Катедрата за романски јазици и книжевности ја започна својата работа во 1946 година, со основањето на Филозофскиот факултет, како Катедра за романска филологија, во чии рамки беше отворена само студиската група за француски јазик и книжевност. До денешни дни, освен оваа студиска група, отворени се уште и студиската група за италијански јазик и книжевност (четиригодишни студии), како и студиите за романски и шпански јазик (двегодишни и тригодишни студии), со перспектива тие да прераснат во четиригодишни студии. Се очекува наскоро и отворање на лекторат за португалски јазик.
Прв шеф на Катедрата бил Ѓорѓи Шоптрајанов, кој докторирал на Универзитетот во Дижон во 1935 година. Во 1948 година за изведување на практичниот дел на наставата по француски јазик бил ангажиран и првиот лектор од Франција, Марсел Даро. По неговото заминување, за лектор по француски јазик била ангажирана Рене Дулјановиќ, која на тоа место останува сè до нејзиното пензионирање во 1986 година.
Во 1954 година за асистент на Катедрата бил примен Божидар Настев, кој по докторирањето во 1961 година на Универзитетот во Загреб, бил избран за доцент, а потоа за вонреден и редовен професор по предметот француска книжевност. На Катедрата работи сè до својата прерана смрт во 1980 година.
Во 1958 година на Катедрата дошол професорот Рудолф Мајкснер, кој докторирал на Универзитетот во Загреб, и останал во наставата до 1963 година. Во 1959 година на Катедрата отпочнува и наставата по предметот италијански јазик со ангажирање на првиот лектор Катја Младинео од Филозофскиот факултет во Загреб. Од 1960 година за оваа настава е избран Наум Китановски, кој работи при лекторатот по италијански јазик, најпрвин како лектор, а потоа како предавач и виш предавач.
Во 1961 година како асистенти на Катедрата се примени Лилјана Тодорова и Љубица Калајлиева. Во 1972 година Лилјана Тодорова ја одбранила својата докторска теза по што е избрана најпрвин за доцент, потоа за вонреден и редовен професор по предметот француска книжевност и работи на Катедрата сè до нејзиното заминување во пензија во 1999 година. Во 1973 година, Љубица Калајлиева, по нејзиното докторирање на универзитетот Сорбона во Париз, била избрана за доцент, а потоа и за вонреден професор по предметот граматика на современиот француски јазик и работи на Катедрата сè до нејзиното заминување во пензија во 1989 година. Од учебната 1968/69 година за лектор по француски јазик била ангажирана Жана Ангеловска, која работи на Катедрата сè до нејзиното заминување во пензија во септември 2006 година.
Почнувајќи од 1970 година Катедрата воведува настава и по предметот романски јазик, а за прв лектор е избран Петар Атанасов, кој неколку години ја изведува наставата по овој предмет. Малку подоцна, по одбраната на својата магистерска теза (1975 г.), а потоа и на докторската дисертација (1979 г.), Петар Атанасов е избран најпрвин за доцент, потоа за вонреден и редовен професор по предметот историја на францускиот јазик со историска граматика. Подоцна, кога се воведува предметот споредбена граматика на романските јазици, Атанасов ја држи наставата и по тој предмет. Атанасов работи на Катедрата сè до своето заминување во пензија во 2005 година.
Во 1970 година, за првпат на Катедрата е воведена и настава по предметот методика на наставата по француски јазик, а за прв предавач е избран Алекса Попоски. Тој по одбраната на својата докторска теза во 1977 година бил избран најпрвин за доцент, а потоа за вонреден и редовен професор по наведениот предмет и на Катедрата останува сè до неговото заминување во 2003 година.
Во 1974 година за асистент по француска литература е примен м-р Луан Старова, кој по докторирањето во 1980 година е избран за доцент, а потоа за вонреден и редовен професор по истиот предмет и на Катедрата останува сè до неговото заминување во пензија во 2002 година.
Со новите наставни планови, кои почнаа да важат од учебната 1976/77 година беа направени суштествени промени во наставата. Беше воведен предметот граматика на современиот француски јазик, додека предметот француска книжевност се воведе во сите години на студии. Овие промени бараа ангажирање нови кадри за покривање на предвидената настава.
Во 1977 година како помлад асистент по предметот граматика на современиот француски јазик е примена Дореана Христова, која магистрира во Париз во 1978 година, а по нејзиното докторирање во 1988 година е избрана за доцент, потоа за вонреден и редовен професор по истиот предмет. Кога се отвори насоката за преведување во 1985 година, таа беше ангажирана и за изведување на наставата по предметот контрастивна анализа на францускиот и на македонскиот јазик.
Во 1977 година како помлад асистент по предметот француска книжевност е примена Илинка Митрева, која магистрира во Белград во 1986 година, а по нејзиното докторирање во 1994 година е избрана за доцент, а потоа за вонреден професор.
Од 1981 година како лектор по предметот современ француски јазик работи Калиопа Петрушевска.
За предметот граматика на современиот француски јазик, во 1982 година се примени двајца помлади асистенти: Звонко Никодиновски и Маргарита Велевска. Звонко Никодиновски магистрира во 1985 година во Белград, а по неговото докторирање во 1992 година е избран за доцент, а потоа за вонреден и редовен професор. Маргарита Велевска магистрира во 1989 година во Белрад, а по нејзиното докторирање во 2001 година е избрана за доцент, а потоа и за вонреден професор.
Во 1981 година на Катедрата се воведува и настава по предметот шпански јазик, а за прв лектор по предметот шпански јазик е избрана Огнена Никуљски. Подоцна за оваа настава ќе бидат ангажирани и лектори од Шпанија.
Во 1982 година како лектор по романски јазик е примена Елена Атанасова - Никулеску.
Предметот италијански јазик добиваше сè позначајно место, па од тие причини Катедрата беше принудена да вработи нови кадри за покривање на оваа настава, која беше подигната на ниво на тригодишни студии (под „Б”). Во 1991 година Александра Саржовска е избрана за помлад асистент, а по нејзиното магистрирање во 1996 година, и докторирање во 2005 година таа е избрана за асистент, а потоа и за доцент по предметот граматика на современиот италијански јазик.
Наставата по француски јазик за другите факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” ја покриваше Катедрата за романски јазици и книжевности со ангажирање на предавачите Анка Ѓурчинова (од 1981 г.), Анастасија Белопета (од 1986 г.), Душица Стрезовска (од 1986 г.) и Душанка Вељиќ (од 1986 г.). По нивното заминување во пензија беа примени : Слободанка Колемишевска (1993 г.), Севда Лазаревска (1994 г.), Климентина Хаџи-Лега (1995 г.), Зорица Јосифовска (1995 г.) и Раде Јорданов (1995 г.). Од 1999 година на Филолошкиот факултет се формира Оддел за настава на нематични факултети, на којшто се префрлија и професорите по француски јазик за нематична настава.
За изведување на наставата по италијански јазик за другите факултети, беше избрана Радица Никодиновска (1995 г.), која магистрира во 2003 година, по што е избрана за виш лектор по предметот современ италијански јазик, а истовремено беше задолжена да ја изведува наставата и по предметот методика на наставата по италијански јазик. Никодиновска докторира во 2006 година.
За изведување на практичната настава по предметот методика на наставата по француски јазик Катедрата ја избра Мира Трајкова за помлад асистент (1989 г.), која магистрира во 1996 г. И докторира во 2004 година по што е избрана за доцент по истиот предмет.
Во 1992 година како помлад асистент по предметите историја на францускиот јазик со историска граматика и граматика на современиот француски јазик е избрана Мирјана Алексоска – Чкатроска која подоцна, по нејзиното магистрирање (1996 г.) и докторирање (2005 г.), е избрана за асистент и доцент по истите предмети. Таа изведува настава и по предметите симултано и консекутивно толкување од француски на македонски јазик и обратно.
Во учебната 1992/93 година беше направена реформа на наставните планови што се состоеше во воведување нови наставни содржини, особено во преведувачката насока. Соодветно со промените на наставните планови и програми, Катедрата се збогатуваше со млад наставен кадар по одделнипредмети. Вежбите по предметите од преведувачката насока ги презеде Ирина Бабамова, по нејзиниот прием за помлад асистент во 1992 година. По нејзиното магистрирање во 1999 година и докторирање во 2006 година таа е избрана за аситент, а потоа и за доцент по предметите теорија и практика на преведувањето и контрастивна анализа на францускиот и на македонскиот јазик. Особено се почувствува криза во наставата на студиската група за италијански јазик и книжевност. На оваа група беа примени уште две лекторки по предметот современ италијански јазик: Лучана Гуидо - Шремпф (1994 г.) и Љиљана Узуновиќ (1995 г.). Гуидо - Шремпф по нејзиното магистрирање во 2003 година беше избрана за виш лектор и беше задолжена да ја изведува наставата и по предметите контрастивна анализа на италијанскиот и на македонскиот јазик и италијанска цивилизација.
Поради политичката ситуација на просторите на поранешна СФРЈ, во еден период, европските земји, чиишто јазици се изучуваа на Катедрата, ги повлекоа лекторите и не испраќаа нови на нивно место. Се јави недостаток на лекторски кадар за изведување на практична настава по соодветните јазици. За таа цел, Катедрата распиша конкурс за избор на двајца лектори по современ француски јазик од нашата држава, при што беа избрани Анита Јованова - Кузмановска (1993 г.) и Ирена Павловска (1995). Подоцна, во 2003 година, и Севда Лазаревска премина на Катедрата за романски јазици и книжевности каде што изведува настава по современ француски јазик и француска цивилизација.
Во 1994 година за помлад асистент по предметот француска книжевност е примена Елисавета Поповска, која по нејзиното магистрирање во 2000 г., и докторирање во 2006 година е избрана за асистент, а потоа и за доцент по истиот предмет. Во 2001 година на Катедрата беше примена д-р Снежана Петрова за доцент по предметот француска книжевност.
По стабилизацијата на политичката состојба на тлото на поранешните југословенски простори и по прогласувањето на Република Македонија за суверена и независна држава, се подобри состојбата со наставен кадар за настава на странските јазици. По отворањето на Француската амбасада во Република Македонија и во договор со француската страна, од учебната година 1994/95, во наставата по француски јазик на Катедрата беше ангажиран Жан-Пол Батис, советник за култура при Француската амбасада во Република Македонија.
Во учебната 1992/93 година започнаа и постдипломските студии на Групата за француски јазик со две насоки: јазик и книжевност. Конкурсот за тие студии се распишува секои две години. Претседател на Одборот за постдипломски студии за странските јазични групи, албански и турски јазик од 1993 до 2005 година беше проф. д-р Петар Атанасов. На одделот за француски јазик магистрираа 7 студенти, на одделот за француска книжевност еден студент, додека на одделот за италијански јазик со титулата магистер се здобиле 5 студенти.На Катедрата досега се одбранети 14 докторски дисертации (11 за француски и 3 за италијански јазик).
Проблемот со наставата по италијански јазик беше делумно ублажен со соработката на нашата Катедра со Филолошкиот факултет во Белград, од каде што беа ангажирани професори со блок-предавања. Во соработка на Катедрата со Амбасадата на Република Италија во Република Македонија и по инсистирање на Катедрата, во вториот семестар од учебната 1995/96 година од Италија беше ангажирана Марија Маца за лектор по предметот современ италијански јазик. Со цел да се подигнат студиите по италијански јазик и книжевност на ниво на „А” (четиригодишни студии) беше побарано од Италијанската амбасада да ангажира визитинг-професор од Италија. За таа цел беше поканет Итало Бертони од Италија, кој беше прв професор по предметот италијанска книжевност и со чија помош и присуство се создадоа услови за отворање на студиите под „А во учебната 1996/97 година.Во моментот на отворање на студиите по италијански јазик и книжевност под „А”, освен проф. Бертони и матичниот кадар од групата за италијански јазик: Александра Саржоска, Лучана Гуидо - Шремпф, Љиљана Узуновиќ и Радица Никодиновска, беа ангажирани и професорите од групата за француски јазик и книжевност: Алекса Попоски, за предметот методика на наставата на италијанскиот јазик, Петар Атанасов, за предметот историја на италијанскиот јазик со историска граматика и Звонко Никодиновски, за предметот контрастивна анализа на италијанскиот и на македонскиот јазик. За доекипирање на групата за италијански јазик и книжевност со нов наставен кадар, беа примени уште: Анастасија Ѓурчинова (2001 г.) како доцент по предметот италијанска книжевност, Руска Ивановска - Наскова (2004 г.), за помлад асистент по предметот граматика на современиот италијански јазик, која магистрираше во 2006 година, и Валентина Милошевиќ - Симоновска (2005 г.), за лектор по предметот современ италијански јазик. Во наставата по италијански јазик и книжевност се ангажирани и двајца лектори од Италија како и демонстратори и надворешни соработници. Во наставата по италијанска цивилизација беше вклучен и Рикардо Кампа, професор од Универзитетот од Сиена, Италија, кој објави и книга наменета за нашите студенти, на македонски и на италијански јазик - Италијанскиот среден век и ренесанса.
Преку соработката на Катедрата со Конзулатот на Република Романија, кој подоцна се издигна на ниво на амбасада, беше решен и проблемот со наставата по романски јазик со тоа што Романија почна повторно да испраќа лектори.
Во 2002 година со одлука на Катедрата, предметите шпански јазик и романски јазик добиваат статус на втор главен предмет (студии по шпански јазик и книжевност и романски јазик и книжевност под „Б”) со настава во траење од три години. Во наставата по шпански јазик и романски јазик се ангажирани по еден лектор од Шпанија и од Романија како и еден демонстратор за шпански јазик.
Во учебната 2004/2005 година за првпат се оствари соработка со франкофонската заедница од Кралството Белгија. Прв лектор по француски јазик и по франкофонска белгиска книжевност беше Тома Клос, додека од 2005 година до денес како лектор работи Жилтер Матје. Во 2006 година на Катедрата е примена Јоана Хаџи-Лега како помлад асистент по предметите граматика на францускиот јазик и споредбена граматика на романските јазици.
Катедрата поведе иницијатива за воведување на предметот португалски јазик во наставата како еден романски јазик и очекуваме од идната учебна година предметот португалски јазик да се воведе на студиските групи на Филолошкиот факултет.
Од учебната 2005/2006 година, Катедрата работи според новиот европски систем на пренесување на кредити (ЕКТС) како и според нови студиски и предметни програми. Предметите се изучуваат семестрално, а новите студенти се запишуваат на следниве насоки: наставна, преведувачка и толкувачка за француски јазик и наставна и толкувачко-преведувачка за италијански јазик. Треба да се спомене воведувањето на предметот Информатика за професори и преведувачи по француски/италијански јазик на групите за француски и за италијански јазик, со кој се фаќа чекор со современите текови во доменот на лингводидактиката во светот.
Катедра беше организатор и на првите постдипломски студии по апликативни јазици и меѓународна трговија. Во текот на две години (2002 и 2003 година), во соработка со Економскиот и со Правниот факултет од Скопје и Универзитетот Рен 2 од Рен, Франција, се организираа постдипломски студии од областа Применети јазици и меѓународна трговија: Европска Унија. Веќе 12 студенти од првата генерација се здобија со звањето магистер. Во учебната 2005/2006 година Катедрата започна нови постдипломски специјалистички (мастер) студии од областа Јазици, бизнис и меѓународна трговија. Студиите се изведуваат во соработка меѓу Групата за француски јазик и книжевност, Катедрата за англиски јазик и книжевност од нашот факултет, Правниот факултет од Скопје и Универзитетот од Орлеан, Франција. Со овој вид студии, нашите студенти по завршување на стажирањето во претпријатија се стекнуваат со компетенции што им овозможуваат да се вклучат во работата на фирми, кои се занимаваат со надворешна трговија.
Покрај наставата, членовите на Катедрата развиваат и богата научна дејност која се гледа низ многубројните научни и стручни трудови објавени од страна на наставниците и соработниците во текот на изминатиот период. Ќе ги споменеме следниве трудови: Георги Шоптрајанов: Општа француска граматика (Дел 1 и 2 ), Француска книжевност, во 4 дела, во издание на издавачките куќи „Нолит” од Белград и „Светлост” од Сараево и Хрестоматијата на француска литература во издание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” од Скопје, во кои како коавтори се среќаваат Божидар Настев и Лилјана Тодорова; француско-македонските и македонско-француските речници, чии автори се Петар Атанасов, Алекса Попоски и Љубица Калајлиевска, односно Алекса Попоски и Петар Атанасов, во издание на „Македонска книга” и „Култура”, односно „Детска Радост” од Скопје; Италијанско-македонски и Македонско-италијански речник на вишиот предавач Наум Китановски и трудовите: Fonetica della lingua macedone од Н. Миниси, Н. Китановски, У. Cinkve I Manuale di lingua macedone I и II дел од Наум Китановски, издадени од Институтот за ориентални јазици во Неапол. Треба да се истакне изданието на докторската дисертација на Георги Шоптрајанов, Etienne Tabourot des Accords, во Дижон, 1935 г., докторската дисертација на Лилјана Тодорова, под наслов Les Slaves du Sud au XIX siècle, објавена во реномираната издавачка куќа „Publications orientalises de France” во Париз, 1980 г., додека докторската дисертација на Петар Атанасов со наслов Le megleno-roumain de nos jours е издадена од издавачката куќа „Helmut Buske Verlag”, во Хамбург, 1990 година. Исто така, преработеното издание на оваа книга на романски јазик, излезе под наслов MeglenoromănaAstăzi, во издание на Романската академија на науките, 2002 година. Студенти од четврта година на групата за италијански јазик и книжевност (преведувачка насока) во учебната 2003/04 година под менторство на Радица Никодиновска, учествуваа во преведувањето на книгата на Силвано Галон: Rapporti politici dei regi consoli d’Italia a Monastir (1895-1916) 2004. Во изминатите десет години студентите на групата за француски јазик и книжевност издадоа три броја на списанието La Francophonie.
Во септември 2005 година, Групата за француски јазик и книжевност организираше симпозиум на тема Преведувањето од француски на македонски јазик и обратно.
Научно-истражувачката активност на членовите на Катедрата се гледа и преку изработка и одбрана на докторски и магистерски тези.
Повеќе членови од Катедрата, во соработка со Француската амбасада, учествуваа во организирање семинари за професори по француски јазик во разни степени на образование во Република Македонија. Наши колеги учествувале во подготовките и на сите државни натпревари по француски јазик.
Во 2004 година, на нашиот факултет, во соработка со Италијанската амбасада, се одржа и прв семинар по лингводидактика за професорите по италијански јазик.
Треба да се спомене, исто така, и значајното учество на повеќе членови од Катедрата на разни собири и симпозиуми во земјите од регионот, организирани од Универзитетската агенција за франкофонија и од Регионалното биро на Меѓународната организација на франкофонијата. Во текот на 2004/2005 година, Катедрата со помош на Амбасадата на Франција во Македонија, го реализираше проектот Обновување на студиите по француски јазик и книжевност, во соработка со Универзитетот со Орлеан, Франција.
Катедрата учествува во проектот ТЕМПУС финансиран од Европската комисија, кој се реализира во соработка со Универзитетот во Бари, Универзитетот во Солун и Универзитетот во Ајштат. Целта на проектот е модифицирање на наставните планови на Групата на италијански јазик и книжевност. Во рамките на овој проект се остварени повеќе гостувања на професори од другите универзитети, три конференции, во Скопје, во Солун и во Бари и повеќе престои на наши наставници во Италија и во Грција. Во план е, исто така, и изготвување на два учебника за предметите италијанска книжевност и синтакса на италијанскиот јазик. Во рамките на проектот ТЕМПУС беше опремена и една информатичко-јазична лабораторија со 15+1 компјутери за обавување на современа настава и дополнителна информатичко-комуникациска опрема за истражување и подготовка на наставата. Треба да се спомене и договорот за донација од страна на италијанската влада, кој предвидува изградба на мултимедијален центар за опслужување на студиите по италијански јазик и книжевност и за организирање средби од интерес за Италија и за Македонија.
Катедрата за романски јазици и книжевности двапати, еднаш во 1968 година и вторпат во мај 1988 година беше организатор на Интеркатедарска конференција на која учествуваа сите катедри по француски јазик во републиките на поранешната СФРЈ. Во периодот од 23 до 26 јуни 1991 година беше домаќин на симпозиумот „Повеќедисциплинарно образование на професори по француски јазик” во заедничка организација со Асоцијацијата на универзитети со целосна или делумнанастава по француски јазик (AUPELF) со седиште во Монтреал (Канада).
Во април 1995 година, Катедрата организираше научен собир под наслов Први романистичко-балканистички средби, кој се одржа во МАНУ. На овој собир зедоа учество еминентни професори од земјава и од странство (Франција, Германија, Бугарија, Романија, Албанија). Актите од овој собир со истоимен наслов беа објавени во посебен зборник кој излезе во 2000 година.
Во ноември 2000 година Групата за италијански јазик и книжевност организираше меѓународен симпозиум, 40 години лекторат по италијански јазик на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј”. Рефератите од тој собир се објавени во истоимен зборник на трудови во 2001 година. На меѓународен план, членовите на Катедрата, исто така, учествуваат со реферати од областа на своите научни истражувања, на голем број конгреси како во земјава така и во странство. Одредени наставници од Катедрата ја извршувале функцијата лектор по македонски јазик на Институтот за ориентални јазици и цивилизации во Париз (Алекса Попоски, Илинка Митрева, Љупка Калајлиевска, Петар Атанасов, Дореана Христова) или на Ориенталниот универзитетески институт во Неапол (Наум Китановски, Алекса Попоски, Радица Никодиновска). Како визитингпрофесори по македонски јазик биле ангажирани Звонко Никодиновски (Универзитетот “La Sapienza” во Рим) и Дореана Христова (ИНАЛКО во Париз).
Одредени наши професори држеле предавања на странски универзитети: Лилјана Тодорова (Париз, Софија, Белград, Хале), Алекса Попоски (Париз), Петар Атанасов (Неапол), Анастасија Ѓурчинова (Рим). Речиси сите членови на Катедрата реализирале студиски престои како стипендисти на владите на државите чиишто јазици се изучуваат на Катедрата (Франција, Италија, Романија и Шпанија).
Најинтензивна и најплодна соработка Катедрата има остварено со универзитетите во Франција, за што голем придонес имаат Амбасадата на Република Франција во Република Македонија и Францускиот културен центар во Скопје.
Од областа на лингвистичката наука ќе ги наведеме гостувањата на познатите француски слависти Андре Вајан и Андре Мазон како и оние на: Андре Мартине, Жорж Мунен, Мишел Ариве, Станислав Каролак од Полска, Антоан Кулиоли, Робер Галисон, Рене Гзел, Мари Аник Морел, Катрин Кербрат - Орекјони, Жак Алјер и други.
Од областа на француската литература ќе ги споменеме гостувањата на: Даниел Пажо, Ив Шеврел, Бернар Мање и други.
Треба да ја споменеме и соработката со универзитетите од некогашната СФРЈ. Во 80-тите и 90-тите години на минатиот век со блок-предавања на Катедрата гостуваа: проф. д-р Слободан Витановиќ и проф. Раде Константиновиќ од Филолошкиот факултет во Белград, како и проф. д-р Никола Ковач од Универзитетот во Сараево. Покрај нив на Катедрата со свои предавања учествувале и: проф. д-р Бранко Џакула и академик Митхад Шамиќ од Сараево, професор д-р Предраг Матвејевиќ, проф. д-р Габриела Видан и професор д-р Аугуст Ковачец од Загреб и проф. д-р В. Погач ник од Љубљана.
