X
 25.05.2021 Наука

„Бавен“ земјотрес што траел 32 години во 19 век

Истражувачи од технолошкиот универзитет „Нанјанг“ во Сингапур откриле дека на катастрофален земјотрес во индонезискиот остров Суматра во 1862 му претходел таканаречен „бавен“ земјотрес кој траел 32 години. Откритието е објавено во списанието „Нејчр џиосајенс“.

Ова е најдолгиот бавен земјотрес што досега е откриен. Истражувачите предупредуваат дека моменталните модели за предвидување на земјотреси можеби не вклучуваат клучен индикатор за големи земјотреси.

Бавните земјотреси, познати и како настани со бавно пролизгување, се јавуваат кога тектонските плочи се лизгаат едни спроти други со мала брзина без да предизвикаат големи потреси.


Фото: Pixabay

Истражувачите што стигнале до откритието всушност го проучувале нивото на морето покрај брегот на Суматра низ историјата. Тие откриле дека од 1829 до 1861 г., кога се случил земјотресот во Суматра, југоисточната страна на островот Симелуе тонела побргу од очекуваното, што е знак за бавен земјотрес, односно настан со бавно пролизгување.

Бавниот земјотрес создавал притисок во плиток дел на кој се среќавале двете тектонски плочи, а подоцна бил пренесен во подлабок дел во близина, што кулминирало со големиот земјотрес во Суматра во 1861. Земјотресот бил со јачина од 8,5 степени според Рихтеровата скала и предизвикал цунами. Починале илјадници луѓе.


Фото: Pixabay

Новото откритие дека бавните земјотреси доведуваат до силни земјотреси почесто отколку што се мислело може да се искористи за подобрување на моделите за предвидување на вакви настани.

Истражувачите предупредиле и дека во моментов можеби има бавен земјотрес во островот Енгано во Индонезија, кој се наоѓа на околу 100 километри од Суматра.

Автор: Крис Јанг
Извор: interestingengineering.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука