X
 01.09.2019 Живот

Како бил создаден парфемот „шанел 5“?

Наводно, на секои 55 секунди се продава шишенце парфем „шанел 5“. Иако можеби не е секогаш прецизен, овој број е уште една врска со бројот пет што за Габриел Коко Шанел имал посебна симболика.

Родена пред 136 години, во 1883 година, Габриел уште од 12 години, заедно со двете сестри, по смртта на нивната мајка, завршила во сиропиталиште во манастир во Обазин, каде што ги поминала наредните шест години. Веројатно тоа била една од најдобрите работи што можеле да ѝ се случат бидејќи таму научила да шие. Патеката по која поминувала одејќи на секојдневна молитва во катедралата имала кружни форми, кои го повторувале бројот пет. Габриел сметала дека овој број ја симболизира суштината на сè, нејзиниот дух.

Години подоцна, во 1920 година, кога како славна модна креаторка, успешна деловна жена и миленичка на париската социјална елита, одлучила да влезе во светот на парфемите, меѓу тестерите означени со броеви од 1 до 5 и од 20 до 24, таа го избрала мирисот што се наоѓал во тестерот со број пет. На експертот за парфеми Ернест Бу, кој го ангажирала за развој на новиот мирис, му рекла: - Ќе ја претставам мојата колекција на петти мај, во петтиот месец во годината, па овој примерок број пет ќе го задржи името што веќе го има и тоа ќе донесе среќа.

шанел
Фото: Profimedia

Коко сакала да создаде мирис што ќе ја опишува новата, модерна жена чие олицетворение била самата таа, мирис за своите најдобри клиентки, што бил нов тренд меѓу модните куќи. Ѝ било важно парфемот да има свежина што ја помнела од своето комплексно, проблематично минато - мирисот на сапунот и свежо измиена кожа од деновите што ги поминувала во манастирското сиропиталиште.

Сепак, не било лесно да се најде креатор на парфем што можел да го постигне тоа. Во тоа време свежиот мирис можел да се постигне со употреба на цитрус; мирисите биле свежи и шармантни, но не биле трајни. Хемичарите веќе ги изолирале алдехидите, органски соединенија што можеле вештачки да создадат такви мириси, но биле исклучително моќни и никој не сакал да ги користи.

Кон крајот на летото 1920 година, Коко била на одмор на Азурниот Брег со нејзиниот љубовник, големиот војвода Димитри Павлович. Таму слушнала за Бу, софистициран креатор на парфеми кој работел за руското кралско семејство и живеел во Грас, центар на индустријата за парфеми. Бу го прифатил предизвикот што Коко му го поставила. За неколку месеци требало да го усоврши мирисот и да ѝ претстави десет примероци.

Така, таа го избрала бројот пет, а една од приказните поврзани со парфемот е дека мешавината била резултат на лабораториска грешка - наводно еден од помошниците на Бу додал доза на алдехид во количина што претходно не била користена. Еден од алдехидите мириса на сапун и веројатно тоа е она што ја привлекло Коко, меѓу другите состојки.

Ги повикала Бо и уште неколку пријатели во популарен ресторан на ривиерата за да прослават и одлучила со парфем да ја испрска масата и сè околу неа. Секоја жена што поминувала, застанувала и прашувала каков е тој мирис и од каде може да се купи. За Коко, тоа било потврда дека парфемот ќе биде револуционерен.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот