X
 01.09.2021 Наука

Ајкула родила бебе без да има контакт со мажјак

Во аквариумот „Кала Гононе“ на Сардинија, Италија, се случил феномен. Ајкула родила бебе во резервоар во кој последните десет години живеела со други женки-ајкули. Ајкулата немала никаков контакт со мажјак, пренесуваат италијанските медиуми.

Ова можеби е првиот ваков пример кај овој вид ајкули. Новородената ајкула била наречена Испера, што значи надеж на сардиниски.

Се претпоставува дека станува збор за случај на партеногенеза, што е асексуално размножување за кое не е потребна сперма за да се оплоди јајце-клетката. Партеногенезата била забележана кај некои рептили, риби и птици што нормално се размножуваат сексуално.


Таа била забележана и кај други ајкули, но никогаш кај овој вид што живее во италијанскиот аквариум, чие латинско име е mustelus mustelus.

Демијан Чапмен, директор на програмата за зачувување ајкули и раи во лабораторијата и аквариумот „Моут марин“ во Флорида, објаснил дека партеногенезата можеби е последен обид за женките да се размножат доколку не може да најдат партнер. Во аквариумите, одвојувањето на машките и женските единки може да го поттикне ова кај женките, но ова е само хипотеза.

Дополнителни анализи на ДНК-примероци од мајката и бебето ќе дадат повеќе информации.

Извор: Interesting Engineering

Фото: Pixabay

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука