X
 01.10.2020 Образование

Бруцоши, со лесно! Прв академски час - главно онлајн, а некаде свечено на отворено

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство со редовна настава ќе почне од 5 октомври. Распоредот на часови за првата недела ќе биде објавен најдоцна до крајот на неделава, а наставата комплетно ќе се одвива преку системите за далечинско учење на ФИНКИ, без физичко присуство на факултетот

Први октомври е датумот кој на новите студенти им носи возбуда, страв, трема. Исправени пред новото, пред очекувањата се неколку илјади бруцоши кои од денеска ќе го живеат својот студентски живот. Поради Ковид-19, повеќето факултети избираат да не прават собирања на студентите или тоа да се случува на отворено, таму каде што има помал број студенти и има услови.

Како ќе почне новата академска година?

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, во 11 часот ќе се обрати пред студентите на Правниот факултет во Скопје. Во 12:30 часот на платото во универзитетскиот кампус, Филозофскиот факултет свечено ќе го одбележи првиот академски час на стотата генерација студенти. Ќе се обратат деканот Ратко Дуев, ректорот Јанкуловски и министерката за образование и наука Мила Царовска.


На Факултетот за електротехника и информациски технологии нема да се одржи класичен прв академски час. Наместо тоа, утре и задутре ќе бидат организирани денови за ориентација на новите студенти на ФЕИТ, организирани во помали групи. Во секој од предвидените термини ќе има обраќање на деканот, студентите ќе ги добијат индексите, ќе бидат информирани за начинот на одвивање на наставата, ќе имаат можност да ги посетат факултетските лаборатории, а од постарите колеги ќе можат да добијат многу корисни информации поврзани со студентскиот живот на ФЕИТ. Настаните ќе се организираат во амфитеатарот на факултетот со почеток во 10 и во 12 часот.

- Новозапишаните студенти во изминатите три седмици имаа можност да следат онлајн-подготвителна настава по предметите математика, физика и програмирање на „Зум“, интегрирана во факултетскиот портал за учење е-курсеви. Наставата ја спроведоа наставниците и соработниците од ФЕИТ. На тој начин новите студенти имаа можност да се запознаат со овој начин на изведување на наставата, кој ќе се практикува во текот на зимскиот семестар. За да можат да се запознаат со предметните наставници и соработници, за овие студенти на 5 и 6 октомври ќе бидат организирани часови со физичко присуство, а веќе од 7-ми наставата ќе се одвива онлајн. За студентите од погорните години редовната настава ќе започне в понеделник и ќе се одвива онлајн. За одделни предмети предвидено е лабораториските вежби да се одвиваат со физичко присуство на студентите во факултетските лаборатории - информираат од ФЕИТ.

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство со редовна настава ќе започне од 5 октомври. Распоредот на часови за првата недела ќе биде објавен најдоцна до крајот на неделава, а наставата комплетно ќе се одвива преку системите за далечинско учење на ФИНКИ, без физичко присуство на факултетот. Ќе организираат термини за запознавање на новите студенти од прва година со предметните професори. Овие часови ќе се одржат во дворот на кампусот на факултетот под отворено небо.

- Во текот на 10 работни дена секоја од паралелките од прва година ќе дојде еднаш на само еден ден во Скопје, во дворот на кампусот. Во текот на тој еден ден групата ќе има полчасовни средби со 5 професори и 5 асистенти од петте предмети што ќе ги слуша во семестарот. Средбите ќе започнат подоцна во денот, околу 10 ч. и ќе завршат навреме, за да може утрото да се допатува до Скопје и попладне да се замине, за да нема потреба од ноќевање. Точните денови кога ќе се организираат овие еднодневни средби ќе зависат и од временските услови - велат од ФИНКИ.

Академската 2020/2021 година Факултетот за земјоделски науки и храна официјално ќе ја започне на 5 октомври во 11 часот, со обраќање на деканот проф. д-р Вјекослав Танасковиќ до новата генерација на студенти, посакувајќи им добредојде и успех во студирањето на оваа институција која продуцирала голем број генерации агрономи.

- Свеченото доделување на индексите на 10-те прворангирани со најдобар успех во прва година ќе се изврши на отворено, пред влезот на ФЗНХ, во присуство на наставниот и соработничкиот кадар. Потоа, сите нови студенти ќе се запознаат со предметните наставници согласно објавениот распоред на настава за зимскиот семестар - ни појасни проф. д-р Ромина Кабранова. 

Проф. д-р Огнен Марина на отворање студентска изложба (фото: Архитектонски факултет)

Новата академска година на Архитектонски факултет ќе започне со свечен прв час за студентите од прва година, кој ќе се одржи во дворот на факултетот, со почитување на сите протоколи за јавни настани, вели деканот Огнен Марина.

- Сметаме дека е особено важно новите студенти да се сретнат и да се запознаат со едукативниот простор на факултетот, за во моментот кога ќе заврши здравствената криза да се вратиме и да ја продолжиме традицијата на размена и натпревар на идеи помеѓу сите колеги во академската заедница - вели проф. д-р Марина.

Имајќи ја предвид ситуацијата со пандемијата на коронавирусот, сите студенти на Градежниот факултет што не можат да присуствуваат на свечениот час во 11 часот во амфитеатар ќе можат да го следат настанот преку видеоконференциската платформа „Зум“, вели проф. д-р Златко Зафировски.

Технолошко-металуршки факултет ќе го одржи првиот академски час за своите бруцоши во предавална во 11 часот. Наставата на овој факултет во зимскиот семестар ќе се одвива комбинирано. Предавањата ќе се изведуваат онлајн, на повеќе начини, со електронска интеракција наставник-студент, преку пакетот Мајкрософт 365 или Мoodle или на постојните смарт-табли на факултетот, вели деканката Јадранка Блажевска-Гилев. 

- Лабораториските вежби ќе се реализираат со физичко присуство во помали групи според распоред и протоколи за заштита, комбинирано доколку предметниот професор оцени дека постои можност за успешно изведување или на алтернативни начини на изведување. Испитната сесија ќе се одвива согласно предвидениот календар на активности со физичко присуство или со онлајн-интеракција наставник-студент преку постојните платформи - вели проф. д-р Блажевска-Гилев. 

90 отсто од наставата на Факултетот за дизајн и технологии и мебел и ентериер ќе се одвива онлајн, извести деканот Зоран Трпоски. 

- Ќе го користиме „Тимс“. Бидејќи студентите имаа проблеми со сместување, свечениот час ќе се одржи на 5 октомври во 11 часот пред платото на факултетот, каде што ќе ги доделиме и индексите и ќе се избегне метеж - вели Трпоски.

Фото: УГД

Дел од факултетите во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип ќе организираат онлајн-пречек за студентите. Официјален прв академски час за бруцошите нема да се организира, велат од УГД. 

- Сепак, со завршувањето на третиот уписен рок се формираат групите што ќе слушаат настава наредниот семестар по распоред кој веќе е објавен на страницата на УГД. Така што, сѐ е спремно за почеток на наставата - вели проф. д-р Мишко Џидров, продекан за настава. И на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ нема да има централен настан. Ректорот Сашо Коруновски ќе се обрати на Факултетот за туризам во Охрид, кој годинава слави 50 години постоење, што го прави еден од најстарите факултети за туризам на Балканот.

Среќна и успешна академска година!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / Весна Ивановска-Илиевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование