X
 22.08.2019 Образование

Поблиску до УКЛО: Факултет за безбедност - Скопје

Факултетот за безбедност од Скопје е формиран во далечната 1977 година како единствен факултет од областа на безбедноста во поранешна Југославија. Сè до 1996 година, на факултетот студирале студенти од Република Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина.

Нов амфитеатар на Факултетот за безбедност

Дипломираните студенти биле и сè уште се столбот на безбедносниот систем во државата во која работат. Во нашата држава голем број високи полициски функционери, поранешни министри за внатрешни работи, директори во полицијата, началници, но и најголем дел од оперативните старешини дипломирале токму на Факултетот за безбедност.

Не е мал бројот на дипломирани студенти што своето работно место го нашле и во Министерството за надворешни работи, во дипломатијата, во Агенцијата за разузнавање, кои оставиле силен белег во функционирањето на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, во развојот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а дел од дипломираните кадри денес работат како полициски и воени пилоти. Исто така, сопственици, раководители, вработени во агенциите за приватно обезбедување и од други компании од приватниот сектор студиите во рамките на трите циклуси ги завршиле на Факултетот за безбедност.

1
Новиот амфитеатар на Факултетот за безбедност


На факултетот предавале и предаваат еминентни професори по криминалистика, полициски науки, право, безбедност и други релевантни области, доминантно во рамките на општествените науки. Во наставата на факултетот се вклучени многубројни стручњаци од практиката, но и професори по покана од земјата и странство.

Многу влијателни дипломати со свои видувања за актуелните безбедносни случувања се дел од наставните и воннаставните активности на факултетот.

Во наставата и учењето на Факултетот за безбедност-Скопје посебно внимание се посветува на воведувањето стандарди за квалитетот на студиските програми, на изборот и селекцијата на академскиот кадар, на начинот за доследно оценување на студентите и вреднување на нивните активности во рамките на наставата и факултативните активности, на информирање на студентите, на потребите за обезбедување на наставните материјално-технички ресурси и на развојот на меѓународната соработка.

2
Промоција на дипломирани и магистрирани студенти


Факултетот за безбедност е препознатлив и по Меѓународната научна конференција, која традиционално се одржува секој јуни во Охрид, како и по други конференции, стручни и научни собири. Значајни се и истражувањата што се спроведуваат, а кои се однесуваат на суштински активности и воведување иновативни пристапи во работењето на безбедносните институции, но и предлозите што помагаат во подобрување на односите помеѓу институциите и заедницата. Нашите професори, преку барањата на безбедносните институции, се сè повеќе препознатливи во јавноста и имаат значајна улога во креирањето на законските, организациските и други видови решенија.

3

Факултетот е препознатлив и по издавачката дејност. Најголем дел од основната и дополнителната литература за прв циклус студии е авторство на наставниците на факултетот. Секој студент на почетокот на семестарот, по исклучително прифатливи цени, добива пакет на книги за предметите што се изучуваат во семестарот.

Факултетот спроведува настава на сите циклуси студии. Така, на првиот циклус студии присутни се студиските програми Криминалистика, Безбедност, Криминологија и криминална политика и Безбедност и евроатлантски интеграции.

4

На вториот циклус студии застапени се студиските програми Криминалистика, Кризен менаџмент, Безбедности и финансиска контрола, Форензички науки и Безбедност. Кај последната, покрај стандардните 120 кредити, има можност студентите да се запишат на академските и на специјалистичките студии по безбедност кои носат 60 кредити.

4

Факултетот има потпишано многубројни меморандуми за соработка со домашни и странски институции и организации. Покрај поголемата видливост на активностите на факултетот, тоа е добра можност за интензивирање на соработката со институциите од практиката, преку обезбедување примена на научните резултати, и етаблирање на факултетот во рамките на општеството и меѓународната научна и стручна безбедносна заедница.

5
Меѓународна научна конференција, Охрид 2019


Согласно Конкурсот за запишување студенти во студиската 2019/20 година, на Факултетот за безбедност има 400 слободни места за запишување на следните студиски програми:

а) Криминалистика – 180 студенти.

б) Безбедност – 90 студенти.

в) Криминологија и криминална политика – 90 студенти.

г) Безбедност и евроатлантски интеграции – 40 студенти.

Студиските програми на студентите им нудат можност да ги проучуваат прашањата на безбедноста од различни аспекти и да се стекнат со знаења и вештини кои можат да ги користат во развојот на нивната кариера во полицијата и другите безбедносни институции во државата.

6
Прв академски час

Користејќи современа домашна и светска литература, студентите имаат единствена можност да ги проучуваат приликите во безбедноста, полициските науки, правото, криминалистиката, криминологијата и активно да учествуваат во процесот на совладување на знаењата. Покрај националниот контекст на безбедноста, во рамките на студиите се изучуваат европските институции што се одговорни за спроведување на законите, безбедноста и одбраната. Тоа особено се однесува на Европската агенција и нејзините агенции, тела и инструменти, НАТО, ОБСЕ, Советот на Европа и другите релевантни организации.

7

Потпишаните договори со многубројни министерства и други државни институции ја отвораат можноста студентите да се запознаат со начинот на работа и функционирањето на повеќето од нив преку реализација на практичната работа во нив. Па така, во летниот период, сите студенти во градовите од кои потекнуваат или таму каде што ќе изразат подготвеност, реализираат практична работа во подрачните единици на Министерството за внатрешни работи и во други партнерски институции од јавниот и приватниот сектор. Тоа се однесува на Управата за финансиска полиција, Управата за јавни приходи, Царинската управа, повеќе дирекции и агенции во системот на националната безбедност, но и странски владини организации со седиште во Скопје, како МАРРИ Регионалниот центар, Меѓународната организација за миграции и слично. Практична работа студентите остваруваат и во агенциите за приватно обезбедување.

8

Дополнително, обуката за логорување која се спроведува секоја година во близина на с. Лазарополе (Општина Маврово-Ростуша) со човечка и логистичка поддршка од посебните единици на полицијата, предизвикува особен интерес кај студентите и дава белег на студирањето од аспект на дружење, стекнување со полициски вештини за ракување со (AIRSOFT) оружје, движење по терен и престојување во природа.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование