Утре времето ќе биде сончево и многу топло со висока дневна температура во интервал од 33 до 40 степени. Попладне, претежно во северните делови, ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и услови за краткотрајно невреме, соопштија од Управата за хидрометеоролошки работи.
Оттаму додаваат дека во деновите од викендот ќе се задржи топло време со попладневна нестабилност.
-Особено в сабота во попладневните и вечерните часови наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер (над 60 km/h) и појава на град - стои во соопштението.
Фото: УХМР
Според прогнозата, во Скопје утре во попладневните и вечерните часови во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и краткотрајно невреме. В сабота во попладневните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со силен ветер и град.
В недела нè очекува сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне, исто така, наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално и со услови за појава на невреме. Ќе дува слаб до умерен, а наместа засилен ветер од северозападен правец.
Од УХМР повикуваат на поголема внимателност во случај на појава на електрични празнења, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Насловна фотографија: Freepik