Во периодот кога Катедрата имаше потреба од предавања од областа на тригодишната настава по италијански јазик и книжевност на Катедрата со блок-предавања редовно гостуваа: проф. д-р Серџо Туркони, академик проф. д-р Никша Стипчевиќ и проф. д-р Слободан Стевиќ од Филолошкиот факултет во Белград.
Во периодот од 2003 година до денес, на Групата за италијански јазик и книжевност гостува со блок-предавања проф. д-р Нели Раданова од Универзитетот во Софија, Бугарија.
Освен тоа, Катедрата од своето постоење до денес има интензивна соработка со содветни институции во овие земји. Да ги споменеме само универзитетите во Париз, во Дижон, во Безансон, во Гренобл, во Клермон Феран, во Тулуз, во Рен, во Орлеан и во други градови во Франција. Во поново време и лекторатите при Катедрата имаат соработка со истородни институции. Во Италија (универзитетите во Џенова, Болоња, Венеција, Фиренца, Рим, Сиена, Бари и други) и во Романија (универзитетите во Букурешт, Крајова, Клуж – Напока и Универзитетската национална библиотека во Букурешт). Таа соработка се одвива преку разни форми како што се: прогласување за почесни членови, учество во комисии за одбрана на докторски дисертации и магистерски тези, остварување студиски престои со предавања, користење стипендии за летни курсеви, размена на научни изданија и збогатување на книжниот фонд на библиотеката.
Исто така, треба да се спомене и придонесот на членовите на Катедрата во развојот на македонистиката во странство (ангажирање при лекторатите за македонски јазик на универзитетите во Париз (Франција) и во Неапол (Италија).
Катедрата даде свој голем придонес во основањето на Здружение на професорите по француски јазик на Република Македонија, Друштвото за културна соработка Македонија - Франција, потоа Друштвото Македонија - Канада, Друштвото за македонско-италијанско пријателство, како и на Сојузот на друштвата за странски јазици на Република Македонија.
Некои членови на Катедрата за романски јазици и книжевности за својата работа добиле повеќе признанија и награди. Така, Ѓорѓи Шоптрајанов од 1956 година е дописен член на Академијата на науките и уметностите од Дижон, од 1971 година е дописен член на Академијата на науките од Безансон и почесен доктор на Универзитетите во Безансон и во Скопје. Тој,исто така, ја добил наградата „11 Октомври” заживотно дело.
Божидар Настев добил повеќе општествени награди и признанија меѓу кои: Орден за труд со златен венец, во 1974 наградата на Културнопросветната заедница за најдобар превод од француски јазик, а во 1976 година наградата „11 Октомври” за животно дело.
За својата стручна и општествена работа и Лилјана Тодорова добила повеќе награди и признанија меѓу кои: во 1972 година е прогласена за лауреат на Академијата на науките и уметностите од Безансон и за дописен член на истата Академија; во 1978 година добила Орден на трудот со златен венец ; во 1983 година француско одликување „Витез на Легија на честа”.
Лекторот по француски јазик, Рене Дулјановиќ е добитник на две одликувања: Орден за национални заслуги на Франција и Орден на трудот во бившата СФРЈ.
Меѓу членовите кои добиле награди и признанија е и Луан Старова. Тој е носител на наградите „11 Октомври” и „13 Ноември” и на Орден на Претседателот на Република Тунис.
Добитници на француското одликување „Академски палми” се: Лилјана Тодорова, Рене Дулјановиќ, Алекса Попоски, Петар Атанасов, Звонко Никодиновски, Анастасија Белопета, Душанка Стрезовска, Климентина Хаџи-Лега, Маргарита Велевска.
Наум Китановски е носител на Орден на трудот со сребрени зраци и на наградата „Григор Прличев” за превод.
