Eтнологија и антропологија

Програмата на додипломските студии на ИЕА се реализира преку предавања, вежби, семинари и теренска настава. Теренската настава е предвидена во сите студиски години и таа може да биде еднодневна или повеќедневна, со цел студентите да се здобијат со основните знаења за истражувачката работа на терен.

Со дипломирањето, кандидатите се стекнуваат со стручниот назив дипломиран етнолог и антрополог со можна додавка за специфична стручна и продлабочена профилираност во некои сегменти од етнологијата и социокултурната антропологија.

Мисија

Институтот за етнологија и антропологија има за цел да се занимава со научно - истражувачка работа поврзана со општите интереси на човекот, општеството и културата, а исто така, има за цел и да образува кадри од областа на етнологијата и антропологијата. Студиите по етнологија и антропологија им овозможуваат на студентите да се стекнат со општи знаења од областа на етнологијата и антропологијата, но и да ги профилира истите во специјалистички насоки, зависно од нивните желби и општествените потреби.

Вертикална поврзаност на студиите

По завршувањето на додипломските студии, студентите можат да продолжат на постдипломските студии на Институтот за етнологија и антропологија. Поради фактот што додипломските студии на ИЕА се реализират според програма која е компатибилна со соодветни такви додипломски програми во странство, можен е упис и на постдипломски студии на други универзитети надвор од Македонија.

Хоризонтална поврзаност на студиите

Можности за хоризонтално поврзување со други програми и студии постојат преку реализирањето на изборните предмети на студиите по етнологија и антропологија. Согласно на своите интереси и според потребите на стручното профилирање на знаењата на студентите, можат да се избираат изборни предмети од други факултети и универзитети со кои е потпишана таква соработка.

Полиња на стручно и научно дејствување на идниот етнолог и антрополог

Како познавач на специфичностите на човечкото дејствување, како и на особеностите на етничките заедници и современите општествени процеси, дипломираниот етнолог и антрополог може успешно да работи во владини и во невладини институции кои се од доменот на проучувањето на културата и општеството. Во тие рамки можни се истражувања на религијата и религиските феномени, јазикот, полот и родовите прашања, човековите права, животот во руралните и урбаните средини, поп-културата, субкултурните појави и етничноста. Како познавач на карактеристиките на етничките заедници, дипломираниот етнолог и антрополог може успешно да работи во образованието, во установите за заштита на културното наследство, во музеите, во сите сегменти на туристичкото работење, во новинарството, во општественото планирање, во урбанизмот, во уредувањето на предели и региони, во подрачјето на домашното и уметничкото производство, во соработката со македонската дијаспора, во протоколарните служби, во амбасадите и во нивните културните програми, во медиумските пропаганди и промоции, како и во сферите на комуникацијата.