Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам Северна Македонија) во соработка со Американско–грчката стопанска комора (АмЧам Грција) и со поддршка на амбасадите на САД во Скопје и во Атина, ја организира својата прва трговска мисија на компании од Република Грција во Република Северна Македонија.
Трговската мисија ќе се одржи на 21 и 22 март во хотелот „Double Tree by Hilton Skopje“, а целта е да се претстават можностите за инвестирање во нашата држава, како и да се воспостави деловна соработка помеѓу домашните компании со компании од соседна Грција.
Во текот на првиот ден ќе бидат претставени можностите за инвестирање кои Владата на Северна Македонија ги нуди за странските и домашните инвеститори, додека вториот ден ќе бидат организирани директни средби помеѓу компании од Грција и Северна Македонија кои дејствуваат во индустриските сектори: агротехнологија, логистика, производство, технологија и иновации, енергетика, туризам, градежништво и инфраструктура. Во рамките на настанот ќе бидат посетени и две компании, странски инвестиции, од Грција и од САД.
- Градењето одржливи партнерства и можности за соработка е во основата на функционирањето на АмЧам организациите низ светот и иницијативите од овој вид се главен приоритет на АмЧам Северна Македонија во изградбата на подобар деловен екосистем за нашата земја - вели Драган Давитков, претседател на Бордот на директори на АмЧам Северна Македонија, во пресрет на одржувањето на трговската мисија.
Трговската мисија следува по билатералниот состанок на АмЧам Северна Македонија и АмЧам Грција, кој во септември минатата година беше одржан во Солун во рамките на Енергетскиот форум на Југоисточна Европа, кога беа поставени и рамките за засилена билатерална економска соработка што ќе вклучува иницијативи за зголемени трговски релации и унапредена деловна соработка помеѓу Грција и Северна Македонија.
(Комерцијална објава)