КАТЕДРАТА ЗА ОПШТА И КОМПАРАТИВНА книжевност е формирана во учебната 1980/81 година. Иницијативата за основање на Катедрата ја даде акад. д-р Милан Ѓурчинов во март 1977 година. Од почетоците до денес, неговиот придонес е спиритус мовенс во работата на оваа катедра. За одбележување е и големиот ангажман на професорите: Томе Саздов, Лилјана Тодорова, Вера Јанева - Стојановиќ, Нада Момировска, Томе Тодоровски, Светозар Бркиќ и други кои во почетокот придонесоа да се одбрани концепцијата на Катедрата за општа и компаративна книжевност и таа да се афирмира во рамките на Филолошкиот факултет и пошироко во Републиката. За развојот на македонската компаратистика, особено во фазата на нејзиното формирање, мошне значајно беше и дејствувањето на другите компаратистички центри во поранешна Југославија (Белград, Загреб, Сараево), како и залaгањата на тамошните професори, од кои некои имаат углед на еминентни европски компаратисти: акад. д-р Зоран Константиновиќ, проф. д-р Мирослав Бекер, акад. д-р Зденко Лешиќ, проф. д-р Драган Недељковиќ и други. Први наставници на Катедрата се: акад. д-р Милан Ѓурчинов, проф. д-р Вера Јанева - Стојановиќ и акад. д-р Влада Урошевиќ, а нејзин прв шеф е акад. д-р Милан Ѓурчинов. Нова фаза во развитокот на Катедрата настапува со дипломирањето на првата, односно втората генерација компаратисти кога доаѓа до вработување и на подмладокот, конкретно, на пет помлади асистенти. Во учебната 1987/88 година на Катедрата доаѓа и акад. д-р Ката Ќулавкова која суштински ги врзува не само своите научни и креативни, туку и организаторски капацитети во историјатот на Катедрата.
Во учебната 1992/93 година за првпат стартува можноста оваа Катедра, покрај еднопредметна, да биде и двопредметна. Од учебната 2003/2004 година во рамките на Катедрата постои Студиска група за кинески јазик и книжевност како втор главен предмет, со опција за негово изучување како странски јазик и на сите останати Катедри на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” - Скопје. Со воведувањето на ЕКТ-системот на студирање во учебната 2005/2006 година, Катедрата за општа и компаративна книжевност профилира кадри во две насоки и тоа: компаративни книжевни студии и наставна насока.
Во 2005 година Катедрата за општа и компаративна книжевност ја одбележа 25-годишнината од своето постоење и по тој повод во октомври 2006 година во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје се одржа Меѓународен научен собир на тема: Компаративните студии денес. Слични собири беа одржани и по повод 10, односно 20 години од постоењето на македонската компаратистика.
Развојот на Катедрата за општа и компаративнакнижевност е во знакот на континуиранотозбогатување на наставните планови и програми, од една и усовршувањето на кадрите, од другастрана.
Своите наставни обврски Катедрата за општа и компаративна книжевност ги извршува во соработка со другите студиски групи не само на Филолошкиот, туку и на Филозофскиот факултет. Во оваа пригода нема да ги наведеме носителите на општите предмети кои се вклучени во наставните програми на ниво на факултетот, туку само оние професори кои ја изведуваат наставата по матичните предмети на студиската група за општа и компаративна книжевност. Така, досега, во наставата на оваа Катедра биле или сè уште се вклучени: д-р Лилјана Тодорова, д-р Томе Саздов, д-р Слободан Мицковиќ, д-р Емилија Црвенковска, д-р Рајна Кошка, д-р Добрила Миловска, д-р Венко Андоновски, д-р Ангелина Бановиќ-Марковска (од други Катедри на Филолошкиот факултет “Блаже Конески”), како и: акад. д-р Георги Старделов, д-р Борис Петковски, д-р Ферид Мухиќ, д-р Кирил Темков, д-р Димитар Димитров, д-р Слободанка Марковска, д-р Кица Барџиева-Колбе, д-р Иван Џепароски, д-р Владимир Величковски, д-р Весна Димовска и д-р Валериј Софрониевски (од Филозофскиот факултет).
При Катедрата, по покана, предавања држеле и еминентни професори од соодветните институции од странство, како: Светозар Бркиќ, Радослав Јосимовиќ, Новица Петковиќ и Миодраг Радовиќ (од Универзитетот во Белград), Миливој Солар и Владимир Бити (од Загрепскиот универзитет), Едуар Моник (од Париз 3), Тадеуш Мичка и Лех Миодински (од Универзитетот во Катовице), Жан Бесиер, Стефан Мишо, Филип Дарос и Кристин Барон (од Универзитетот Нова Сорбона, Париз), Армандо Њиши (од Универзитетот Ла Сапиенца, Рим), Дубравка Угрешиќ (од Амстердам) и Ненад Величковиќ (од Сараево).
Катедрата за општа и компаративна книжевност има остварено соработка со соодветната Катедра од Универзитетот Нова Сорбона, Париз 3, во рамките на Меѓународниот проект за унапредување на високото образование - ХЕСП, Будимпешта, во периодот од 2001-2004 година, а под раководство на акад. д-р Ката Ќулавкова. Како резултат на соработката со споменатиот Универзитет, сеспроведе значајна, поопсежна реформа на наставните курикулуми и режимот на студии на нашата Катедра. Денес, задолжителните семестрални курсеви на оваа студиска група се одвиваат во рамките на два глобални предмети: Компаративни поетики и Теорија и методологија на книжевноста. Притоа, акцентот е ставен врз предизвикот литературните феномени да се третираат атрактивно, креативно и во дослух со најсовремените достигнувања на полето на компаративната книжевна наука кои се во знакот на културолошките истражувања (интермедијални и интеркултурни релации).
За одбележување е фактот што конечно во 1993 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” почнаа да работат и постдипломските студии за странските јазични групи, насока јазик и книжевност, во чии рамки свое место доби и Катедрата за општа и компаративна книжевност.Наставниците од нашата катедра се активно вклучени во изведувањето на наставата и испитите за постдипломците од насоката наука за книжевност и даваат свој несомнен придонес во развојот на овој тип студии, значајни за научното и стручното усовршување на академскиот кадар во Републиката. Раководители на соодветниот одбор за постдипломски студии досега биле: акад. д-р Влада Урошевиќ, акад. д-р Ката Ќулавкова и проф. д-р Славица Србиновска (актуелен раководител).
Катедрата за општа и компаративна книжевност развива и богата научна активност. Најнапред, за одбележување е одржаниот Колоквиум на Меѓународната асоцијација за компаративна литература (АИЛЦ) во Охрид, август 1981, поточно на самите почетоци од формирањето на Катедрата. На собирот зедоа учество плејада реномирани имиња на светската компаратистика (Р. Велек, Д. Фокема, Х. Ремак, Е. Кушнер, К. Гиљен, Ѓ. Вајда, И. Шеврел, М. Науман, З. Константиновиќ). Прилозите од споменатиот Колоквиум се објавени во зборникот “Книжевната наука во светот” од страна на Филолошкиот факултет во Скопје (1984 година), а во редакција на Милан Ѓурчинов и Лилјана Тодорова. Колоквиумот на АИЛЦ во Охрид овозможи на најубав можен начин да се афирмира не само светската компаратистика кај нас, туку и македонската компаратистика (која во тоа време е во зародиш) во светски рамки.
Научната активност на Катедрата би ја презентирале и преку постоењето на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија (ДККМ). Ова Друштво со седиште при Катедрата е формирано во јуни 1987 година. Негов прв претседател е акад. д-р Милан Ѓурчинов, а оваа функција ја обавувале и акад. д-р Влада Урошевиќ и проф. д-р Елизабета Шелева. Од 2003 година Друштвото на компаратисти на Македонија е членка на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност (АИЛЦ), а за одбележување е фактот што наш претставник, академик Милан Ѓурчинов, бил член на Управниот одбор на Светската компаратистичка организација. Богатата активност на македонското Друштво го афирмира компаративното проучување на нашата литература во контекст на европските и светските книжевности и остварува неспорна функција во книжевниот и во научниот живот на Факултетот и во Републиката. Од 2006 година Друштвото стартува и со издавачка дејност - преводот на прирачникот за компаративна книжевност приреден од италијанскиот професор Армандо Њиши е првата објавена публикација на македонското компаратистичко друштво.
Исто така, сите членови од Катедрата за општа и компаративна книжевност (професори и асистенти) развиваат мошне богата индивидуална научна активност која се огледа како на планот на издавачката дејност, од една, така и во учеството на многубројни научни средби и симпозиуми во земјата и во странство, од друга страна. Членовите од нашата катедра се вклучени во сите манифестации во држзвата кои имаат меѓународен карактер: Симпозиумите на Струшките вечери на поезијата, Научните дискусии на летниот Семинар за македонски јазик, литература и култура, Рациновите средби, регионалните конференции на ПЕН-центрите, работилниците на Институтот Евро-Балкан, симпозиумите во организација на МАНУ, Институтот за македонски јазик и македонска литература, други сродни високообразовни институции (Факултетот за драмски и ликовни уметности, Филозофски факултет, Институт за фолкор и др.) Во рамките на научната активност на Катедрата ќе ги споменеме и студиските престои на универзитетите во странство на сите нејзини членови. За одбележување е и лекторската функција што на Универзитетот во Париз ја обавувале професорите од нашата катедра: акад. д-р Милан Ѓурчинов и акад. д-р Ката Ќулавкова.
Членовите на Катедрата биле или се вклучени во многубројни научни проекти од национален и меѓународен карактер. Во оваа пригода би ги издвоиле: Компаративно проучување на македонската литература и уметност во ХХ век (МАНУ); Македонско-странски книжевни врски (Институт за македонска литература); Теорија на интертекстуалноста (Министерство за образование на РМ); Нов модел на курикулуми по компаративни студии (HIGH EDUCATION SUPPORT PROGRAM), во соработка со Универзитетот Нова Сорбона, Париз 3; Другиот во високото образование во Р. Македонија (ФИООМ); Балканската слика на светот (МАНУ и Полската академија на науки); Удвоена другост: родовите аспекти на балканизмот (ФИООМ); Книжевна фикција / реалност / идентитети (Про Хелвеција); Државна матура за јазик и литература (Биро за развој на образованието во Р. Македонија); Книжевно-теориски поимник (МАНУ); Сенгор во полна слобода (УНЕСЦО), како и низа индивидуални проекти во рамките на програмата ТЕМПУС.
Посебно треба да се нагласи учеството на студентите од оваа група во проектите при Катедрата, како што се: Влијанието на Достоевски во македонската книжевност и Присуството на странските литератури во македонската книжевна периодика (под раководство на акад. д-р Милан Ѓурчинов); Поетика и херменевтика (под раководство на акад. д-р Ката Ќулавкова, која приреди и читанка под истиот наслов).
Ретко некоја студиска група на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” - Скопје може да се пофали со толку богата издавачка продукција како што е тоа случај со вработените на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Монографските изданија на наставниот кадар од оваа Катедра придонесуваат за рејтингот на студиумот по книжевна наука на Филолошкиот факултет во целина, како во нашата земја, така и пошироко. Сите наставници, без исклучок, имаат изготвено учебни помагала за соодветните курсеви од наставните планови и програми на нашата Катедра. Во оваа пригода би ги истакнале заедничките, колективни изданија на наставниците и соработниците од Катедрата: Феминистички стратегии (зборник на трудови, 1998), Теорија на интертекстуалноста (хрестоматија, 2003), Дијалог на интерпретации (зборник на трудови во соработка со колегите од Универзитетот Нова Сорбона, Париз 3, а под раководство на: Ката Ќулавкова, Жан Бесиер и Филип Дарос, 2005).
Во рамки на Катедрата за општа и компаративна книжевност од 2002 година излегува и првото компаратистичко електронско списание Мираж/Мираге (www.mirage.com.mk) и досега се реализирани 15 броја. Споменатото електронско списание е комплементарно на периодичната публикација Книжевен контекст (теориски и компаративнистудии), која од 1995 година ја објавува Одделението за теорија на литературата и компаративна литература при Институтот за македонска литература.
Не е потребно посебно да се нагласи дека Катедрата за општа и компаративна книжевност создава неопходни стручни и научни претпоставки за вклучување и компаративно проучување на нашата национална литература во контекстот на европските и светските книжевности. Во таа насока се одвива и постојаната грижа за збогатување на книжниот фонд на Катедрата кој ни оддалеку не одговара на потребите и профилот на нашата Катедра. Од друга страна, пак, библиотеката при Катедрата отежнато работи поради просторните проблеми, поточно поради непостоењето на соодветна читална која би им била на располагање на студентите. За местото, реномето и за перспективите на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет “Блаже Конески” во Скопје говорат токму активностите и успесите што ги постигнуваат нејзините студенти. Може да се каже дека од постоењето до денес студентите кои студираат на оваа група по остварените резултати се едни од најдобрите и најкреативните на целиот факултет. Уште за време на студирањето, тие активно се вклучуваат во книжевниот живот на Факултетот и пошироко, во Државата и во странство. За одбележување се учествата на студентите од оваа Катедрата на филологијадите во поранешна Југославија, како и престојот на летните универзитети во: Франција, Италија, Хрватска, Грција, Унгарија, Романија и др.
Во оваа пригода ќе го споменеме одбележувањето на стогодишнината од смртта на Достоевски (декември 1981) што студентите од оваа група го презентираа на Филолошкиот факултет во Скопје, потоа, прекрасно осмислената книжевна вечер за Бодлер (есен 1982) одржана на Малата сцена на Македонскиот народен театар во Скопје, сè до музичко-поетската вечер за Е. А. По (зима 2004), како и пригодните рецитали и перформанси по повод 10, 20 и 25-годишнината од постоењето на Катедрата за општа и компаративна книжевност изведени во просториите на Факултетот (1992), Ректоратот на Универзитетот (2000) и во мултимедијалниот центар Мала станица (2006). Сево ова, на најубав можен начин ја илустрира високата стручна и теоретска подготвеност на младите компаратисти со широк увид во тековите на светската книжевност и нивните перспективи за адекватно вклучување во тековите на нашиот општествен, културен и научен живот.
Особена гордост за Катедрата претставуваат домашните и странските награди и признанија на нејзините членови. Нема да биде нескромно ако кажеме дека тие не се малубројни. Можеме посебно да го издвоиме членството на професорите МиланЃурчинов, Влада Урошевиќ и Ката Ќулавкова во Македонскатаакадемија на науките и уметностите, какои членството на професорот Влада Урошевиќ воПоетската академија Маларме од Париз, Европскатапоетска академија со седиште во Луксембург и наСрпската академија на науки и уметности (САНУ)како дописен член надвор од работниот состав.
Од досега изнесеното, јасно е дека Катедрата за општа и компаративна книжевност за релативно краток временски период бележи значајни остварувања на наставен и научен план. Таа е во постојан подем, а осварените резултати се евидентни и неспорни. Очигледно е дека станува збор за Катедра со богати перспективи за афирмација и во иднина.