Во областа на преводот добитници на наградата „Божидар Настев” се: Петар Атанасов и Радица Никодиновска. Слободанка Колемишевска добила награда за најдобар дебитантски превод. Калиопа Петрушевска е добитник на Наградата за превод, додека Ирина Бабамова е добитник на наградата „Златно перо” за превод.
Радица Никодиновска и Анастасија Ѓурчинова се добитници на одликување на претседателот на Република Италија.
Библиотеката при Катедрата за романски јазици и книжевности располага со книжен фонд од околу 23.000 книги и приближно 6.000 единици списанија. На Катедрата за француски јазик и книжевност ú припаѓаат околу 18.000 книги, а преостанатите им припаѓаат на библиотеките при лекторатите за италијански, романски и шпански јазик. Книгите се купувани со средства на Факултетот, и по пат на донации од Франција, Романија, Италија, Шпанија, Канада, Белгија и Швајцарија. Катедрата располага со солиден фонд списанија, кои беа набавувани од Франција со посредство на Францускиот културен центар во Скопје, кој има голем придонес во снабдувањето на библиотеката со периодична литература.
Тука треба да се спомене дека Француската амбасада, освен книги, во повеќе наврати подарувала и друга опрема за потребите на групата за француски јазик и книжевност (телевизори, сателитска антена и рисивер, епидијаскоп, видеопроектор и др.).
Библиотеката има читална со капацитет од 30-40 места, во која можат да се користат два компјутера кои има се ставени на располагање на студентите. Се планира пооставување на уште неколку компјутери со оглед на големиот број студенти што ја користат библиотеката. Корисниците на библиотеката (студенти и наставници) ги опслужува библиотекарот Саве Манасијески.
Катедрата за романски јазици и книжевности во текот на своето постоење, освен наставната активност организирала и други активности. Студентите од многу генерации во педесеттите и шеесеттите години учествувале во подготовка и изведба на драмски претстави од реномирани француски писатели. Подоцна на Катедрата се организираат романистички вечери на кои се презентираат драмски дела, поезија и музика на автори од земјите чиишто јазици се изучуваат на Катедрата: Франција, Романија, Италија и Шпанија. Овие активности биле изведувани и пред студентите и наставниците од соодветните катедри во градовите на поранешната СФРЈ. Вакви активности се организираат по повод некој празник на земјите чиишто јазици се изучуваат на Катедрата.
На Катедрата досега работеле следниве странски лектори:
- по француски јазик: Марсел Даро, Андре Ригенбак, Пјер Рено, Морис Руш, Јан Кудела, Жак Роле, Мари Терез Озел, Рене Дулјановиќ, Габриел Консеј, Жан-Клод Кансел, Рене Симон, Соланж Симон, Жоел Масне, Кристијан Бирге, Ерве Буден, Елијан Анжалбер, Жан-Пол Батис, Туриа Бортизо (сите од Франција) и Тома Клос и Жилтер Матје од Белгија.
- по италијански јазик: Катја Младинео (од Хрватска), Винченцо Манкузо, Аугусто Фонсека, Марија Маца, Лујза Федеричи, Ана Изабела Нена, Ивано Кињола (сите од Италија).
- по романски јазик: Флорин Јонила, Георге Станеску, Јон Деаконеску, Тома Јон, Тана Нуцу, Октавија Костеа, Руксандра Неагое, Сорин Теодерску, Душица Ристин, Кармен Дарабуш, Петре Лазареску (сите од Романија).
- по шпански јазик јазик: Марија дел Пилар Доладо Муњос, Хуан Пабло Валверде Моран, Карлос Реј Переира, Мануел Манеиро, Марија Мерцедес Парондо Санчес, Кристина Тригуеро Бенитес (сите од Шпанија).
Досегашни шефови на Катедрата за романски јазици и книжевности биле: Георги Шоптрајанов, Рудолф Мајкснер, Божидар Настев, Алекса Попоски, Лилјана Тодорова, Петар Атанасов, Луан Старова, Наум Китановски, Звонко Никодиновски, Илинка Митрева.