но едукацијата е клучен фактор за развој на здраво општество и неминовно е дека ќе мора да се направи адаптација кон новото нормално, имајќи го предвид најважното: здравјето на студентите. Во таа насока, ние како компанија дадовме мал придонес кон адаптација на новите услови во студентските и училишните домови донирајќи антисептици и средства за дезинфекција. На сите ученици и студенти, во оваа пригода би сакал да им посакам успешен почеток и добро здравје. Вие сте нашата иднина и треба да поставувате исклучителни примери кои треба да се следат. Почитувајте ги мерките за заштита и чувајте се!“ – истакна генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид АД Скопје“.

Донацијата што „Алкалоид АД Скопје“ ја намени за студентските и училишните домови во Скопје се состои од 16.000 литри антисепички средства („MEDICAL®“ гел и „ЕCOSAL Forte® “ полиалкохолен раствор) и 17.100 литри готов раствор за чистење и дезинфекција „DEZINTAL® 0,2%“ во вкупен износ од близу 5 милиони денари.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот