Читателите на Факултети.мк ги избраа најдобрите за 2017
Подготвил:
Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Актуелниот селектор на машката македонска ракометна репрезентација и досегашниот тренер на ракометниот клуб „Вардар“, Раул Гонзалес, е личност на годината според читателите на Факултети.мк. Настанот на годината исто така е од областа на спортот - освојувањето на европската клупска титула на „Вардар“.
1526 читатели во секоја категорија гласаа за тројца кандидати или настани што самите ги издвоија во претходното гласање.
„Вардар“ и Гонзалес ја израдуваа Македонија
Минатата година беше навистина возбудлива за Гонзалес, како и за целиот тим на ракометниот клуб „Вардар“, кои ѝ донесоа неизмерна радост на Македонија. Гонзалес за Факултети.мк неодамна изјави дека професионално - ова била најдобрата година во неговата кариера.
- Мислам дека е невозможно да се повтори ваква година некогаш – рече тој.
Гонзалес, кој во категоријата личност на годината победи со 56,7 проценти од гласовите, од следната сезона ќе биде тренер на францускиот клуб „Париз Сен Жермен“, но во следните три години ќе биде присутен во земјава како селектор на машката ракометна репрезентација.
Најдобар концерт за минатата година според нашите читатели е оној на големата музичка ѕвезда Стинг, во организација на „Авалон продукција“. Во арената „Борис Трајковски“, Стинг испиша историја.
Македонската публика првпат имаше можност да се сретне и со Џо Самнер, синот на Стинг, басист на групата Fiction Plane.
Најдобар македонски филм е „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставревски, одлучи публиката на Факултети.мк. Минатата година ова македонско ремек-дело се закити со многубројни награди и со учество на многу меѓународни фестивали. Актерот Благој Веселинов создаде маестрална прва главна улога во својата кариера, а тоа е отфрлениот од општеството Веле.
- Патот до Веле беше поплочен со огромна поддршка од екипата, за разлика од ликот на Веле, кој е отфрлен од општеството. Мислам дека е многу лесно кога 90 отсто од луѓето што те опкружуваат се викаат Веле – рече Веселинов во интервјуто за Факултети.мк.
2017- година на македонски серии
Минатата година, по многу време, имавме несекојдневна можност да гледавме и неколку одлични македонски серии. Нашите читатели со 41,1 процент од гласовите одлучија дека најдобра е „Фамилијата Марковски“. Публиката со нетрпение ја очекува втората сезона. Тамара Ристоска, која толкува една од главните улоги, во интервју за Факултети.мк изјави дека најдраго искуство од снимањето ѝ била можноста да работи со поискусни и познати актери и на тој начин да учи и да се надградува.
За една од најпопуларните македонски театарски претстави, која неколку години се игра во Македонскиот народен театар, „Не се клади на Енглези“, сè уште се доаѓа тешко до карта. Нашите читатели токму оваа претстава во режија на Синиша Евтимов ја избраа за најдобра во минатата година со 60,6 проценти од гласовите. Актерите Сашко Коцев, Александар Микиќ и Оливер Митковски маестрално ги играат своите ликови, а публиката буквално плаче од смеење.
Најдобри компании за 2018 година според нашите читатели се „Телеком“ и „Алкалоид“. Овие две компании добија приближно ист број на гласови (разликата беше само два гласа), па затоа и го делат првото место.
Лина Ѓорческа и Кире Лазаров најдобри во спортот
Најдобар спортист за 2017 година нашите читатели го прогласија ракометарот Кире Лазаров, а најдобра спортистка е тенисерката Лина Ѓорческа.
Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, е светска ракометна ѕвезда. Нашата репрезентација во сабота ја очекува настап на Европското првенство во Хрватска. Во интервју за ЕХФ, капитенот изјави дека Македонија има одличен микс на млади и искусни ракометари и топ-селектор во Раул Гонзалес.
– Едвај чекам да почне првенството. Има микс од ракометари на различна возраст и супер селектор. Очекувам, како и секогаш, и огромна поддршка од нашите навивачи - изјави Лазаров.
И нашата најдобра тенисерка, тетовката Ѓорческа, нè правеше горди со успесите на ВТА-турнирите. Таа својот подем го започна кон крајот на 2016 година, кога првпат настапи во квалификациите за УС опен, но првиот историски успех го направи во јануари мината година кога стана првата македонска тенисерка што успеа да слави победа на квалификации за еден гренд слем турнир. По големиот успех во Мелбурн, 23-годишната Македонка првпат се пласира под 200. позиција и стана 191. тенисерка на светот, а подоцна стигна и до рекордното 181. место на ВТА ранг-листата.
Лина 2017 година ја заврши како 260. тенисерка на светот.
- Од сите големи играчи може да се научат позитивни работи за играта, како и за однесувањето на терен. Надал е играчот за кој навивам и кој најмногу го почитувам поради неговата борбеност на теренот, без разлика на резултатот – изјави Лина во интервјуто за Факултети.мк.
Фејсбук-личност на годината според нашите читатели е Ина Многуфина, а најхумана личност е Бојан Јовановски.
Ина Многуфина сè уште не го открива својот идентитет, но затоа секој ден на социјалните мрежи преку специфичен хумор ги пецка нашите познати личности, коментира општествени настани, но се вклучува и во многу хуманитарни акции. Има огромен број на следбеници што секој ден со нетрпение ги чекаат нејзините фејсбук-статуси.
Бојан Јовановски е претседател на Меѓународниот сојуз - Скопје. Тој во последната година им помогна на многу социјално загрозени семејства, како и на бездомни луѓе да најдат дом и вработување.